Отворено ново студио за медиумски иновации на Правниот факултет „Јустинијан Први“

На Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје денеска беше отворено студиото во рамките на Центарот за иновации во медиумите кое има за цел да ја подобри практичната настава на новинарските студии и да привлече поголем број на студенти.

Деканот на Правниот факултет, „Јустинијан Први“ – Скопје, Сашо Ѓеоргиевски, на денешниот настан по повод отворање на студиото истакна дека ова е проект кој е посветен на унапредување на медиумското образование.

- Проект кој дојде во времето кога ние самите сериозно размислувавме што да правиме со новинарските студии. Новинарските студии одат надолу, нема интерес за нив. Јас сум сигурен дека преку центарот на идните генерации ќе има понудиме практична работа со учество на наши посветени пријатели, професионални новинари кои ќе ни помагаат да ги унапредуваме студиите. Целта на проектот е поширока, преку работата на центарот да ја покренеме свеста за значењето на новинарската професија, рече тој.

Амбасадорката на САД во Република Македонија, Анџела Агелер, истакна дека еден од клучните аспекти на поддршката на САД, покрај правосудството, се медиумите. Таа повика студентите да бидат менторирани проактивно.

- Сите знаеме дека новинар посветен на вештини и знаење е неопходен. Добро новинарство е нешто што сите можеме да го препознаеме. Структурите и платформите на медиумите се сменети драматично. Преку ова студио, ќе се креираат профили на новинари и ќе се инспирираат идните генераци и тие што се посветени да бидат пример за вистинито и транспарентно известување, рече амбасадорката.

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, истакна дека ова претставува многу значаен чекор за осовременување на студиите и новинарството воопшто.

- Денеска, додека ги отвораме вратите на ова студио во Центарот за иновации во медиумите, сакам да верувам дека отвораме и новата страница во начинот на студирање и изучување на новинарската професија. Една пресвртница која ќе донесе креативност, истражување и иновации во медиумскиот свет, рече министерот.

Ректорката на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ Скопје, Билјана Ангелова, истакна дека имајќи го предвид фактот дека новинарите се креатори на јавното мислење, неопходно е професионално новинарство, кое што ќе биде транспарентно и отчетно.

- Затоа е неопходен пристап до современи новинарски алатки и современа дигитална опрема, рече таа.

Дон Гилпин од Државниот универзитет во Аризона, Волтер Кронкајт школо за новинарство и масовни комуникации сподели дека во денешницата е неопходно да ја разбираме техологијата.

- Ако не ги разбираме технологиите тогаш ќе им служиме на луѓето кои ги разбираат и користат. Продукти како овој и целата програма што се случува се клучни за градење силно општество. Значајно е за факултетот кој ќе ги користи овие технологии за унапредување на учењето. Овој центар ќе служи како сврзно ткиво помеѓу Универзитетот, професионалните новинарски капацитети и јавноста, рече таа.

Раководителката на Центарот за иновации во медиуми, Правен факултет „Јустинијан Први“ Скопје, Јасна Бачовска Недиќ, го раскажа процесот на создавање на студиото и сподели дека првата цел, како што рече, е дополнување на новинарските студии, а втората привлекување на нови студенти.

- Ќе ја задржиме европска традиција на теорија, но ќе ја засилиме со американската теорија на вештини, истакна професорката.

Студиото е опремено со најсовремена опрема за создавање и уредување на медиумски проекти, со цел унапредување и осовременување на студиите по новинарство на Правниот факултет „Јустинијан Први" при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј" во Скопје, со поддршка од амбасадата на Соединетите Американски држави преку заеднички проект со Волтер Кронкајт школото за новинарство и масовни комуникации при државниот универзитет во Аризона.

Претседателката Сиљановска Давкова се обрати на Процесот Брдо-Бриони во Црна Гора

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска се обрати на пленарната сесија на состанокот на лидерите на земјите учеснички во Процесот Брдо-Бриони, што се одржува во Тиват, Црна Гора.

Во своето обраќање, претседателката Сиљановска Давкова се осврна на евроинтеграцијата, како приоритетен предизвик на земјите од регионот. Според неа, чекалната на Европската Унија наречена Западен Балкан се празни само на два начини: со интегрирање на земјите од овој гео-политички регион во ЕУ или преку иселување на луѓето, особено младите, кои, како што посочи, се уморни од чекањето за членство на нивните држави во Европската Унија и се интегрираат по брза постапка, по скратен пат, неретко и со пасош на туѓа држава.

Ваквата демографска закана, според претседателката, е опасна не само за економијата, туку и за демократијата, бидејќи, како што посочи, сѐ помалку граѓани значи и сѐ помал притисок врз властите за европски реформи, за владеење на правото и борба против корупцијата, за демократски вредности и почитување на човековите права и слободи.

„Процесот Брдо Бриони треба да ни помогне, оваа чекална наречена Западен Балкан да се испразни преку интегрирање на државите, а не мигрирање на граѓаните. Процесот ќе ја исполни својата цел тогаш кога и последната држава заглавена во овој гео-политички регион ќе стане полноправна членка на Унијата и кога жаргонот Западен Балкан ќе го испратиме во историјата, и тоа не подоцна од 2030-та година“, рече претседателката Сиљановска Давкова.

Претседателката посочи дека е неопходно сите земји да се третирани еднакво и напредувањето кон ЕУ да биде резултат на достигнувањето на европските реформи и критериуми поврзани со европското законодавство.

