Вчерашниот инцидент во Собрание е во рамки на прекршувањата на етичкиот кодекс, но допрва ќе се утврдува конкретно во постапка предвидена со Деловникот- вели за Канал 5 претседателот на Собранието Африм Гаши, за случајот кој беше на раб на тепачка меѓу лидерот на Левица Апасиев и пратеници од ВМРО-ДПМНЕ. Според кодексот на однесување во законодавниот дом, омаловажување, навреда на достоинството, поттикнување на омраза, нетолеранција или насилство, спаѓаат во тешки повреди и за ова одлучува Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, по евентуална пријава од пратеник.
Од ВМРО-ДПМНЕ засега побараа извинување од Апасиев за неговите пцовки и навреди кон пратениците, оценувајќи дека се работи за примитивен и разочарувачки однос.
„ На недоличните зборови упатени кон жени, сестри, мајки не им е местото во Собрание. Барам јавно извинување од колегите од Левица за вчерашното однесување и за зборовите изустени и упатени кон нечија мајка, сопруга, ќерка, девојка. Колеги од Левица, и вие сте нечии синови, сопрузи, татковци, момчиња., внимавајте што ви излегува од уста! Тоа најмногу говори за вас. Срамота! “ - Жаклина Пешевска - пратеник и претседателка на Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ
Од друга страна од Левица го оправдуваат партискиот лидер дека бил испровоциран од пратеник на владејачката партија, па затоа се спротивставил.
„ Нашиот левичарски нарав е таков, насилство не трпиме и изби инцидентот. Мене ми е жал за инцидентот, вчера беше спомната сестра, за сестра се умира и тоа е тоа. “ - Сашко Јанчев – пратеник на Левица
Ова не е прв инцидент на Левица во Собранието- пред две години Апасиев и Мартин Костовски од СДСМ си разменија навреди и малку недостасуваше да дојде до физичка пресметка. Лани пак, пратеникот Крмов го искрши мониторот и микрофонот на спикерското место во Собранието, за што доби парична казна за материјална штета.