Муцунски на десеттата годишна конференција „Медитерански дијалог“ во Рим, Италија

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, вчера и денеска, на покана на својот италијански колега Антонио Тајани, е во работна посета на Рим.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, вчера и денеска, на покана на својот италијански колега Антонио Тајани, е во работна посета на Рим каде учествуваше на десеттата годишна конференција „Медитерански дијалог“ и се обрати на панелот „Нова Европска комисија, стари европски приоритети“, соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.

„Медитерански дијалог“, појаснуваат оттаму, е годишна конференција на високо ниво за медитеранска геополитика, организирана од италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка и ISPI (Италијански институт за меѓународни политички студии). Нејзината цел е да се преиспитаат традиционалните пристапи кон медитеранската област и да се адресираат заедничките предизвици на регионално и меѓународно ниво.

Во обраќањето, министерот Муцунски ја потенцирал посветеноста на Владата за исполнување на реформската агенда и финализирање на европското досие. Нагласил дека е потребно поблиско вмрежување и интеграција на нашата држава во европските структури што го покриваат медитеранскиот басен, како и зголемена интеракција со земјите од Европската Унија. Муцунски, меѓу другото, истакнал дека Република Северна Македонија, преку својата традиција на меѓуетнички дијалог, кохезија и мирно решавање на билатерални спорови, придонесува за стабилноста на Југоисточна Европа, промовирајќи европски вредности, добрососедски односи и регионална соработка.

Муцунски, исто така, нагласил дека геополитичките реалности, како војната во Украина и ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток, ја нагласуваат потребата од колективни решенија кои ги надминуваат индивидуални напори на поединечни држави. Муцунски ја истакнал важноста на поврзаноста на Северна Македонија со Европа и поширокиот Медитеран, особено преку Коридорите VIII и X, дел од новиот Европски транспортен коридор за поврзување на Југоисточна и Централна Европа.

Дополнително, тој го посочил потенцијалот за обновливи извори на енергија, кој ја позиционира нашата држава како лидер во зелена транзиција во регионот.

Новиот Закон за употребата на македонскиот јазик сѐ уште не се применува

Десет месеци по донесувањето во Собранието, (26 јануари 2024), Законот за употребата на македонскиот јазик не се применува.

Меѓу одредбите што тој ги содржи е формирање Инспекторат за надзор над примената на законот, но тој не профункционирал.

Проф. д-р Искра Пановска-Димкова, раководителка на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет на Скопскиот универзитет, денеска изјави дека доколку почне да се применува законот, кој треба да го замени стариот од 1998 година, ќе биде многу олеснето и вработувањето на кадарот што завршил македонски јазик, со оглед дека законот пропишува задолжително лекторирање на сите материјали, вработување лектори во сите државни институции, издавачки куќи, медиуми...

- Законот што се донесе сѐ уште не е влезен во сила. Таму беше предвидено формирање Инспекторат, што не е случено. Во меѓувреме имавме избори, претпоставуваме дека им треба на луѓето време за да се снајдат на новите позиции, но очекуваме во најскоро време тоа да се случи, изјави раководителката на Катедрата за македонски јазик на УКИМ која денеска организираше Свечен час за одбележување 80 години од прогласувањето на македонскиот јазик за службен.

Според Пановска-Димкова, со примената на Законот за употреба на македонскиот јазик се очекува да се зголеми и интересот за студирање македонски јазик. Во оваа академска 2024/2025 година, на Катедрата за македонски јазик се запишале 20-ина студенти, слично колку и минатата година

- Бројот е сличен како минатата година, но ние сме задоволни со тој број. Битен ни е квалитетот. Тие деца што доаѓаат да се запишат да студираат македонски јазик доаѓаат со вистинска желба, а не по одбиеност од други факултети како што беше во минатите години. Имајте предвид дека и бројот на матуранти секоја година е сѐ помал и помал и не може да очекуваме којзнае колкав број на студенти, додаде Пановска-Димкова.

Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ денеска организираше Свечен час за одбележување осум децении од прогласувањето на македонскиот јазик за службен на Првото заседание на АСНОМ, на 2 август 1944 година.

Овој ноемвриски ден го избрале, рече таа, затоа што „токму во ноември пред 80 години почнала со работа и првата јазична комисија со цел да дојде до конечната кодификација на македонскиот јазик“. Тоа се случило на 5 мај 1945 година, датум кој од 2019 година кај нас се одбележува како Ден на македонскиот јазик.

- Првото заседание на АСНОМ за македонскиот народ е еден од ретките историски моменти што означуваат пресвртница во развојот на јазикот и на нацијата. Тоа е остварување на сонот на многу генерации Македонци дотогаш и една идеја водилка за која многумина ги изгубиле своите животи. Тоа е еден момент што вреди да се одбележи од сите институции, па така и од Катедрата за македонски јазик, истакна Пановска-Димкова.

Професорите од Филолошкиот факултет на УКИМ, Димитар Пандев и Емилија Црвенковска, на свечениот час имаа излагања за придобивките од АСНОМ за македонскиот јазик.

-Тоа беше заложба уште во времето на Михаило Апостолски, како водач на војската, којшто, меѓу другото, се залагаше македонскиот јазик да се воведе како службен јазик и тоа да биде определба и на АСНОМ, со цел да се санкционира употребата на другите јазици на територијата на Македонија, оние јазици што претходно биле во службена употреба. Значи, тоа е основен став од кој тргнува АСНОМ и го доведува македонскиот како службен јазик во македонската држава, изјави проф. Пандев.

