Објавени имињата на добитниците на Нобелова награда за физика и за медицина

Шведската кралска академија на науките денеска ги објави имињата на добитниците на Нобелова награда за физика и за медицина.

Овогодишни добитници на Нобеловата награда за физика се Џон Ј. Хопфилд и Џефри Е. Хинтон „за фундаментални откритија и пронајдоци кои овозможуваат машинско учење со помош на вештачки невронски мрежи“.

Додека американските научници Виктор Амброуз и Гери Рувкун, добитниците на овогодишната Нобелова награда за медицина за откривањето на микроРНК, односно фундаменталниот принцип што ја регулира активноста на гените.

Во Стокхолм утре ќе биде објавено името на добитникот на наградата за хемија, в четврток ќе биде соопштен добитникот на Нобеловата награда за литература, а на 14 октомври ќе биде обелоденето името на добитникот на Нобелова награда за економија.

Додека на 1 1 октомври во Осло ќе биде објавено името на овогодишниот добитник на Нобеловата награда за мир.

Наградите ќе бидат доделени во Стокхолм и во Осло на 10 декември, на годишнината од смртта на шведскиот научник Алфред Нобел.

Во Куманово „Џез фестивал 2024“

Во занаетчискиот дом Куманово вечер во 20 часот по осми пат ќе се одржи „Џез фестивал Куманово 2024“, информираа денеска организаторите на фестивалот, „Институтот за наука, уметност култура и спорт“.

Кумановци вечер ќе имаат можност да ги проследат настапите на македонските бендови н „Такси Консилиум“ и „Максимовски јунајтед“.

-Почнавме скромно 2017-та година, се надоградуваме и се обидуваме да ја промовираме џез културата во градот. Поддршка имаме само од општината, градоначалникот и советот кои го поддржа настанот. Очекуваме посетеноста да биде исто како и лани, кога беа исполнети сите места во Занаетчискиот дом, изјави Филип Стевановски, уметнички директор.

Организаторите ги поканија граѓаните да уживаат во звуците на џез музиката, додавајќи дека влезот е слободен.

Претседателката Сиљановска Давкова се обрати на Процесот Брдо-Бриони во Црна Гора

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска се обрати на пленарната сесија на состанокот на лидерите на земјите учеснички во Процесот Брдо-Бриони, што се одржува во Тиват, Црна Гора.

Во своето обраќање, претседателката Сиљановска Давкова се осврна на евроинтеграцијата, како приоритетен предизвик на земјите од регионот. Според неа, чекалната на Европската Унија наречена Западен Балкан се празни само на два начини: со интегрирање на земјите од овој гео-политички регион во ЕУ или преку иселување на луѓето, особено младите, кои, како што посочи, се уморни од чекањето за членство на нивните држави во Европската Унија и се интегрираат по брза постапка, по скратен пат, неретко и со пасош на туѓа држава.

Ваквата демографска закана, според претседателката, е опасна не само за економијата, туку и за демократијата, бидејќи, како што посочи, сѐ помалку граѓани значи и сѐ помал притисок врз властите за европски реформи, за владеење на правото и борба против корупцијата, за демократски вредности и почитување на човековите права и слободи.

„Процесот Брдо Бриони треба да ни помогне, оваа чекална наречена Западен Балкан да се испразни преку интегрирање на државите, а не мигрирање на граѓаните. Процесот ќе ја исполни својата цел тогаш кога и последната држава заглавена во овој гео-политички регион ќе стане полноправна членка на Унијата и кога жаргонот Западен Балкан ќе го испратиме во историјата, и тоа не подоцна од 2030-та година“, рече претседателката Сиљановска Давкова.

Претседателката посочи дека е неопходно сите земји да се третирани еднакво и напредувањето кон ЕУ да биде резултат на достигнувањето на европските реформи и критериуми поврзани со европското законодавство.

„Како држава што е посветена на добрососедството и регионалната соработка, ние ги почитуваме билатераланите договори со нашите соседи и очекуваме и нашите соседи да ги почитуваат договорите без да го злоупотребуваат правото на вето“, рече претседателката.

