Министерот Љутков учествуваше на дебата со граѓанските организации

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска присуствуваше на Годишната конференција на граѓански организации за соработка помеѓу Владата и граѓанското општество, Национален форум на Цивика Мобилитас .

По отворањето на настанот, се одржа и дискусија, на која министерот Љутков, покрај другите гости, одговараше на прашањата на претставниците на граѓанските организации, кои се добитници на грантови на програмата „Цивика мобилитас“.

Одговарајќи на прашања од областа на туризмот, Љутков нагласи дека како владин приоритет, освен редовните механизми за финансирање, ќе бидат разгледани и други опции на финансирање.

„Министерството за култура и туризам ќе има годишна програма која ќе биде изготвена заедно со сите чинители во туризмот на која предлозите за поддршка и развој на алтернативни видови на туризам ќе бидат опфатени со конкретни мерки“, информираше Љутков.

Истакнувајќи дека руралниот туризам е особено важен, бидејќи нуди автентични искуства за туристите кои сакаат да уживаат во традиционалниот начин на живот, локалната гастрономија, Љутков нагласи дека овие региони се од особено значење за зачувувањето и понатамошното развивање на традицијата и локалната култура.

„Затоа за да го оствариме потенцијалот на културниот туризам, треба да се направи баланс помеѓу големите туристички центри и руралните средини. Истовремено со правилна стратегија и инвестиции во инфраструктурата, како што се патишта, сместувачките капацитети, и засилена промоција, може да станеме препознатлива дестинација на културната карта на Европа и пошироко“, рече министерот Љутков.

Одговарајќи на прашања за одржување на културни манифестации во училиштата, министерот Љутков потсети дека Владата во својата програма има еден многу значаен сегмент: култура за деца и за млади, и како што рече, во оваа насока, се размислува за развивање на системски концепт за развој на културно-образовни програми и активности за нивна достапност до публиката.

Потенцирајќи дека во наредиот период се планира потпишување на Меморандуми за соработка помеѓу Министерството за култура и туризам или Националните установи од културата и училиштата, министерот Љутков рече дека тие ќе бидат рамка за соработка и контиунирано гостување на театарски претстави, музички концерти и филмски фестивали, кои би се одржувале во основните и средните училишта.

„Министерството за култура и туризам и јас како министер сум целосно отворен за соработка и за предлози, бидејќи само со едуцирани и образовани млади луѓе кои имаат познавања од културата, можеме да сметаме на сигурна иднина и суштински развој во државата“, истакна министерот Љутков.

За можностите на младите таленти за музика и уметност да имаат студиски посети на ЕУ и средби со младите од земјите во ЕУ, министерот Љутков информираше дека наскоро ќе биде распишан Конкурс за поддршка на студенти на прв, втор и трет циклус студии во странство на студиски програми од областа на културата и уметноста за 2025 година.

„На тој конкурс всушност поддржуваме и млади таленти кои својата доедукација ја продолжуваат на некои од најпрестижните високообразовни установи и академии во странство“, рече Љутков кој најави дека годинава ќе биде поддржано стручно усовршување на дефицитарни кадри во областа на културата за 2025 година што подразбира стручен престој, стручно усовршување и резиденцијални престои на стручни кадри во земјава и во странство.

Програмата за поддршка на граѓанското општество „Цивика мобилитас“ е поддржана од Владата на Швајцарија, а ја спроведуваат Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), НИРАС од Данска, и ФЦГ од Шведска, соопштуваат од Министерството.

Зеленски: Разговорот меѓу Шолц и Путин ја отвора „Пандорината кутија“

Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека разговорот меѓу германскиот канцелар Олаф Шолц и рускиот претседател Владимир Путин „ја отвора Пандорината кутија“ бидејќи ги поткопува напорите да се изолира рускиот лидер.

„Сега ќе има други разговори, други повици. Само многу зборови. А токму тоа го сака Путин долго време: за него е исклучително важно да ја ослаби својата изолација“, нагласи Зеленски во вечерното обраќање, објави Киев Индипендент.

