Мишел: ЕУ не смее да дозволи Западниот Балкан да западне во „сива зона“

Тој потенцира дека би било апсурдно ако ЕУ не го забрза пристапувањето на земјите кандидати за членство, но дека тој процес не е само одговорност на Унијата. 

Имајќи ги предвид најновите случувања, се уште сум апсолутно убеден, повеќе од кога било, дека кандидатите за членство во ЕУ би можеле да бидат подготвени за прием во Унијата до 2030 година, изјави претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел во интервју за Европската новинска редакција (ЕНР), чиј дел е и МИА.

- Ако сакаме поголема стабилност, поголема безбедност, просперитет во иднина, не смееме да дозволиме земјите од Западниот Балкан да западнат во „сива зона“, каде некои други ќе играат игри за да ги дестабилизираат тие држави и нивните институции, да ја дестабилизираат ЕУ и да ги дестабилизираат вредностите и демократските принципи, порача Мишел.

Тој потенцира дека би било апсурдно ако ЕУ не го забрза пристапувањето на земјите кандидати за членство, но дека тој процес не е само одговорност на Унијата.

- Ние имаме домашна задача што мораме да ја завршиме. Затоа ја имаме Стратешката агенда за да се подготвиме за ова идно проширување, кое знаеме дека ќе има последици, вклучително и во однос на финансиската солидарност и во однос на процесот на одлучување, истакна Мишел, додавајќи дека европските лидери сепак се свесни оти ЕУ треба да се подготви за идното проширување и покрај политичките предизвици.

Тој потенцира дека ЕУ мора да биде поагилна во остварувањето поголем напредок по однос на проширувањето, но, според него, и земјите кандидати за членство имаат свои домашни задачи и тие точно знаат што треба да направат.

- Тие треба да се усогласат со законодавството на ЕУ, од една страна, и треба да го подобрат раководењето со борбата против корупцијата, за да бидеме сигурни дека ја споделуваме истата правна рамка, изјави Мишел.

Претседателот на Советот на ЕУ потенцира дека тоа е она што се бара од кандидатите за членство во делот на реформите што треба да ги спроведат, но исто така, треба и да ги разрешат споровите, што претставува серозен предизвик.

- Би рекол дека веројатно најтешки се споровите, а понекогаш И најпредизвикувачки се споровите меѓу нив и некои од нашите земји членки, смета Мишел.

Според него, овие спорови, порано или подоцна, би можеле лесно да се решат ако се гледа кон иднината и ако ЕУ биде сфатена како приоритет.

- Потребно е да се разрешат, бидејќи тие претставуваат пречка за постигнувањето напредок, потенцира Мишел, додавајќи дека тоа е прашање на политичка волја.

За разлика од земјите од Западниот Балкан, според него, Украина, Грузија и Молдавија се соочуваат со „некои други предизвици“, но лидерите на ЕУ направиле „визионерски избор“ кога донесоа одлука на овие три држави да им доделат кандидатски статус.

- Нема причина да се одолговлекува. Напротив, колку повеќе одолговлекуваме, толку повеќе им дозволуваме на некои други кои немаат исти вредности, исти принципи и интереси со нас, да го искористат нашето одолговлекување за да не доведат во проблеми, вели Мишел во интревјуто за ЕНР/МИА.

Во врска со можноста за промена на принципот на едногласност при носењето одлуки поврзани со проширувањето, Мишел вели дека преовладува мислењето дека консензусот претставува пречка во овој процес и дека тоа правило би требало да се смени.

Тој потенцира дека повеќето од одлуките во Унијата се носат со квалификувано мнозинство, а дека принципот ба решавање со консензус е ограничен само на некои конкретни теми, како надворешните работи, одбраната, безбедноста...

- Но, само сакам да предупредам, ако пребрзо одиме кон откажување од принципот на едногласност, тогаш резултатот би бил или би можел да биде дека нема да го направиме она што е потребно во градењето на заеднички позиции, смета Мишел, оценувајќи дека тоа би можело да предизвика „извесна фрустрација“ и поделби во Советот на ЕУ и тие поделба да станат „нова нормалност“ за Унијата.

Според него, работите не се „црно-бели“ и не може да се каже дека консензусот е катастрофа, а мнозинското одлучување би било подобро мислење, тука треба да се најде некое средно решение.

- Мислам дека треба да биде можно да се идентификуваат неколку принципи за да се овозможи правото на вето кога се загрозени или се во опасност клучните национални интереси, потенцира Мишел, додавајќи дека сепак мора да се најдат начини за да спречи злоупотреба на правото на вето./МИА

Шарапова и браќата Брајан нови членови на тениската Куќа на славните

Церемонијата на прием во Меѓународната тениска куќа на славните ќе се одржи во Њупорт од 21 до 23 август следната година.