Според него, и денес се опстојува на АСНОМ-ските позиции за македонскиот јазик, а во однос на промените смета дека „јазикот има способност да се рециклира, сето она што му е ненужно да го отфрла“ и оти „македонскиот јазик тоа успешно го прави во сите изминати осум децении“.

Проф. Црвенковска имаше излагање за значењето на АСНОМ за македонскиот јазик и просветата и се фокусираше на четири решенија на АСНОМ.

-Едното е, се разбира, кога Македонија станува државотворна и македонскиот јазик државотворен, тоа повлекува и понатамошна кодификација на она што е прогласено за службен јазик – втората одлука на АСНОМ. Трето е Декларацијата за еднаквост меѓу народите што живеат на територијата на Македонија, што е многу важно, и четвртиот аспект е просветата, како што се нарекува тогаш образованието. Оттогаш започнуваат првите училишта на македонски јазик, уште за времето на НОБ, на слободна територија. Со неверојатна брзина се реализирало зацртаното, во првите шест месеци веќе се формирани основни училишта, гимназии и Одлуката за универзитет каде што токму денеска се наоѓаме и чиишто корени се во АСНОМ-ските решенија, изјави проф. Црвенковска.

Во однос на грижата за македонскиот јазик денес, таа укажа на „непочитување на (јазичната) норма во одредени ситуации, неводење сметка за акцентирањето и за културата на говорот“.

-Во медиумите треба, исто така, да се води сметка за дикцијата, за истакнување битно од небитно кога се соопштуваат вести и за други недоследности за кои може да се работи и да се искристализираат, додаде професорката.

Свечениот час со поздравно обраќање го отвори деканот на Филолошкиот факултет на УКИМ, проф. д-р Владимир Мартиновски, кој рече дека решенијата донесени на Првото заседание на АСНОМ се „вертикали врз кои се гради македонската култура, наука и образование“.

Покрај излагањата организирани од Катедрата за македонски јазик, имаше и изложба во Државниот архив, насловена „АСНОМ – израз на суверената волја на македонскиот народ за остварување на неговото право на самоопределување“.

Андрети ќе стане директор на Ф1 тимот на Кадилак

Марио Андрети ќе добие позиција во новиот тим на Формула 1.

Шампионот во Формула 1 од 1978 година ќе биде назначен за директор на тимот на Кадилак, кој ќе започне да се натпреварува во серијата од сезоната 2026 година.

Веројатно, станува збор за почесен претседател и советник - приближно истата улога во Мерцедес ја имаше и Ники Лауда.

- Мојата прва љубов беше Формула 1 - и сега, 70 години подоцна, Формула 1 останува среќно место за мене. Јас сум апсолутно воодушевен. И фактот дека на оваа возраст сè уште ќе се занимавам со Ф1 работа - претпоставувам дека треба да се штипнам за да се уверам дека ова не е сон, рече Андрети.

Во февруари Андрети ќе наполни 85 години.

Директорка на ГАК: Македонија може да се мери со светот, родено бебе од 61-годишна мајка

Македонија може да се мери со светски достигнувања, родено бебе од 61-годишна мајка .

Дека во светот на медицината повеќе не постојат граници и дека медицината во Македонија може да се мери со светски достигнувања, говори и раѓањето на бебето Петар, кого на свет го донесе највозрасната проворотка во државата, 61-годишна пациентка. Ова денеска го подвлече директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, проф. д-р Ирена Алексиовска Папестиев, во изјава за медиумите.

Алексиовска Папестиев рече дека тоа е прва пациентка во државава која останала бремена со сопствена јајце клетка, бременоста била следена во земјава и породила во државава. Пациентката била породена во 36 г.н. со царски рез со уреден оперативен тек.

- Родено е живо машко бебе со родилна тежина од 2350 гр. и 48 см. И мајката и бебето се во одлична општа состојба. Мајката херој како што ја нарековме, е пациентка со исклучително тешко гинеколошко и акушерско минато со 10 ин витро интервенции и 10 спонтани абортуси. Во изминатите години пациентката имала и други 3 гинеколошки операции, изјави Алексиовска Папестиев.

Таа додаде дека во текот на оваа бременост пациентката имала hypertensia (покачен крвен притисок) и diabet 2, но бременоста била уредна и контролирана.

- Дека во светот на медицината повеќе не постојат граници и дека медицината во Македонија може да се мери со светски достигнувања, говори и раѓањето на бебето Петар, кого на свет го донесе највозрасната проворотка во државата, 61-годишна пациентка, нагласи проф. д-р Алексиовска Папестиев.

Мајката и бебето денеска ќе бидат пуштени дома, а за бебето ќе се грижи и таткото кој има 65 години.

- Денес ги испраќаме дома бебето и родителите кои не се откажале од својот сон, не потклекнале на неуспесите, на притисоците од околината и на предрасудите со кои живееме. На Петар и неговите родители им посакуваме одлично здравје, безгрижно детство и долги години на радост минати заедно со семејството, истакна директорката на Клиниката.

До неодамна најстара бремена пациентка била 60-годишна жена која, бидејќи не била граѓанин на нашата држава, породувањето го завршила во земјата од која потекнува.

Во регионот, највозрасна прворотка била Љубица од Србија која родила на 62 години, но со донирана јајце клетка и трансфер извршен во Чешка, како и Афифа (61г.) исто така од Србија која по три неуспешни инвитра, останала бремена. Во светот, најстари пациенти се 62-годишна пациентка од Шпанија и 76 годишна жена во Индија.

притисни ентер