Бугарското Народно собрание по петти пат не успеа да избере свој претседател

 И петтиот обид за избор на претседател на 51. состав на бугарското Народно собрание пропадна.

Повторно најмногу гласови собра доајенот и претседавач со седницата Силви Кирилов од Има таков народ (ИТН). Тој доби 101 глас „за“, 99 пратеници беа „против“, а 37 воздржани. Него го поддржаа 17 пратеници од „Продолжуваме со промените-Демократска Бугарија“, 35 од „Преродба“, 19 од „Сојуз за права и слободи“, ИТН - 18, МЕЧ - 12. Против Кирилов беа еден пратеник од ПП-ДБ, 30 од „ДПС-Нов почеток“ и 68 од ГЕРБ-СДС. „Воздржано“ гласаа 17 народни претставници од ПП-ДБ и 20 од „БСП-Обединета левица“.

Според процедуралните правила, за избран ќе се смета кандидатот кој добил повеќе од половина од гласовите на присутните во пленарната сала.

Службениот премиер Димитар Главчев го коментираше петтиот неуспешен обид за избор на претседател на Народното собрание, истакнувајќи дека службената влада е активна, за разлика од некои институции кои треба да работат во интерес на граѓаните.

Главчев изрази надеж дека наскоро ќе биде формирана редовна влада. - Не сме виновни што нема редовна влада, но прво треба да се избере претседател на Парламентот, додаде тој.

На денешната седница, освен Кирилов, се гласаше и за Раја Назарјан од ГЕРБ-СДС. Наредната седница е закажана за среда, 27 ноември, во 11:00 часот.

Невремето без струја го остави целиот дебарски регион

Невреме со обилен дожд, ветер и силни електрични празнења, вечерва го зафати Дебарско, што услови прекин во напојувањето со елетрична енергија на целото дебарско конзумно подрачје.

-Причина за прекинот беше испадот на 35 киловолтна доводна склопка на регулационен трансформатор во Хидроелектраната „Шпилје“. Екипите на ХЕС „Црн Дрим“ успешно го решија проблемот за кратко време и покрај лошите временски услови во поширокиот дебарски регион, изјавија за МИА од ЕСМ.

Без струја повеќе од еден час беа потрошувачите од конзумното подрачје кое ги опфаќа општините Дебар, Центар Жупа и подрачјето на Река, општина Маврово и Ростуше.

-До сега нема пријавени штети, сообраќајот во регионот се одвива по влажни коловози, но се препорачува голема внимателност поради честите одрони од камен и земја. Екипи на дебарската секција на јавното претпријатие за одржување на регонални и макистрални патишпта се постојано на терен во расчистување на истите, рече за МИА, Фемија Ајроски, раководител на Регионалниот ЦУК-Дебар.

Почина српскиот политичар Драган Марковиќ Палма

Вечерва, на 64-годишна возраст, по кратко боледување, почина Драган Марковиќ Палма, претседател на Единствена Србија, пратеник и претседател на Градското собрание на Јагодина, пишува Телеграф.

Марковиќ Палма, веројатно најбизарниот српски политичар во модерната историја, со години ги полнеше медиумските колумни со разни чудни изјави, но и со сериозни афери, објави Индекс.

Драган Марковиќ Палма стана познат во регионот откако изјави дека „само Бетовен и Шопен не му свиреле и пееле затоа што тогаш бил мал“ (Бетовен и Шопен живееле на крајот на 18 и почетокот на 19 век).

Во Јагодина изградил зоолошка градина каде донел жирафа по име Јованча која била донирана од српски нафтен тајкун, а со случајот се занимавало и српското обвинителство бидејќи се сомневало дека жирафата била искористена како поткуп.

Подоцна, Палма имаше повеќе бизарни испади и афери. Неговата идеја да им дели пари на сиромашните луѓе, пред камери, секако наиде на критики.

Во една прилика поставил тоалети и туш кабини на нивите околу Јагодина, кои потоа свечено ги отворил.

Тој тогаш објасни дека на секои 300 метри ќе се поставуваат бањи покрај нивите во сите 52 села во општина Јагодина.

„Сакаме кога земјоделецот ќе дојде на нива, кога е жешко, да може да се истушира“, објасни тој во 2019 година.

Пред две години, во октомври 2022 година, Палма тврдеше дека во Кончарево пристигнал камен кој што бил фрлан на Исус Христос.

„Денес е голем ден за Кончарево, за Јагодина и за Србија. Во храмот на Свети Јован Крстител, од Светата земја, од Ерусалим, честички од моштите на ерусалимските маченици, каменот од Голгота со кој беше погоден Исус Христос, каде беше мачен и каде беше страдан, како и свеќата што го означува печатот кога светиот оган ќе се појави од Ерусалим на Велика Сабота“, рече тогаш Палма.

Но, освен бизарни испади, со Палма се поврзуваат и сериозни афери. Во април 2021 година, потпретседателката на Партијата на слободата и правдата, Мариника Тепиќ, го обвини првиот човек на Јагодина дека „заедно со коалиционите партнери подведувал жени и девојки“.

„Мокроа на жените и девојките не одат само со мафијата. Тие се речиси секојдневие во нашата Србија. Денес знам дека подведувањето жени и девојки е секојдневие во Јагодина, каде што владее Драган Марковиќ Палма“, рече Тепиќ на прес конференција.

„Ова што ќе ви го претставам денес е помонструозно од каков било напад и грабеж за кој сум зборувал досега. Ги повикувам сите луѓе во Србија и Јагодина да се свртат и да ни помогнат со нивните изјави и сведоштва и конечно оваа пресметка со монструмите да заврши за засекогаш да ја затвориме владата“, додаде Тепиќ.

Марковиќ ги негираше обвинувањата, нарекувајќи ги „најгрозоморните лаги што ги слушнал“ и најави дека ќе побара истрага од обвинителството.

Апокалиптични сцени од ерупцијата на вулканот на Исланд- бил „заспан“ дури осум векови

Вулкан во близина на Рејкјавик, Исланд, еруптираше по десетти пат во последните три години, исфрлајќи лава и чад, соопшти Исландската метеоролошка служба.

Исланд, со речиси 400.000 жители, се наоѓа на границата меѓу евроазиските и северноамериканските тектонски плочи, што го прави сеизмички активна област со гејзери, топли извори и бројни вулкани, пренесува Ројтерс.

Инаку, вулканот на Исланд „спие“ веќе осум века, а од декември 2023 година е активен по седми пат, испраќајќи потоци од лава кон блиското туристичко место.

Кога магмата почна да се собира под земја, властите предупредија на можна ерупција на полуостровот Рејкјанес, кој се наоѓа на околу 30 километри југозападно од Рејкјавик. Последната ерупција во областа беше на 6 септември.

Геолошкиот систем во областа беше неактивен 800 години, а ерупциите повторно започнаа во 2021 година. Оттогаш, ерупциите зачестија, а последната ерупција беше шеста оваа година.

Блискиот рибарски град Гриндавик, дом на речиси 4.000 жители пред да биде издаден налогот за евакуација минатата година, останува главно напуштен поради периодични закани од ерупции, соопшти агенцијата.

Научниците предупредуваат дека Рејкјанес би можел да доживее повторени вулкански ерупции во следните децении, но не очекуваат овие процеси да предизвикаат нарушувања слични на оние во 2010 година, кога вулканот Ејафјадлајкидл исфрли пепел во атмосферата, парализирајќи го воздушниот сообраќај во Европа и предизвикувајќи откажувања повеќе од 100. 000 летови низ целиот свет.

притисни ентер