Пендаровски: „Рекет" круцијален тест, не смеат да се толерираат никакви странични влијанија

Аферата „Рекет" е круцијален тест за системот на правната држава и треба да се реши темелно до крај не заради Европа, туку, пред с, заради нас самите. 

Не смееме да ги толерираме евентуалните странични влијанија без разлика од која страна доаѓаат.

Ова е порака што денеска ја испрати претседателот Стево Пендаровски на Третата пленарна сесија на Националната конвенција за Европската унија во Република Македонија, што се одржува во Собранието.

Како разочарувачка тој ја спомена состојбата што од осамостојувањето на земјава до денес има многу малку пресуди за случаи за висока корупција и изречени соодветни санкции. – А сите знаеме дека такви злоупотреби има многу. Овој факт говори дека високиот криминал и корупција биле прикривани и сме етаблирале култура на неказнување, рече Пендаровски и додаде дека секаде каде што има политички мешања во бизнисот, економијата трпи, малкумина се богатат под сомнителни околности, а народот страда.

-Треба да им дадеме максимална поддршка на нашите институции во борбата против корупцијата, со цел културата на неказнивост да стане минато, истакна Пендаровски.

Најдобри резултати од примената на препораките на ГРЕКО земјава постигнувала во 2002 и 2005 година, но, како што забележа претседателот, од 2010 година резултатите се се послаби за да во последниот извештај бидеме оценети дека сме на незадоволително ниво.

-Нешто не е во ред со имплементацијата на терапијата. Потребна е далеку поголема енергичност и посветеност, граѓаните со право сметаат дека институциите во државата не си ја вршат својата работа на најдобар можен начин. Во борбата против криминалот и корупцијата не може да има добри резултати ако нема системско справување и вредносен систем, којшто ќе биде изграден по европски критериуми, за што е потребна јасно изразена волја на сите политички чинители во државата, нагласи Пендаровски.

За успешно справување со криминалот и корупцијата, порача шефот на државата, потребно е обединување на сите, од власта опозицијата, бизнис секторот, граѓанските здруженија.

-Правната држава и владеењето на правото не смеат да бидат празна флоскула, рече Пендаровски и додаде дека мора да има навремена реакција целосно заштитена од политички влијанија.

Како што додаде напорите на ДКСК не се доволни, нејзината работа треба да ја следат добро подготвено Јавно обвинителство и силно правосудство.

Нагласи дека извесни се членството во НАТО и отпочнувањето на преговорите со ЕУ, но додаде дека на земјата пред се и е потребно градење амбиент во кој политичарите нема да претставуваат посебна категорија на луѓе, за кои нема да важат законите.

Фејсбук и Инстаграм ги прекршиле регулативите на ЕУ, следи истрага

Фејсбук и Инстаграм ќе бидат предмет на истрага за можни прекршувања на регулативите на ЕУ за онлајн содржини поврзани со безбедноста на децата, објави во четвртокот Европската комисија.

Од социјалните мрежи на Мета се бара да направат повеќе за борба против нелегалната и штетна содржина на нивните платформи според Законот за дигитални услуги на Европската унија (DSA), кој е во сила од минатата година.

Европската комисија објави дека одлучила да отвори детална истрага за Фејсбук и Инстаграм поради загриженоста дека тие не реагирале соодветно на ризиците за децата. Мета поднесе извештај за проценка на ризикот во септември.

„Комисијата е загрижена дека системите на Фејсбук и Инстаграм, вклучувајќи ги и нивните алгоритми, можат да стимулираат зависни однесувања кај децата, како и да создадат таканаречени „ефекти на зајачка дупка“, се вели во соопштението на Европската комисија.

Дополнително, Комисијата е загрижена и за методите за проверка на возраста на корисниците воведени од Мета.

Од друга страна, Мета тврди дека веќе има бројни онлајн алатки за заштита на децата.

„Сакаме младите луѓе да имаат безбедни онлајн искуства соодветни за возраста“, рече портпаролот на компанијата, истакнувајќи дека тие поминале една деценија работејќи на повеќе од 50 алатки и политики насочени кон заштита на децата.

„Ова е предизвик со кој се соочува целата индустрија и со нетрпение очекуваме да ги споделиме деталите за нашата работа со Европската комисија.

Мета веќе е под лупа на ЕУ за изборни дезинформации пред важните избори за Европскиот парламент следниот месец. Прекршувањето на „DSA“ може да резултира со казни до 6% од годишниот глобален промет на компанијата.

Извор: Б92

Манчестер сити четврти пат по ред шампион на Англија

Манчестер сити е шампион на Англија во сезоната 2023/24. 

Во натпреварот од 38. коло „Граѓаните“ на домашен терен го победија Вест Хем (3:1). Двоен стрелец беше Фил Фоден. Играчот од средниот ред погоди во 2. и 18. минута. Родри постигна уште еден гол од додавањето на Фоден во 59. минута.

Стрелец на единствениот гол за гостите беше Мохамед Кудус (42. минута).

Манчестер сити заврши на првото место во Премиер лигата со 91 бод пред Арсенал кој собра 89. Тимот на Пеп Гвардиола ја освои шампионската титула четврти пат во низа. Покрај тоа, ова е шеста титула за Гвардиола во Премиер лигата.

Вкупно Манчестер сити има 10 трофеи. По бројот на шампионски титули, пред Сити се само Арсенал (13), Ливерпул (19) и Манчестер јунајтед (20).

Вест Хем ја заврши сезоната на деветтото место на првенствената табела. /МИА

Сасуоло испадна од Серија А по 11 сезони во првата лига

Сасуоло испадна од италијанската Серија А. Денес  тимот загуби на домашен терен од Каљари (0:2) во натпреварот од 37. коло на најсилното фудбалско првенство во Италија.

Попладнево Удинезе и Емполи ремизираа (1:1) и се одлепија од Сасуоло на недостижни 4, односно 5 бода на едно коло пред крајот на првенството. Сасуоло (29 бодови) е претпоследен во поредокот.

Сасуоло стигна до Серија А во 2013 година. Оттогаш, тимот помина 11 сезони во највисоката дивизија.

Претходно Салернитана рано испадна од Серија А.

Третиот тим кој ќе ја напушти елитата ќе се бара помеѓу екипите на Емполи, Удинезе, Фросиноне, Верона и Каљари./МИА

притисни ентер