Австралија наметнува милионски казни за социјалните мрежи за пристап на лица помлади од 16 годи

Социјалните мрежи би можеле да бидат казнети со повеќе од 30 милиони евра доколку не успеат да го спречат пристапот на децата до нивните платформи, според новата легислатива предложена во австралискиот Парламент.

Законот ќе ги принуди социјалните мрежи да преземат чекори за да ги спречат лицата под 16 години да пристапуваат до платформи како што се Икс, ТикТок, Фејсбук и Инстаграм.

Доколку не го направат тоа, ќе добијат парични казни до речиси 50 милиони австралиски долари.

Австралија планира да испроба систем за проверка на возраста што може да вклучува биометрија или државна идентификација за да се спроведе старосната граница за пристапот до социјалните мрежи, што е меѓу најстрогите контроли досега наметнати од една земја.

Со предлогот, нема да има ослободувања со родителска согласност или исклучоци за претходно постоечки сметки.

Предложениот закон, исто така, ќе вклучи силни одредби за приватност кои бараат технолошките платформи да ги избришат сите собрани податоци за проверка на возраста.

„Ова е значајна реформа. Знаеме дека некои деца ќе најдат решение, но испраќаме порака до социјалните мрежи да се прочистат“, рече премиерот Ентони Албанес.

Министерката за комуникации Мишел Роланд рече дека социјалните мрежи се одговорни за „безбедноста и менталното здравје“ на Австралијците.

„За премногу млади Австралијци, социјалните мрежи можат да бидат штетни. Речиси две третини од Австралијците на возраст од 14 до 17 години гледале исклучително штетна содржина на интернет, вклучувајќи злоупотреба на дрога, самоубиство или самоповредување“, рече Роланд.

„Законот го става товарот на социјалните платформи, а не на родителите или децата, за да се осигура дека има заштита“, додаде таа.

Албанезе рече дека децата ќе имаат пристап до пораки, онлајн игри и услуги поврзани со здравјето и образованието.

Ако предложениот закон помине, на технолошките платформи ќе им биде даден рок од една година за да осмислат како да ја спроведат забраната.

Социјалните мрежи соопштија дека ќе го почитуваат новиот закон, но ја предупредија владата да не дејствува пребрзо и без соодветна консултација.

ПСЖ задоцнија еден ден, 55 милиони евра наскоро ќе легнат на сметката на Мбапе

Килијан Мбапе треба да ја зголеми својата банкарска сметка за 55 милиони евра, сума за која францускиот напаѓач и неговиот поранешен клуб Пари Сен Жермен се борат во судски спор.

Според последните информации, Мбапе е на чекор од добивање на бараната сума.

Мбапе во летниот преоден рок пристигна во Реал Мадрид како слободен играч. ПСЖ, за кого Мбапе постигна 256 гола и забележа 108 асистенции на 308 натпревари, не заработи во тој бизнис. Токму ова е темата на спорот. Парискиот клуб тврди дека Мбапе рекол дека нема да замине, а од тоа нема да има корист ПСЖ и дека дел од договорената плата ќе остави во клупската каса. Од страната на Мбапе тврдат дека немало таков вербален договор.

Претходно се пишуваше дека Мбапе не ја добил платата за април, мај и јуни и дел од бонусот од 80 милиони евра, ветени за потпишување на продолжување на договорот и дека бара 55 милиони евра. Адвокатскиот тим на Мбапе за ова одамна ги известил УЕФА, Француската фудбалска федерација и раководството на лигата. Пред Комисијата на Француската професионална фудбалска лига (LFP) минатиот месец, Мбапе презентираше докази кои беа прифатени.

Француската фудбалска федерација и ЛФП одредиле ПСЖ да мора да му ги исплати на Мбапе неговите побарувања, а ПСЖ не го стори тоа до одреден рок. Тој имаше десет дена да поднесе жалба на одлуката до Федерацијата. Се жалеше на единаесеттиот ден по донесувањето на одлуката, а Федерацијата автоматски ја одби жалбата.

Најмалку 33 луѓе загинаа во судир помеѓу сунитите и шиитите во североисточен Пакистан

Најмалку 33 луѓе загинаа, а 25 се повредени во судир помеѓу сунитски и шиитски групи во областа Курам, североисточен Пакистан.

Полицијата соопшти дека вооружени напаѓачи запалиле продавници, куќи и владин имот во градовите Баган и Баха Кот. Племињата Ализаи и Баган и денеска се борат во регионот Курам.

Шиитските муслимани сочинуваат околу 15 отсто од 240-милионското население во мнозинскиот сунитски Пакистан, кој има историја на верско непријателство меѓу шиитите и сунитите.

Десетици сунитски и шиитски припадници загинаа од јули, поради спор околу земјиштето во Курам, кој подоцна доби религиозна димензија.

Сообраќајот во западниот дел од државата по влажни коловози

Авто мото сојузот на Македонија утринава информира дека сообраќајот на државните патишта во западниот дел од државата се одвива претежно по влажни коловози, а во источниот дел по суви коловози. 

Внимателно возење се препорачува низ котлините, речните долини и клисурите каде има можност за појава од одрони.

Интензитетот на сообраќај надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна утринава нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Од 15 ноември започна и законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба.

Според информациите од Управата за хидрометеоролошки работи, снег паѓа во Крушево, а слаб снег провејува во Петровец и Тетово, додека засилен ветер дува во Штип. Од ноќва се очекува умерен, а долж Повардарието засиелн северен ветер кој ќе надминува и брзина од 70 километри на час.

притисни ентер