Петкратната грен слем победничка, руската тенисерка Марија Шарапова и сопствениците на бројни рекорди во игра на парови, американските близнаци Боб и Мајк Брајан, во 2025 година ќе бидат примени во Меѓународната тениска куќа на славните, која се наоѓа во Њупорт, во американската сојузна држава Род Ајленд.

Во текот на својата речиси 20-годишна кариера, Шарапова се приклучи на ексклузивното друштво од десет тенисерки кои успеаја да освојат индивидуални титули на сите четири Грен слем турнири, а пет пати се искачи и на врвот на поединечната ВТА ранг-листа.

Браќата Брајан освоија рекордни 16 грен слем титули во конкуренција на парови и се најуспешниот тениски тандем во историјата со вкупно 119 заеднички трофеи. Рекордни 438 недели беа на врвот на АТП ранг-листата, а десет пати беа најдобар машки пар на крајот на годината.

Церемонијата на прием во Меѓународната тениска куќа на славните ќе се одржи во Њупорт од 21 до 23 август следната година, со специјална програма и хуманитарен турнир на кој ќе настапат легенди кои веќе влегле во рангот на тениските бесмртници. /МИА

Министерот Муцунски се обрати на настан по повод Денот на Обединетите Нации

Муцунски, вчера по повод 24 октомври, Денот на Обединетите нации, учествуваше на настанот за одбележувањето на 79 години од основањето на Организацијата на обединетите нации.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вчера по повод 24 октомври, Денот на Обединетите нации, учествуваше на настанот за одбележувањето на 79 години од основањето на Организацијата на обединетите нации, што се одржа во Градскиот парк во Скопје во организација на Канцеларијата на Резидентниот координатор на Обединетите нации во Република Македонија.

,,Проблемите со кои се соочуваме како држава и можните решенија ќе ги дефинираме сите ние заедно: Владата, граѓаните, приватниот сектор, и академскиот свет, а се со една цел-остварување на Целите за одржлив развој и создавање на просперитетно и одржливо општество. Малите животни промени на дневна основа се токму тие што ќе ги донесат видливите и големи промени во нашето општество и секојдневно живеење.’’, истакна Муцунски.

Натаму, во своето обраќање Муцунски се осврна на неодамнешниот избор државата во Советот за човекови права на ОН, што претставува престиж и обврска, потенцирајќи ги нашите заложби за заштита и промоција на човековите права кои преку активно членство во Советот ќе бидат високо на агендата и натаму ќе се унапредуваат и обезбедуваат.

„Ние остануваме максимално посветени на глобалните процеси и на целите за одржлив развој и ќе продолжиме да ги промовираме суштествените вредности на ОН и да бидеме доверлив партнер во постигнувањето на универзалните цели на ОН - унапредување на човештвото, мирот, правдата, човечкото достоинство, дијалогот, толеранцијата и солидарноста“, нагласи министерот Муцунски.

Кралот Чарлс: Важно е да се разбере историјата на Британската империја која вклучуваше ропство

Кралот Чарлс ова го изјави на самитот на Комонвелтот, на кој присуствуваа шефови на држави или влади на 56 земји.

Британскиот крал Чарлс Трети денеска на Самитот на Комонвелтот во Самоа изјави дека е многу важно да се разбере историјата на Британската империја, која вклучувала ропство на африканските, карипските и другите народи, со цел да, како што наведе, во иднина да се донесат правилни одлуки.

Кралот Чарлс ова го изјави на самитот на Комонвелтот, на кој присуствуваа шефови на држави или влади на 56 земји, што започна во понеделникот во Самоа во Полинезија, опишувајќи го прашањето за ропството како „болно прашање“.

Говорот на британскиот крал доаѓа во време кога Африка и Карибите и другите земји продолжуваат да се залагаат Велика Британија да им плати репарации за трговијата со робови.

Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека Велика Британија ќе ги слуша говорите на официјалните лица за ова прашање на самитот, но нема да се извини за својата улога во трговијата со робови.

Министерот за надворешни работи на Бахамите, Фредерик Мичел, вчера за Би-Би-Си изјави дека нацрт-заклучоците на самитот, кои се очекува да бидат објавени утре, ќе вклучуваат параграфи кои повикуваат на дискусија за исплата на репарации.

Од 15 до 19 век, најмалку 12,5 милиони Африканци биле насилно транспортирани со брод од европските трговци и продадени во ропство. /МИА

притисни ентер