Популарноста на Зеленски значително се намали во 2024 година, според истражување

Поддршката за украинскиот лидер, кој е на функција од 2019 година, е поголема во западнитеи централните украинските региони релативно поштедени од војната.

Мнозинството Украинци сè уште го поддржуваат претседателoт Володимир Зеленски, речиси три години по целосната инвазија на Русија, иако оваа поддршка значително се намали во текот на изминатата година, според резултатите од истражувањето објавено денеска од Mеѓународниот институт за социологија во Киев.

Институтот спроведе телефонско истражување на 2.000 луѓе кои живеат на територијата под контрола на Украина, во периодот од 2 до 17 декември - околу еден месец по победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД, што повторно ги поттикна шпекулациите за можни мировни преговори со Москва.

Според резултатите од истражувањето на крајот на 2024 година 52 отсто од анкетираните Украинци рекле дека „имаат доверба“ во Зеленски, број што нагло се намали од крајот на 2023 година (77 проценти), што ја одразува загубата на поддршката за украинскиот претседател по речиси три години војна со висок интензитет.

Поддршката за украинскиот лидер, кој е на функција од 2019 година, е поголема во западните (60 отсто) и централните (52 отсто) украинските региони релативно поштедени од војната, во споредба со оние на исток (само 42 отсто) и во југ (46 проценти), каде што се водат најголем дел од борбите.

Според истражувањето, речиси 39 отсто од Украинците сега велат дека „немаат доверба“ во Зеленски, што е речиси двојно повеќе од цифрата за декември 2023 година (22 проценти).

Украинскиот претседател беше избран во април 2019 година, ветувајќи дека ќе продолжи со мирот со Русија. Неговиот рејтинг потоа се намали пред да се зголеми на речиси 90 отсто по целосната инвазија на Русија во 2022 година./МИА

Италијанската новинарка Сала ослободена од затвор во Иран

Италијанската новинарка Сесилија Сала, која од 19 декември беше во притвор во Иран, е ослободена и денеска патува кон дома, соопштија италијанските власти.

- Сала полета од Техеран по интензивната работа на дипломатските и разузнавачките канали, истакна италијанската премиерка Џорџа Мелони.

Новинарката на италијанскиот дневен весник „Ил Фиљо“ (Il Foglio) беше уапсена во Техеран на 19 декември, три дена откако пристигна во земјата. Таа е обвинета за кршење на законите на Иран.

Италијански претставници шпекулираат дека приведувањето и ослободувањето на Сала ќе биде искористено во преговорите за ослободување на Мохамед Абедини, кој на 16 декември беше уапсен на аеродромот во Милано, по американска потерница.

Министерството за правда на САД го обвини Абедини и уште тројца Иранци дека доставувале технологија за производство на дронови, што се користени во напад врз американски воен пункт во Јордан во јануари минатата година, при што загинаа тројца американски војници.

Абедини и понатаму е во притвор во Италија. /МИА

Мерц: Барањето на Трамп за издвојување 5 отсто од БДП за одбрана нема суштинско значење

Фридрих Мерц, потенцијален иден канцелар на Германија, изјави дека буџетските цели за одбрана треба да се засноваат на реални потреби, а не на апстрактни бројки. 

Неговата изјава следи по барањето на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, кој побара земјите на НАТО да издвојуваат 5 отсто од својот БДП за одбрана.

- Бројките од 2%, 3% или 5% се ирелевантни. Клучно е да ги правиме неопходните чекори за нашата безбедност“, изјави Мерц за германското радио „Бајерн 2“.

Мерц додаде дека Германија, иако формално ја има достигнато целта од 2 отсто, тоа се должи на специјалниот фонд формиран по руската инвазија врз Украина.

Според него, фокусот треба да биде на обновување на одбранбените капацитети на Германија и НАТО./МИА

Постојаното „пукање“ на прстите има долгорочни штетни последици

Навиката на крцкање на зглобовите, најчесто во прстите, е доста честа кај многу луѓе. Некои тоа го прават и „несвесно“ - како начин за ослободување од напнатост или, едноставно, поради миг на нервоза. 

Сепак, тоа може да има и сериозни долгорочни последици, а според некои стручњаци и теории, може, на пр., да се добие и артритис.

При крцкање на прстите, на пр., она што всушност се случува е ослободување на гас насобран во синовијалната течност којашто ги подмачкува зглобовите. Оваа течност содржи кислород, азот и јаглерод-диоксид. Со истегнување или свиткување на спојот се создава вакуум што предизвикува создавање меурчиња од гас коишто, всушност, го создаваат тој карактеристичен звук на „пукање“. Некои луѓе, следствено, може да развијат зголемена чувствителност на болка во рацете или во друг дел од телото поради постојаното оштетување на зглобовите предизвикано од оваа навика, пишува босанскиот портал „Кликс“.

Иако тоа „пукање“ не е нужно штетно ако е поретко, и не предизвикува веднаш болка, честопати води до долгорочни и долготрајни проблеми со зглобовите и мускулите.

Имено, тоа крцкање може да доведе до хронично воспаление на зглобовите. Честото повторување на оваа навика, може да го иритира ткивото. Тоа ги ослабува мускулите и лигаментите околу зглобот, затоа што долгорочно ја менува природната биомеханика на прстот. И, тоа влијае на неговата стабилност.

Постојаното оптоварување на зглобовите, исто така, може да го зголеми ризикот од повреди, исчашување или истегнување. Ослабените зглобови се поподложни на оштетување во секојдневните работи.

Иако не постојат убедливи докази коишто директно го поврзуваат крцкањето на зглобовите со артритисот, некои доктори веруваат дека прекумерното „пукање“ на прстите може да придонесе за „трошење“, па и кинење на зглобовите со текот на времето. /МИА

притисни ентер