Дурмиши: Ако има зголемување на цените ќе има ригорозни мерки за трговците

Ако има зголемување на цените ќе има ригорозни мерки за трговците ова утринава го изјави министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши за мерката за ограничени маржи која треба да заврши на крајот на месецов.

Според него мерката ги дала потребните ефекти. Инаку потрошувачката кошничка повторно е над илјада евра за четиричлено семејство. Податоците од Сојузот на синдикати на Македонија покажуваат дека минималните трошоци на едно семејство во октомври се намалени за 57 денари. Државната статистика објави дека втор месец по ред се намалува просечната плата.

Шолц: Украина не може да влезе во НАТО се додека е во воена состојба

Германскиот канцелар Олаф Шолц изјави дека во моментов не постои можност Украина да биде поканета во НАТО бидејќи, како што наведе, земја во воена состојба не може да стане членка на Алијансата. .

Шолц синоќа за телевизијата ЗДФ изјави дека земја во воена состојба дефинитивно не може да стане членка на НАТО и дека, како што наведе, сите се согласуваат со тој став.

Според Шолц, во моментов се разговара за „безбедносните гаранции“ по завршувањето на војната во Украина.

Шолц истакна дека руското кршење на меѓународното право бара посебни дејствија.

Според него, од една страна треба да се поддржи способноста на Украина да се брани, а од друга да се спречи војната да прерасне во конфликт од поголеми размери, односно во војна меѓу Русија и НАТО.

-Ова е моја одговорност и тоа е нешто што јасно го разбирам. И нема да ја променам мојата позиција, нема да дозволам да ме поколебаат, рече Шолц.

Во овој контекст, тој повтори дека не се согласува со префрлање во Украина на германски крстосувачки ракети „Таурус“ и друго оружје што може да придонесе за ескалација на конфликтот.

Шолц оцени дека е дојден моментот, вклучително и на бојното поле, кога е неопходно да се погледне како да се стави крај на војната и да се создадат перспективи за праведен мир за Украина што е можно поскоро./МИА

Поранешен марокански фудбалски репрезентативец почина на 35-годишна возраст

Поранешниот марокански фудбалски репрезентативец Абделазиз Барада почина на 35-годишна возраст, јави денеска Би-Би-Си.

Причината за смртта официјално не е позната, а мароканските медиуми објавија дека Барада доживеал срцев удар.

Мароканската федерација изрази сочувство на социјалните мрежи, опишувајќи ја неговата смрт како „голема трагедија и голема загуба“.

Роден во Франција, поранешниот марокански репрезентативец ја почна кариерата во вториот тим на ПСЖ по што настапуваше за повеќе екипи во Шпанија, Турција, Франција, ОАЕ и Катар.

Кариерата ја заврши во 2021 година во францускиот нисколигаш.

За мароканската репрезентација Барада одигра 26 натпревари и настапи на Олимписките игри во Лондон 2012 година.

Индија и Кина ги повлекуваат силите од двете последни спротивставени позиции на Хималаите

Индија и Кина почнаа да ги повлекуваат трупите од нивните последни две спротивставени позиции на спорната граница на Хималаите, изјави извор од индиската влада запознаен со ова прашање, најавувајќи го крајот на четиригодишниот воен судир.

Двата нуклеарно вооружени соседи постигнаа договор оваа недела за граничните патроли, отворајќи го патот за првите официјални разговори меѓу нивните лидери по пет години, одржани во Русија.

Откако беа договорени патролите, изворот, кој сакаше да остане анонимен, денеска рече дека трупите од двете страни почнале да се повлекуваат од областите Депсанг и Демчок, последните преостанати точки каде што застанале едни против други.

Во Пекинг, портпаролот на министерството за надворешни работи Лин Џијан рече дека повлекувањето се одвива непречено.

- Во согласност со неодамна договореното решение меѓу Индија и Кина, нивните армии од фронтот спроведуваат релевантна работа, со досега непречен напредок, рече Лин Џијан.

Ниту една страна не даде детали за договорот, кој се очекува да ги подобри политичките и деловните врски оштетени од воениот конфликт во 2020 година.

На состанокот одржан завчера, индискиот премиер Нарендра Моди и кинескиот претседател Си Џинпинг се согласија да ја зајакнат комуникацијата и соработката во обид да помогнат во решавањето на несогласувањата./МИА

притисни ентер