Таа пред лидерите на процесот Брдо-Бриони посочи на потребата за регионална соработка и регионално поддржување едни со други, по примерот на скандинавските земји, истакнувајќи дека тоа е неопходно за да можеме да се фокусираме на клучните проблеми на регионот.

„Веќе го спомнав иселувањето на младите. Кон тоа ќе ја додадам и потребата од инфраструктурно, енергетско и дигитално поврзување, што ќе помогне регионот да стане поконкурентен на поширокиот европски и глобален пазар. Планот на Европската Унија за раст за Западниот Балкан треба да биде инструмент од кој сите држави од регионот, независно од степенот на евроинтегративниот процес, да имаат еднаков бенефит. Но, на повидок е и уште посериозен проблем, а тоа се климатските промени“, рече претседателката.

Според македонската претседателката европската реинтеграција, односно реунификација е незавршена без нас, оти поделбата на запад и исток е вештачка и мора да се надмине. Како што посочи, целосната интеграција на Балканот во ЕУ ќе стави крај на бескрајното прекројување на границите, како и на балканизацијата како феномен.

Во изјава по завршувањето на состанокот, претседателката посочи дека собирот поминал во пријателска атмосфера и на него била потенцирана важноста за регионалната соработка и поддршка, истакнувајќи дека не можеме да очекуваме респект и разбирање од членките на ЕУ, доколку сами меѓу себе не се разбираме. Таа ја потенцираше клучната улога на иницијаторите за Процесот Брдо-Бриони, Словенија и Хрватска, и изрази надеж за продолжување на нивната гласност во процесот на нашата реунификација или реинтеграција во Европа.

На денешниот самит, шефовите на делегациите на земјите учеснички на Процесот Брдо-Бриони ја усвоија Декларацијата, во која го потврдија нивното непоколебливо уверување дека интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија е најветувачкиот и најнезаменливиот пат кон Европа, потенцирајќи ја неопходноста од храбри чекори со цел обезбедување на долгорочна стабилност на континентот и создавајќи услови со цел младите луѓе да останат во регионот и да напредуваат во праведни, просперитетни и одржливи општества, се наведува во соопштението од Кабинетот.

Во изминатите четири дена во Грција биле откриени и спасени над 580 бегалци и мигранти

Mигрантите најчесто се превезувале во чамци или едрилици во групи од 18 до 70 лица

Во 18 одвоени случаи во морските делови кај островите во Егејското море што се во близина на турското крајбрежје и во јужниот дел на островот Крит, во изминатите четири дена биле откирени и спасени 588 бегалци и мигранти и уапсени 22 криумчари, јави дописничката на МИА од Атина.

Доколку се анализираат секојдневните официјални податоци од крајбрежната служба на Грција, мигрантите најчесто се превезувале во чамци или едрилици во групи од 18 до 70 лица, а заедно со нив биле и криумчарите, кои се упасени.

Во периодот од петокот до вчера, нешто помалку од половина од откриените лица, односно 263 се во близина на малиот остров Гавдос што е најјужната точка и на Грција и на Европа, а најчесто мигрантите оваа рута ја користат за од Либија да стигнат во Италија.

Мигранти биле откриени и во близина на Крит што е исто така дел од т.н. јужна рута, додека пак од турското крајбрежје кон грчките острови Самос, Родос, Сими Кос, Лезбос и Агатоноси имало нешто помалку од 200 лица.

Во спасувачките акции што ги води крајбрежната служба, помагаат и товарни бродови и други пловни средства што се во непосредна близина.

За општата ситуација со мигрантското прашање во Грција портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис во интервју за државната телевизија ЕРТ, посочи дека е намален бројот на мигранти кои престојуваат во земјата, објаснувајќи дека тоа се должи на владината политика, односно „планот за заштита на границите, строга, но праведна миграциска политика и на копно и во море, промена на процесот на давање азил“, но и „притисок кон Европа“ дека не може Грција, „границата на Европа, да го носи целиот товари“. /МИА

притисни ентер