Во Париз беа преземени вонредни безбедносни мерки во пресрет на натпреварот поради војната на Блискиот Исток и минатонеделните инциденти во Амстердам каде имаше тепачка помеѓу навивачите на Ајакс и Макаби Тел Авив.
Нуњез рече дека тепачката која се случила внатре на стадионот „Стад де Франс“ била „веднаш спречена“ од обезбедувањето.
„Тоа беше почеток на тепачката и со наша навремена реакција инцидентот многу брзо беше ставен под контрола. Полицијата веднаш го приведе едното лице, а другото го уапси веднаш по натпреварот, со помош на видео докази“, изјави шефот на париската полиција.
Физичките пресметки се случија 10-тина минути по почетокот на натпреварот, на делот од трибината зад еден од головите. Некои од инволвираните имаа израелски знамиња на грбот. Не е јасно што ја предизвикало расправијата, а обезбедувањето интервенирало по околу една минута.
Француската полиција ги засили безбедносните мерки за натпреварот во Париз, по насилството во Амстердам пред и по натпреварот од Лигата на Европа меѓу Ајакс и Макаби Тел Авив.
Во Амстердам минатата недела, пропалестински демонстранти ги нападнаа навивачите на Макаби на улиците, при што беа повредени меѓу 20 и 30 луѓе, што наиде на осуда од голем број западни земји.