Оваа ѕвезда, наречена WOH G64, е оддалечена неверојатни 160.000 светлосни години и е снимена благодарение на неверојатната острина на многу големиот телескопски интерферометар (VLTI) на Европската јужна опсерваторија.
- За прв пат во историјата, успеавме да зумираме и да снимиме ѕвезда што умира надвор од Млечниот Пат - изјави Кеичи Онака, астрофизичар од Универзитетот Андрес Бело во Чиле.
- Откривме лушпа во облик на јајце околу ѕвездата. Возбудени сме поради тоа бидејќи веројатно е поврзано со драстичното исфрлање на материјалот пред ѕвездата што умира да стане супернова - рече тој.
Астрономите досега направија десетици слики од ѕвездите во нашата галаксија, откривајќи ги нивните својства, безброј повеќе ѕвезди постојат во други галаксии, но досега набљудувањето на која било поединечна ѕвезда надвор од Млечниот Пат беше преголем предизвик.
Ѕвездата WOH G64 се наоѓа во Големиот Магеланов Облак, една од помалите галаксии кои орбитираат околу нашата. Астрономите знаат за оваа ѕвезда со децении бидејќи е огромна, околу 2.000 пати поголема од Сонцето, па затоа е класифицирана како црвен суперџин. Научен труд за оваа снимка беше објавен во Астрономија и астрофизика.
За оваа ѕвезда долго време се интересира тимот на Онака. Во 2005 и 2007 година, тие го користеле VLTI во пустината Атакама за да дознаат повеќе за неговите карактеристики и го проучувале со години, но не успеале да снимат слика од самата ѕвезда. За да успеат во ова, тие чекале развој на инструменти од втората генерација наречени GRAVITY. Откако ја споредиле со старите податоци, забележале дека ѕвездата станала потемнета во последната деценија.
- Откривме дека ѕвездата претрпе значителни промени во последните 10 години, што ни даде ретка можност да го следиме животот на ѕвездата во живо - рече Герд Вајгелт, професор по астрономија на Институтот за радио астрономија Макс Планк во Бон и еден од авторите на студијата.
Во последната фаза од својот живот, црвените суперџинови како WOH G64 ги фрлаат своите надворешни слоеви на гас и прашина во процес кој може да потрае илјадници години.
- Оваа ѕвезда е една од најекстремните од тој вид и секоја драстична промена може да и донесе експлозивен крај - изјави Јако ван Лун, директор на опсерваторијата на Универзитетот Кили и коавтор на студијата кој ја набљудува оваа ѕвезда уште од деведесеттите.