Како што пренесуваат германските медиуми, Зеленски уште пред разговорот со Путин го предупредил германскиот канцелар дека оваа средба може да му помогне на рускиот претседател да излезе од меѓународната изолација и да продолжи со воените операции против Украина.

„Путин не сака мир, тој само сака пауза“, рече претходно Зеленски.

Шолц имал телефонски разговор со рускиот претседател за прв пат по две години, соопшти претходно кабинетот на германскиот канцелар. Портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи изјави дека разговорот со „рускиот диктатор сам по себе не носи никаква додадена вредност во однос на постигнување праведен мир“.

Германската полиција трага по невестата, која си ја заборавила скапоцената венчаница

Полицијата има задача да ја пронајде сопственичката на венчаница, најверојатно случајно оставена во продавница во центарот на Бон.

Во куфер е пронајден бел фустан со „арапски украси“, кој го нашол изненаден муштерија, пренесува Билд.

„Ваквите фустани обично не се дел од секојдневната гардероба, па претпоставуваме дека ѝ припаѓаат на идната невеста“, велат надлежните.

Додаваат дека сопственичката најверојатно била „под голем притисок“.

Полицијата е решена да го „спаси најважниот ден“ во животот на идната невеста, па најавува дека фустанот ја чека во централната станица.

Доколку се врати, ќе ги дознаеме деталите за овој необичен случај. Сигурно јавноста би сакала да дознае како ја изгубила венчаницата.

Дрвошанов: Предлог-буџетот за 2025 година е развоен, со социјална компонента

На денешната Комисија за финансирање и буџет на која се разгледува и расправа Предлог-буџетот за претстојната 2025 година, пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Жан Дрвошанов, истиот го окарактеризира како исклучително развоен.

На денешната Комисија за финансирање и буџет на која се разгледува и расправа Предлог-буџетот за претстојната 2025 година, пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Жан Дрвошанов, истиот го окарактеризира како исклучително развоен, со социјална компонента и приходи и расходи кои се со реално ниво на остварување односно извршување.

Тој истакнува дека со овој буџет ќе се постигне макроекономска стабилност со фискална консолидација и тоа преку раст на БДП, понизок буџетски дефицит и умерено ниво на државен долг заедно со високо ниво на капитални инвестиции.

„Сведоци сме во изминатите години, како претходните влади со реализацијата на нивните буџети не направија никаков, ама баш никаков развој во државата. Напротив, имавме назадување и стагнација скоро во сите сфери на општеството, имавме низок раст на бруто домашниот производ, висок буџетски дефицит, ниска реализација на капитални инвестиции, а од друга страна имавме енормно високо ниво на задолжување на државата“, потсетува Дрвошанов на состојбите од изминатите седум години.

Според него овие негативни и штетни политики неизбежно се рефлектираат и имаат влијание како во сегашниот, така и во идниот период и токму поради тоа со Предлог-буџетот за 2025 година, целта е да се консолидира состојбата во државата во сите области, да се стабилизираат економските текови, со што ќе се постигнат солидни финансиски и економски резултати.

„Така, со Предлог-буџетот за 2025 година е планирано да се постигне раст на бруто домашниот производ од 3,7%, инфлација од 2,2% и капитални инвестиции од 50,5 милијарди денари кои ќе бидат реални капитални инвестиции и директно ќе влијаат на зголемувањето на бруто домашниот производ. За споредба, од претходно, во изминатите години оваа реализација на реални капитални инвестиции не помина повеќе од 15 милијарди денари и имавме трансфери кои никако не можат да влијаат врз растот на бруто домашниот производ“, јасно прецизира Дрвошанов.

Во оваа насока, тој потенцира дека особена и сериозна економска активност ќе предизвика и финансиската помош од Владата која се состои во билатералниот заем од Унгарија, односно поволните кредити за стопанството кои се повеќе од потребни за производствените компании кои со ваквата помош ќе го зголемат сопственото производството, вработувањата, а со тоа ќе растат и платите на вработените, се наведува во партиското соопштение.

притисни ентер