Ал-Хилал го совлада Ал-Аин, Нејмар за прв пат беше на теренот по повредата

Ал-Хилал вчеравечер го победи Ал-Аин (Обединети Арапски Емирати) на гостински терен во натпреварот од 3. коло на азиската Лига на шампиони со 5:4. Клубот од Саудиска Арабија играше со фудбалер помалку од 82. минута.

Хет-трик за гостите на оваа средба постигна Салем Ал-Досари, а по еден гол постигнаа и Ренан Лоди и Сергеј Милинковиќ-Савиќ. Домаќините постигнаа голови преку Матео Санабрија и Суфјан Рахими кој постигна два гола од игра и еден од пенал.

Напаѓачот на Ал Хилал, Нејмар, за прв пат по една година влезе на теренот. Во 77. минута 32-годишниот Бразилец влезе на местото на Ал-Досари. Фудбалерот не учествуваше на натпреварите по повредата на коленото, која ја доби во октомври 2023 година на натпреварот за бразилската репрезентација против Уругвај (0:2) на квалификацискиот турнир за Светското првенство 2026 година.

Ал-Хилал има 9 бода и е лидер во поредокот на Западна дивизија, Ал Аин со еден бод е претпоследен (11. место).

Анкета: Нова демократија стабилна на првата позиција, ПАСОК на втората, СИРИЗА петта

Нова демократија стабилна на првата позиција, ПАСОК на втората, СИРИЗА петта политичка сила во Грција.

Грчката владејачка партија Нова демократија со 25 отсто е стабилна на првата позиција, ПАСОК е втора со 9,7 проценти помалку, потоа следат десничарско-националистичката Грчко решение и Комунистичката партија, а СИРИЗА е петта политичка сила во земјата, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење во Грција спроведено од агенцијата „Алко“ за грчката телевизија „Алфа“, јави дописничката на МИА од Атина.

Во однос на тоа дали граѓаните се оптимисти дека ситуацијата за нив и нивното семејство во иднина ќе се подобри, 44 отсто сметаат дека состојбата ќе биде полоша, а исто толку дека ќе остане иста, додека пак за резултатите на владината политика, 53 проценти велат дека не се воопшто задоволни.

На прашањето која од опозициските партии може да понуди кредибилна владина алтернатива, речиси половина од анкетираните (49 проценти) одговориле „никоја“, а 21 отсто ја избрале ПАСОК.

Истражувањето на јавното мислење од агенцијата „Алко“ за грчката телевизија „Алфа“ било спроведено од 15 до 19 октомври со анкетирани 1.003 лица.

Прва сесија на Буџетскиот форум: Граѓаните на Општина Центар го креираат општинскиот буџет

Градоначалникот Герасимовски во своето обраќање се осврна на досегашните постигнувања, а ги претстави и амбициозните проекти за наредната година: реконструкција на салата Работнички, улиците „Светозар Марковиќ“ и „Дебарца“, и новата општинска зграда

Општина Центар го започна процесот на планирање на буџетот за 2025 година со првата граѓанска форумска сесија, на која учествуваа градоначалникот Горан Герасимовски, раководителите на сите сектори на општинската администрација, советниците од Советот на општината, претставници на невладини организации и жителите на општината.

Градоначалникот Герасимовски во своето обраќање се осврна на досегашните постигнувања, а ги претстави и амбициозните проекти за наредната година: реконструкција на салата Работнички, улиците „Светозар Марковиќ“ и „Дебарца“, и новата општинска зграда.

„Сакам да најавам голем проект кој го планиравме и кој беше дел од нашите ветувања – изградба на нова зграда на Општината. Убеден сум дека ќе успееме да најдеме време и финансии за да го отпочнеме овој значаен проект. Пред неколку недели заврши и конкурсот за идејно решение. Верувам дека со заеднички сили ќе успееме наредната година да ја отпочнеме ветената општинска зграда“, истакна Герасимовски.

На форумот граѓаните активно се вклучија во дискусијата, изнесувајќи предлози и барања, а потоа имаа можност да разговараат директно со претставниците од секторите за можните решенија.

Нивните предлози се однесуваат на воведување униформи за учениците, создавање единствена комуникациска е-платформа за училиштата во Општина Центар, општинскиот Црвен Крст Центар иницираше хуманитарни паркинзи, каде средствата собрани од паркирањето ќе бидат наменети за хумани цели, предложен е и посилен надзор врз детските игралишта, воведување мерачи за бучавата и комунална полиција.

Во делот на инфраструктурните проекти со општинската администрација граѓаните предложија, реконструкција на улицата „50 Дивизија“ и изградба на градинка на истата улица, ново основно училиште во населбата Дебар Маало 2 кај салата Партизан, целосна реконструкција на паркингот кај Дом на градежници, реновирање на патеката од ул. „Даме Груев“ до Палома Бјанка со замена на разнишаните плочки и нестабилните шахти, обезбедување безбедни коридори до училиштата и градинките со фокус на тротоарите без пристапност, замена на опремата во детските игралишта во Општина Центар, поплочување на улиците на Кале, како и подобрена пристапност за лицата со попреченост.

До крајот на годината ќе се одржи уште една финална граѓанска буџетска сесија, а во меѓувреме, предложените идеи и иницијативи ќе бидат разгледани и анализирани. Целта на овие форуми е

да се обезбеди учество на граѓаните во планирањето и реализацијата на буџетот за 2025 година, преку креирање приоритети на транспарентен начин.

Општина Центар

Минималната синдикална кошница за октомври изнесува 61.249 денари

 Вредноста на Синдикалната минимална кошница за месец октомври 2024 година изнесува 61.249,00 денари, информираат од Сојузот на синдикати на Македонија. Со изнајмен стан од 60 м2 за октомври кошницата изнесува 76.624,00 денари.

Споредено со вредноста на синдикалната минимална кошница за септември 2024 година која изнесуваше 61.306,00 денари е намалена за 57,00 денари.

-Значајно е да се нагласи дека мерката на Владата за ограничување на висината на маржите даде дел од посакуваниот резултат, но, поради алчноста за профит кај трговците што Државата мора да го заузда, тие, кога разбраа за намерата на Владата за оваа мерка ги зголемија цените на сите производи, а ова го потврдуваме и со растот на вредноста на делот за храна и пијалоци во Синдикалната минимална кошница за повеќе од 717 денари за минатиот месец септември, а во истата во делот ка храна и пијалоци во месец октомври 2024 година која изнесува 22.069,00 денари споредено со месец септември 2024 година ( 23.034,00 денари) е намелана за 965,00 денари, велат од ССМ.

Според нив, ова потврдува дека цените треба уште да се намалуваат, а нивното зголемување нема никаква поврзаност со економската логика, ниту пак со здравиот разум, туку, како што велат, има поврзаност само со алчноста која е се поизразена во Македонија.

Од ССМ сметаат дека при креирањето на мерките Владата треба да го вклучи синдикатот за тие да бидат подобри, имајќи предвид дека во последната мерка 47 категории на производи од 70, беа превземени од Синдикалната минимална кошница која ја подготвува ССМ, а за кои го имаат движењето на цените во секој месец од почетокот на годината. Од ССМ сметаат дека се потребни поголеми контроли и доколку е потребно и казни за несовесните трговци кои се богатат на грбот на работниците и граѓаните.

притисни ентер