УЕФА дисквалификува двајца полски судии кои пијани украле сообраќаен знак

Полските судии Бартош Франковски и Томаш Мусијал се дисквалификувани од Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) поради кршење на јавниот ред и правила на однесување, јавува „Би-би-си“.

Исклучувањето на судиите на натпреварите под капата на УЕФА ќе трае до јуни 2025 година.

На почетокот на август, судиите требаше да ја делат правдата на натпреварот од третото квалификациско коло во Лигата на шампионите меѓу Динамо Киев и Ренџерс. Ноќта на 6 август, Франковски, Мусјал и уште еден маж беа приведени со украден сообраќаен знак. Во крвта на прекршителите е констатирана зголемена содржина на алкохол./МИА

Претседателката Сиљановска Давкова ја прифати оставката на Комисијата за помилување

Членовите на Комисијата за помилување денеска ја информираа претседателката Гордана Сиљановска Давкова дека поднесуваат колективна оставка од позициите во комисијата. 

Одлуката за поднесување на колективна оставка од Комисијата за помилување членовите ја донеле во согласност со нивните лични и професионални принципи.

Претседателката Сиљановска Давкова ја прифати оставката поднесена од проф. д-р Методија Каневчев, проф. д-р Гордан Калајџиев, проф. д-р Арлинда Кадри Шахиновиќ, д-р Зора Митиќ, м-р Ана Ѓорѓиева Ивановска и Ајтен Шаќири.

Во следниот период претседателката Гордана Сиљановска Давкова ќе изврши консултации за новиот состав на комисијата, како и за институционалните и законски слабости кои постојат во системот за помилување на осудени лица.

Алкалоид уште еднаш подобар од Клаипеда

Ракометарите на Алкалоид по втор пат славеа победа над Драгунас Клаипеда. Попладнево македонскиот тим беше поуспешен во Литванија со 37:31 и со тоа ги потврди убедливите 11 голови предност од првиот меч одигран во Скопје.

На дуелот од 2.коло во квалификациите за Европскиот куп, Алкалоид одлично го почна натпреварот и по само осум минути игра водеше со (2:8). Во три наврати во првото полувреме имаше плус 9, а на полувреме заминаа со водство од четири голови (17:21).

Во 40. минута домаќините се доближија на само два гола разлика (24:26), но македонскиот тим зголеми на интензитет и повторно отиде на пет гола предност (25:30) на 15 минути пред крајот. Следуваше рутинирана завршница и сигурна победа за избраниците на тренерот Кирил Лазаров.

Со седум голови најефикасен во победничкиот тим беше Мартин Серафимов, по шест постигнаа Марко Митев и Арно Бинго.

Ова е прва победа за Алкалоид на гостински терен во евро-куповите./МИА

Калајџиев: Колективна оставка од позициите членови на Комисијата за помилување

Професорот на Правниот факултет – Гордан Калајџиев преку Фејсбук ја извести јавноста дека членовите на Комисијата за помилување поднесуваат колективна оставка од позициите.

„Почитувани,

Со ова ја известуваме јавноста за нашата колективна оставка од позициите членови на комисијата за помилување.

Оваа одлука ја донесовме во согласност со нашите лични и професионални принципи.

Со почит,

Проф.др Методија Каневчев, Проф.др. Гордан Калајџиев, Проф.др. Арлинда Кадри Шахиновиќ,

Др. Зора Митиќ,

М-р Ана Ѓорѓиева Ивановска

Ајтен Шаќири

26.10.2024 година“, стои во објавата на Калајџиев.

притисни ентер