Меси не ја исклучува можноста за учество на СП во 2026 година

Ѕвездата на Интер Мајами, Лионел Меси не ја отфрли можноста да игра на Светското првенство 2026 година во Северна Америка.

-Го сакам фудбалот. Неодамна бев на преполн стадион каде што го скандираа моето име и имињата на моите соиграчи. Поминав низ доста тешки моменти со репрезентацијата и благодарен сум за тоа што се случува сега. Ги користам овие моменти, затоа што знам дека времето истекува, Се трудам да уживам во секој ден. Ќе дојде време - ќе видиме што точно ќе се случи, не сакам да брзам. Се надевам дека ќе можам да настапувам на исто ниво, да се чувствувам добро и да бидам среќен. Ова е поважно за мене, изјави 37-годишниот капитен на аргентинската репрезентација, цитиран од весникот „Марка“.

Поранешниот играч на Барселона и Пари Сен Жермен стана шампион со составот на „гаучосите“ на Светското првенство во Катар 2022 година.

Претседателката на ЕЦБ со пофалби за словенечката економија

 Претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, во интервју за 24ur по седницата на Советот на ЕЦБ истакна дека Словенија може да биде пример за економска стабилност и иновативност.

- Словенија, иако мала, се истакнува како пример за успешна економска политика во еврозоната. Нејзиниот глас се слуша на европската сцена и брзо се прилагодува на глобалните промени, што ѝ овозможува конкурентност во динамичната европска економија, рече Лагард.

Таа го изрази своето задоволство од напредокот во намалувањето на инфлацијата и посочи дека целта е стабилна инфлација од 2 отсто.

- Нашата цел е да постигнеме стабилна стапка на инфлација од два проценти, нагласи таа и додаде дека оваа цел мора да се заснова на одржливи основи, што значи дека не смее да се постигне само на краток рок. „Стабилната инфлација е основната цел на ЕЦБ, бидејќи таа е од суштинско значење за долгорочна економска стабилност, додава Лагард.

И покрај нејзината големина, Словенија се издвојува по своите економски перформанси во споредба со другите членки на еврозоната. Лагард особено ја пофали словенечката економија која веќе извесно време бележи повисока стапка на економски раст од просекот на еврозоната. Исто така, Словенија има една од најниските стапки на инфлација и невработеност, што и овозможува да биде постабилна во споредба со другите европски економии.

Зиркзе го напушта „Олд Трафорд“ во јануари?

 Манчестер Јунајтед донесе неколку големи засилувања пред сезоната, Лени Јоро беше платен 62 милиони, Мануел Угарте 50, Матиас Де Лихт 45, Зиркзе 42,5, а многу поевтин беше Нусер Мазрауи, кој беше платен „само“ 15 милиони евра.

Од Зиркзе се очекуваше многу, Холанѓанецот требаше да ја подобри ефикасноста, а челниците на Јунајтед го гледаа како машина за голови. Но, реалноста е сосема поинаква.

Манчестер е само 14-ти на табелата во Премиер лигата, со само осум бода од седум кола, со само пет постигнати голови. Еден од тие петте гола беше дело на Зиркзе, премалку за вложените пари.

Холанѓанецот играше на секој од тие седум натпревари, но на ниту еден не беше на теренот од почеток до крај. А веќе се појавија информации дека Зиркзе ќе го напушти „Олд Трафорд“ во јануари.

По две неверојатни сезони во Болоња, дури и пласман во Лигата на шампионите со овој клуб, Зиркзе направи чекор напред во кариерата и се пресели во Јунајтед.

Како што сега стојат работите, тој многу лесно би можел да се врати на Апенинскиот полуостров. Планот на Јунајтед е да го испрати на позајмица во Јувентус, ни помалку ни повеќе, кој покажа сериозен интерес за неговиот потпис.

Дури и самиот Холанѓанец инсистира на промена на средината, а со оглед на тоа што на десет натпревари во Манчестер постигна само еден гол, се чини дека челниците на клубот од „Олд Трафорд“ ќе му излезат во пресрет, пишуваат медиумите на Островот.

Секако, во Манчестер активно бараат замена за еден од најголемите неуспеси, а прв пик е словенечкиот напаѓач Бенјамин Шешко. Според некои информации, неговата клаузула е 65 милиони евра, што не би требало да биде голем проблем за Јунајтед.

Јужна Кореја: Испраќањето војници од С. Кореја во Русија е закана за меѓународната безбедност

Кабинетот на јужнокорејскиот претседател Јун Сук-Јол денеска објави дека испраќањето војници од Северна Кореја во Русија е „сериозна закана за меѓународната безбедност“ и дека ќе одговори на тоа со сите расположливи средства.

На состанокот со клучните разузнавачки, воени и безбедносни претставници, беше истакнато дека моменталната ситуација во воените односи меѓу Русија и Северна Кореја е „сериозна закана не само за Јужна Кореја, туку и за меѓународната заедница“.

Јужнокорејските власти соопштија дека е веројатно некои севернокорејски војници во Русија да се вмешани во конфликтот во Украина, но не дадоа дополнителни детали.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно ја обвини Северна Кореја дека испраќа офицери да и помогнат на Русија, додека генералниот секретар на НАТО Марк Руте рече дека во моментов нема докази за присуство на Пјонгјанг во војната.

Јужнокорејски и американски официјални лица тврдат дека Северна Кореја и доставува балистички ракети и друга муниција на Русија, обвинение кое и Пјонгјанг и Москва го негираа.

Кремљ, исто така, ги отфрли тврдењата на Јужна Кореја за испраќање воен персонал во Русија. /МИА

притисни ентер