Мурињо: Тотенхем е единствениот клуб во мојата кариера со кој немам блиски односи

Жозе Мурињо го нарече Тотенхем единствениот клуб во неговата кариера со кој нема блиска врска.

- Тотенхем е единствениот клуб со кој немам блиски односи. Можеби затоа што стадионот беше празен за време на Ковид. Или затоа што претседателот Леви не ми дозволи да играме финале и да го освојам трофејот. Но, ова е единствениот таков клуб во мојот живот, изјави Португалецот, кој сега работи во Рома.

Мурињо го предводеше Тотенхем од 2019 до 2021 година.

Во кариерата Португалецот има работено и во Бенфика, Леира, Порто, Челзи, Интер, Реал и Манчестер јунајтед. /МИА

Таравари: Гордо можам да кажам дека сега земјава се движи напред

Пред 100 дена земјава беше парализирана, а неспорно е дека сега е во многу подобра состојба отколку пред 100 дена. 

Гордо можам да кажам дека се движи напред, истакна лидерот на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари во обраќањето по повод 100 дена од влезот на партијата во Владата.

-Постојано барам од секој функционер на Алијанса за Албанците резултати и нулта толеранција на корупцијата. Уште од почетокот на нашето управување со Министерството за правда презедовме низа активности за да ја зголемиме довербата на граѓаните во судството,.... Преку Министерството за информатичко општество и администрација ќе формираме една точка на која ќе се нудат 182 електронски услуги на едно место,... Откао управуваме со Министерството за здравство за 3.000 денари ги зголемивме платите на сите здравствени работници, а за 162 отсто го зголемивме надоместокот за дежурство, рече Таравари.

Посочи дека имало многу ветувања за евроинтеграциите на земјава, но многу и се лажело.

-Од нас се очекува што поскор да ги направиме уставните измени за да се интегрираме. Но, ситуацијата е променета со интервенцијата на Русија во Украина и пројавувањето на проруски ставови во соседството. Можно е и кај нас да преовладаат проруските ставови. Европа е нашиот единствен дом, но не чека на нас. Затоа нашата демократија мора да ги надмине предизвиците и да не дозволи да не блокираат противниците на западот, рече Таравари.

Порача дека во иднина наместо на темите кои не разделуваат треба да се фокусираме на оние кои не обединуваат.

-Такво е и нашето барање за албанскиот јазик во Уставот. Очекуваме тоа да биде едногласно поддржано, потенцира Таравари.

Истакна дека сите одлуки на политичарите во земјава треба да се носат имајќи ги во предвид потребите и барањата на младите затоа што, како што рече, тие се нашата иднина.

-Ако како политичари продолжиме да размислуваме само за идните избори ќе бидеме одговорни за егзодусот на младите. Време е да се однесуваме како државници, порача Таравари.

Прашан за очекувањата за процесот на уставните измени во Собранието рече дека очекува да има 80 пратеници кои ќе ги поддржат измените и додаде дека имаат контакти со сите партии, но не со некои поедини пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.

-Ако не се донесат уставните измени и се дозволи Албанија да се одвои и сама да ги продолжи преговорите ќе влеземе во изолација како во 2008 година, а потоа ќе треба да направиме потешки отстапки за да го продолжиме евроинтегративниот процес, како што беше со името за да влеземе во НАТО, истакна Таравари.

Венбин: Кина изразува сериозна загриженост за делумното уништување на браната во Нова Каховка

Кина ја изрази својата „длабока загриженост“ по делумното уништување на украинската брана Каховка, што предизвика поплави долж реката Дњепар и ги зголеми стравувањата од хуманитарна катастрофа, пренесуваат француските медиуми.

Нападот, за кој меѓусебно се обвинуваат Москва и Киев, доведе до поплави на многу градови и евакуација на илјадници лица, што предизвика меѓународен гнев.

-Ја изразуваме нашата длабока загриженост за оштетувањето на ѕидот на браната на хидроцентралата Каховка, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи Ванг Венбин на редовната прес-конференција, нагласувајќи ги „последиците што произлегуваат за луѓето, економијата и животната средина“.

„Ги повикуваме сите страни во конфликтот да го почитуваат меѓународното хуманитарно право и да направат се што е можно за да го заштитат цивилното население и цивилните објекти“, додаде тој.

Според украинските власти, во оваа фаза се евакуирани повеќе од 17.000 луѓе, а поплавени се 24 населби.

Со тврдењето дека е неутрална во конфликтот, Кина повикува на почитување на суверенитетот на сите земји, вклучително и на Украина, но никогаш јавно не ја осуди воената интервенција во оваа земја што ја почна рускиот претседател Владимир Путин.

Украинско МО: Ова е Херсон денеска - го гранатираа, поплавија, но не успеаја во ништо

Украинското Министерство за одбрана објави фотографија за која тврди дека го прикажува градот Херсон,  еден ден по поплавата предизвикана од уништувањето на браната во хидроцентралата Нова Каховка.

„Ова е Херсон денеска. Русите се обидоа со се што можеа да го освојат овој град. Испратија војска, го гранатираа, го поплавија. Не успеаја во ништо. Така и ќе продолжи. Како во Херсон, така и на други места во Украина“, соопшти украинското Министерство за одбрана.

Како потсетување, Херсон е единствениот главен град на украински регион што Русите го окупираа на почетокот на инвазијата, а потоа се повлекоа од него под притисок на напредувањето на украинските сили, за на крајот и да го ослободат. /МИА

притисни ентер