Граѓаните индивидуално ќе можат да тужат ако државните органи не им го обезбедиле правото на здрава животна средина и чист воздух. Врховниот суд донесе начелен став според кој државата е должна да обезбеди здрава животна средина, и во управна постапка како поединечно право, граѓаните ќе може да бараат да се задолжат надлежните органи да донесат основни планови за квалитетот на воздухот. Универзитетскиот професор Борче Давитковски кој учествуваше на општата седница на Врховен посочувајќи на поразителните податоци од смртни случаи во земјава поради загадениот воздух ја повика судската власт да застане зад граѓаните.
„Ова е тужба за заштита на своето право. Ако е навистинна загаден воздухот секој може да бара заштита. И доколку органите не ги презеле своите надлежности согласно законот за амбиеталниот воздух треба судот да носи пресуди. Бидејќи се работи за општ интерес, за јавен интерес, животна средина, тука судот и превентивно же дејствува се со цел да ги натера јавните органи, градот Скопје и општините дека некој води грижа за граѓаните, бидејќи тие немаа друга судска заштита и дека треба да ги стават на солбот на срамот јавните органи кои не постапиле согласно своите надлежности.“
Начелниот став на Врховен следува по тужбите на двајца македонски граѓани до Управен суд во кои навеле дека дишат екстремно загаден воздух и бараат од државата да донесе стратешки план за заштита. Но Управен два пати ги одбил, еднаш со образложение дека е ненадлежен и еднаш со образложение дека не може поединец да тужи за колективно право.
Според врховните судии поголеми прекршувања на човековите права може да се направат и во случаите кога државата не преземала ништо.
„Секој човек има право на здрава животна средина, секој е должен да ја унапредува и штити животната средина. Обврска на државата е на своите граѓани да им обезбеди услови за остварување на правото на здрава животна средина.“
„Најзначајниот аспект на оваа иницијатива е дека не секогаш со чинење можат да се повредат човековите права. Поголеми повреди можат да настанат со непреземање.“
Врховниот суд го оенесе начелниот став откако адвокатско друштво од Охрид поднесе иницијатива со која го отвори прашањето за здрава животна средина и загадувањето на воздухот.