„Како држава што е посветена на добрососедството и регионалната соработка, ние ги почитуваме билатераланите договори со нашите соседи и очекуваме и нашите соседи да ги почитуваат договорите без да го злоупотребуваат правото на вето“, рече претседателката.

Таа пред лидерите на процесот Брдо-Бриони посочи на потребата за регионална соработка и регионално поддржување едни со други, по примерот на скандинавските земји, истакнувајќи дека тоа е неопходно за да можеме да се фокусираме на клучните проблеми на регионот.

„Веќе го спомнав иселувањето на младите. Кон тоа ќе ја додадам и потребата од инфраструктурно, енергетско и дигитално поврзување, што ќе помогне регионот да стане поконкурентен на поширокиот европски и глобален пазар. Планот на Европската Унија за раст за Западниот Балкан треба да биде инструмент од кој сите држави од регионот, независно од степенот на евроинтегративниот процес, да имаат еднаков бенефит. Но, на повидок е и уште посериозен проблем, а тоа се климатските промени“, рече претседателката.

Според македонската претседателката европската реинтеграција, односно реунификација е незавршена без нас, оти поделбата на запад и исток е вештачка и мора да се надмине. Како што посочи, целосната интеграција на Балканот во ЕУ ќе стави крај на бескрајното прекројување на границите, како и на балканизацијата како феномен.

Во изјава по завршувањето на состанокот, претседателката посочи дека собирот поминал во пријателска атмосфера и на него била потенцирана важноста за регионалната соработка и поддршка, истакнувајќи дека не можеме да очекуваме респект и разбирање од членките на ЕУ, доколку сами меѓу себе не се разбираме. Таа ја потенцираше клучната улога на иницијаторите за Процесот Брдо-Бриони, Словенија и Хрватска, и изрази надеж за продолжување на нивната гласност во процесот на нашата реунификација или реинтеграција во Европа.

На денешниот самит, шефовите на делегациите на земјите учеснички на Процесот Брдо-Бриони ја усвоија Декларацијата, во која го потврдија нивното непоколебливо уверување дека интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија е најветувачкиот и најнезаменливиот пат кон Европа, потенцирајќи ја неопходноста од храбри чекори со цел обезбедување на долгорочна стабилност на континентот и создавајќи услови со цел младите луѓе да останат во регионот и да напредуваат во праведни, просперитетни и одржливи општества, се наведува во соопштението од Кабинетот.

Во изминатите четири дена во Грција биле откриени и спасени над 580 бегалци и мигранти

Mигрантите најчесто се превезувале во чамци или едрилици во групи од 18 до 70 лица

Во 18 одвоени случаи во морските делови кај островите во Егејското море што се во близина на турското крајбрежје и во јужниот дел на островот Крит, во изминатите четири дена биле откирени и спасени 588 бегалци и мигранти и уапсени 22 криумчари, јави дописничката на МИА од Атина.

Доколку се анализираат секојдневните официјални податоци од крајбрежната служба на Грција, мигрантите најчесто се превезувале во чамци или едрилици во групи од 18 до 70 лица, а заедно со нив биле и криумчарите, кои се упасени.

Во периодот од петокот до вчера, нешто помалку од половина од откриените лица, односно 263 се во близина на малиот остров Гавдос што е најјужната точка и на Грција и на Европа, а најчесто мигрантите оваа рута ја користат за од Либија да стигнат во Италија.

Мигранти биле откриени и во близина на Крит што е исто така дел од т.н. јужна рута, додека пак од турското крајбрежје кон грчките острови Самос, Родос, Сими Кос, Лезбос и Агатоноси имало нешто помалку од 200 лица.

Во спасувачките акции што ги води крајбрежната служба, помагаат и товарни бродови и други пловни средства што се во непосредна близина.

За општата ситуација со мигрантското прашање во Грција портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис во интервју за државната телевизија ЕРТ, посочи дека е намален бројот на мигранти кои престојуваат во земјата, објаснувајќи дека тоа се должи на владината политика, односно „планот за заштита на границите, строга, но праведна миграциска политика и на копно и во море, промена на процесот на давање азил“, но и „притисок кон Европа“ дека не може Грција, „границата на Европа, да го носи целиот товари“. /МИА

Работен состанок на директорот на БЈБ Јанев со раководството на СВР Скопје

Директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) при Министерството за внатрешни работи, Александар Јанев денеска го посетил Секторот за внатрешни работи Скопје каде имал работен состанок со раководството на оваа организациона единица.

Од МВР соопштија дека состанокот бил посветен на целите и задачите на Секторот во насока на натамошно подобрување на неговата ефикасност и квалитет на работа во интерес на безбедноста на граѓаните во главниот град.

- На средбата беше резимирана актуелната состојба во повеќе сфери од безбедноста на територијата под надлежност на СВР Скопје, особено од аспект на сложеноста на обврските и задачите што произлегуваат од спецификите на подрачјето (бројност и фреквентност на луѓе, административни и други значенија и слично) при што беше оценето дека безбедносната состојба задоволува но и дека има реални можности за нејзино натамошно подобрување. Во тој контекст на состонакот, меѓу другото, стана збор и за скорешните предвидени измени во организационо-структурното функционирање на Секторот, и дека тие сигурно можат позитивно да се одразат во секојдневното работење на сите служби во рамки на оваа организациона единица при Бирото за јавна безбедност, се наведува во соопштението од МВР.

притисни ентер