Обилни дождови и поплави во Јапонија и Јужна Кореја

 Обилни дождови синоќа ги погодија Јапонија и Јужна Кореја, предизвикувајќи поплави и лизгање на земјиштето, поради што беа евакуирани стотици луѓе.

Денеска беше издадено предупредување за силен дожд за полуостровот Ното во јапонската префектура Ишикава, регион кој беше погоден од силен земјотрес за време на новогодишните празници, а метеоролошката служба соопшти дека областа сега е погодена од невидени врнежи. Повеќе од 120 милиметри дожд на час се забележани утринава во регионот Ното во централната јапонска префектура.

Надлежните соопштија дека најмалку едно лице се води за исчезнато, додека многу куќи се поплавени во општина Ваџими. Медиумите јавуваат дека едно лице е живо закопано во одронот.

Јапонската метеоролошка агенција исто така предупреди дека атмосферските услови ќе бидат крајно нестабилни во североисточниот регион Тохоку поради навлегувањето на топол и влажен воздух во систем со низок притисок.

Обилните дождови ја погодија и Јужна Кореја, предизвикувајќи лизгање на земјиштето и поплави, принудувајќи повеќе од 500 луѓе да се евакуираат во јужните региони, додека многу патишта и згради се под вода.

Централниот штаб за катастрофи и безбедносни контрамерки објави дека рано утринава се евакуирани 506 лица од 342 домаќинства во провинциите Северен Гјеонгсанг и јужен Чунгчеонг поради обилните врнежи од дожд. Обилните дождови поплавија и 54 делници од јавните патишта.

Министерството за внатрешни работи го подигна нивото на предупредување за обилни дождови на „алармантно“, а премиерот Хан Дук-су итно им нареди на службениците да ги мобилизираат сите расположливи административни ресурси за да се ублажат штетите и да се направат подготовки за понатамошни врнежи што ќе ги донесе тропскиот циклон Пуласан на јужниот брег.

СДСМ: Власта мачка очи на граѓаните со замрзнување маржа на едвај 73 производи

Власта мачка очи на граѓаните со замрзнување маржа на едвај 73 производи, СДСМ намалуваше цени на 500 производи.

Со најавеното замрзнување на маржите на само 73 производи власта под притисок на јавноста мачка очи а резултатот ќе биде никаков. Мерките на владата на Христијан Мицкоски се задоцнети и нема имаат реален ефект ниту врз намалување на цените на производите ниту врз стандардот на граѓаните.

Наместо економска политика гледаме калкулантска политика на Владата на Мицкоски и тотална негрижа за стандардот на граѓаните.

СДСМ на пример минатиот септември 2023 година донесе мерки за намалување на над 500 производи во 25 различни категории и реализираше антикризен пакет за помош на граѓаните вреден 662 милиони евра. Тоа е реална помош.

Во соседна Србија веќе се спроведува одлука со која поевтинија над 700 производи, слично е во Црна Гора. Во исто време се случува за прв пат после пет години постојан раст да се намали просечната плата за речиси 1000 денари.

Платите се намалуваат а цените остануваат високи и растат. Со вакви погрешни економски политики на Мицкоски стандардот на граѓаните само ќе опаѓа.

СДСМ

Почна реализацијата на втората фаза од изградбата на нова атмосферска канализација во Волково

Почна реализацијата на втората фаза од изградбата на нова атмосферска канализација на улицата „100“ во Волково.

Град Скопје почна со реализација на втората фаза за изградба на новата атмосферска канализација на улицата „100“ во населеното место Волково во општина Ѓорче Петров.

Со овој проект, како што информираа од Град Скопје, за првпат се гради нова атмосферска канализација на оваа улица од кружниот тек со улицата „101“ до преминот на пругата во вкупна должина од 1.650 метри.

- Со реализација на овој проект од програмата „За модерно Скопје“ се решава долгогодишниот проблем со што се соочени жителите на ова населено место, каде по обилни дождови, доаѓа до излевање на фекални води и преоптоварување на мрежата. Дополнително, со изградба на новата атмосферска канализација, се создаваат услови за идно приклучување на останатите линии од овој реон на општина Ѓорче Петров на новата атмосферска мрежа, со што се подобрува функционалноста на севкупниот систем, се наведува во соопштението.

Македонски штанд на Конгресот на ФУЕН

Македонското друштво „Илинден“ - Тирана, кое учествува на 68. Конгрес на Федералната унија на европски националности (ФУЕН) во Хусум, Германија, се претстави со свој штанд.

- Во рамки на активностите на овој значаен собир, со свој штанд се претстави и нашето друштво. Имаме пропаганден материјал на кој се претставени македонските носии, убавините на областите каде што живеат Македонците, како и примероци од единствениот весник над македонски јазик „Илинден“, рече за МИА Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото.

Ѓурѓај, кој на себе имал кошула со македонски вез, не го крие задоволството од покажаниот интерес на посетителите.

-Искрен да бидам побуди голем интерес кај учесниците, кои го посетија во голем број. Исто така не посети и Винче Лорант, претседател на ФУЕН. Имаа можност да пробаат и од домашно произведена македонска ракија, вели тој.

Ѓурѓај, кој учествува на Конгресот, што со работа завршува утре, додава дека посебно место на штандот бил отстапен за примероците од фото албумот „Народни носии на македонското национално малцинство во Република Албанија“, што неодамна беше промовиран во Тирана.

Според него и претставниците на 30. асоцијации на други малцинствата од Европа, на свои штандови се претставиле со пропаганден материјал.

Македонското друштвото „Илинден“-Тирана рамноправна членка на ФУЕН е од 16 мај 2015 година и е дел од работната група на словенските малцинства.

Во овој период редовно учествува на конгреси и други активности, а по предлог на друштвото усвоени се и Резолуции за правата на македонското малцинство во Албанија.

притисни ентер