По поразот на Рафаел Надал, Шпанија не беше во завидна позиција во четвртфиналната пресметка од Дејвис купот против Холандија, но Карлос Алкараз израмни на 1:1 совладувајќи го Талон Грикспор со 7:6(0), 6: 3 и на тој начин му донесе надеж на „бикот од Мајорка“ да може барем уште еднаш да се појави пред публиката во Малага.
Како што е веќе познато, Надал најави дека натпреварите на Дејвис купот оваа сезона ќе бидат негови последни професионални ангажмани во кариерата, а по спектаклот полн со емоции и поразот од Ботик Ван де Зандшулп (2:0), Шпанците дојдоа до ситуација Рафа никогаш повеќе да не го гледаат на теренот.
Потребно е Шпанија да обезбеди полуфинале за во петок Надал барем уште еднаш да ја поздрави публиката, а триумфот на Алкараз е чекор кон тоа достигнување.
Карлитос немаше лесна работа против Грикспор, кој знаеше да натера да настрадаат многу фаворити, па првиот сет мораше да се решава преку тај-брејк.
Публиката практично мораше да навива за три цели - Алкараз да слави, Шпанија да опстане и Надал да игра барем уште еднаш.
Следеше шок и тишина на трибините кога Холанѓанецот направи брејк со нула во шестиот гем (4:2), а додека дел од трибините во портокалово се радуваа, веќе следуваше риб-брејк и потврда за уште еднаш нерешено.
Карлос почна сѐ посилно да замавнува со форхендот, пропушти можност за брејк во деветтиот гем, но потоа во тајбрејкот со седум последователни поени покажа во која насока ќе оди овој меч.
Убедливите 3:0 во вториот сет по само 10 минути игра значеа дека прашањето за вториот меч исчезна, а сега се очекува финалната битка која ќе го даде конечниот одговор.
На терен ќе излезат двојките, а според најавата од почетокот на денот тоа ќе бидат Карлос Алкараз и Марсел Гранољерс на едната страна и Ботик Ван де Зандшулп и Весли Колоф.