Промените најчесто се јавуваат на лактите, колената и скалпот, но може да се појават и на кој било друг дел од телото. Не постои лек за псоријаза, но преземањето соодветни чекори навреме може значително да помогне да се контролираат симптомите и да се намали создавањето на лушпи на кожата.
Во одредени случаи, неопходно е значително да се прилагодат животните промени и исхраната доколку имате псоријаза. Дерматолозите и диететичарите за „Eating Well“ идентификуваа кои промени во исхраната и во начинот на живот луѓето со псоријаза треба да ги земат во предвид.
„Псоријазата не е само состојба на кожата. Тоа е болест со потенцијални внатрешни манифестации како што се артритис, метаболички синдром, депресија, па дури и зголемен ризик од рак. Терапијата треба да вклучува третман на воспалението на кожата, како и третман на внатрешната состојба“, објаснува дерматологот Гери Голденберг за „Eating Well“.
Јадете урамнотежена исхрана
Хроничното воспаление е клучно во псоријазата, а изборот на исхрана може да помогне да се намали или да се влоши тоа воспаление. Како што известува Eating Well, една студија од 2022 година објавена во списанието Nutrients сугерира дека исхраната богата со овошје, зеленчук, интегрални житарки и омега-3 масни киселини, истовремено избегнувајќи алкохол, црвено месо и преработена храна, може да помогне во справувањето со псоријазата.
„Урамнотежената исхрана може да помогне да се намали воспалението во третманот на псоријазата, балансираната исхрана исто така го зајакнува имунолошкиот систем и го подобрува здравјето на кожата. Покрај тоа, индексот на телесна маса (БМИ) што укажува на прекумерна тежина или дебелина, е поврзан со потешките форми на псоријаза. Одржувањето на здрава тежина преку урамнотежена исхрана може значително да ја намали сериозноста на симптомите“, вели диететичарот Триста Бест.
Линдзи Бордоне, асистент професор на Одделот за дерматологија на Универзитетот Колумбија, за порталот истакнала: „Кај пациентите кои развиваат псоријаза откако ќе се здебелат, губењето на тежината може значително да ги намали симптомите. Во некои случаи, губењето на тежината може да доведе до значително помала псоријаза или враќање на кожата во почетната состојба."
Фокусирајте се на противвоспалителни намирници
Вклучувањето на противвоспалителни намирници во секојдневна исхрана е клучно за справување со псоријазата. Овошјето, зеленчукот, мешунките, рибата и интегралните житарки, го намалуваат воспалението и обезбедуваат клучни хранливи материи за регенерација на кожата и поддршка на имунолошкиот систем.
„Најдобро е да вклучите лиснат зеленчук, бобинки, домати и разнобоен зеленчук поради нивната содржина на антиоксиданси. Внесете масна риба во исхраната, како лосос, скуша и сардини или растителни извори на омега-3 масни киселини како ленено семе, чиа, ореви за да го намалите воспалението“. – тврди жената диететичар Триста Бест.
Голденберг додава дека диетата без глутен може да им помогне на некои луѓе. „Студиите сугерираат дека диетата без глутен може да ги намали симптомите на псоријаза дури и кај луѓе кои немаат алергија на глутен. Водењето дневник за исхраната со цел да се идентификуваат предизвикувачите исто така може да биде корисно“, објаснува тој.
Избегнувајте да јадете храна што ја влошува состојбата
Одредени намирници може да го влошат воспалението и да предизвикаат избивање на псоријазата. Бордоне тврди дека „алкохолот и стресот се двата најголеми предизвикувачи на псоријаза. Иако стресот е тешко да се контролира, избегнувањето алкохол е едноставна, но и значајна промена што можете да ја направите“.
Вообичаени предизвикувачи се преработената храна, шеќерот, црвеното месо и глутенот. „Следењето на внесената храна и симптомите може да ви помогне да разберете како одредена храна влијае на вашата состојба“, истакнува диететичарот Бест.
Бидете физички активни со редовно вежбање
Како што известува Eating Well, според прегледот од 2022 година, редовното вежбање има бројни придобивки за луѓето со псоријаза, тоа придонесува во одржувањето на здрава тежина, во намалувањето на стресот и подобрувањето на расположението. Имајте предвид барем 150 минути умерена физичка активност неделно или 75 минути интензивни физички вежби неделно.
„Вежбањето е клучно во справувањето со стресот и во зајакнувањето на имунолошкиот систем. Стресот е познат предизвикувач на псоријаза, а редовната физичка активност може да помогне да се намали“, вели Бордоне.
Ефикасно справување со стресот
Голденберг истакнува дека „намалувањето на стресот е клучно. Едноставните практики како медитација, јога или длабоко дишење можат да помогнат во регулирањето на нивото на кортизол и намалување на воспалението“.
Обезбедете доволно квалитетен сон
Не е тајна дека квалитетниот сон е клучен за здрав имунолошки систем и поздрава кожа. „Спиењето е еден од најважните фактори во справувањето со автоимуните состојби како што е псоријазата“, истакнува Бордоне. Националниот институт за здравје препорачува спиење од седум до девет часа ноќе за оптимално здравје.
Стратегиите за подобар сон вклучуваат доследно време на заспивање и будење, рутина пред спиењето, избегнување екрани пред да спиете и ограничување на консумацијата на алкохол во доцните часови, известува Eating Well.