Претседателката на ЕЦБ со пофалби за словенечката економија

 Претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, во интервју за 24ur по седницата на Советот на ЕЦБ истакна дека Словенија може да биде пример за економска стабилност и иновативност.

- Словенија, иако мала, се истакнува како пример за успешна економска политика во еврозоната. Нејзиниот глас се слуша на европската сцена и брзо се прилагодува на глобалните промени, што ѝ овозможува конкурентност во динамичната европска економија, рече Лагард.

Таа го изрази своето задоволство од напредокот во намалувањето на инфлацијата и посочи дека целта е стабилна инфлација од 2 отсто.

- Нашата цел е да постигнеме стабилна стапка на инфлација од два проценти, нагласи таа и додаде дека оваа цел мора да се заснова на одржливи основи, што значи дека не смее да се постигне само на краток рок. „Стабилната инфлација е основната цел на ЕЦБ, бидејќи таа е од суштинско значење за долгорочна економска стабилност, додава Лагард.

И покрај нејзината големина, Словенија се издвојува по своите економски перформанси во споредба со другите членки на еврозоната. Лагард особено ја пофали словенечката економија која веќе извесно време бележи повисока стапка на економски раст од просекот на еврозоната. Исто така, Словенија има една од најниските стапки на инфлација и невработеност, што и овозможува да биде постабилна во споредба со другите европски економии.

Песков: Русија е загрижена за последиците од убиството на лидерот на Хамас

Русија е загрижена за последиците за ситуацијата на Блискиот Исток откако Израел го ликвидираше лидерот на „Хамас“ Јахја Синвар, изјави за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

-Главната работа за нас се последиците за цивилното население што ги гледаме, рече тој како одговор на прашањето како Кремљ реагира на акциите на Израел, додавајќи: „Имаме сериозна загриженост за ова“.

„Хуманитарната катастрофа што се забележува и во Појасот Газа и во Либан предизвикува сериозна загриженост во нашата земја“, додаде портпаролот на шефот на руската држава.

Коментирајќи го фактот дека убиството на лидерот на Хамас буквално беше емитувано на интернет, Песков рече дека Израел дејствува, а „медиумите тоа секојдневно го прикажуваат во живо“. „Ова е нивото на технолошки развој“, додаде тој.

Израелските одбранбени сили вчера соопштија дека Синвар бил убиен во операција на израелската војска во јужниот дел на Појасот Газа на 16 октомври. Властите во земјата го сметаат за еден од главните организатори на нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година. Палестинското исламистичко движење Хамас официјално не ги коментираше извештаите за смртта на Синвар.

БиХ категорично ги отфрла обвинувања за наводна обука на молдавски државјани

 Министерството за безбедност на Босна и Херцеговина најостро ги демантира и отфрла неоснованите медиумски наводи кои се однесуваат на наводна обука на молдавски државјани во БиХ.

„Станува збор за неточни и целосно непоткрепени тврдења кои немаат апсолутно никаква врска со Босна и Херцеговина“, соопштија од Министерството.

До Министерството за безбедност на БиХ не пристигнале никакви официјални барања од молдавските власти, ниту се доставени какви било докази кои би ги потврдиле наведените тврдења. Спомнувањето на Босна и Херцеговина во овој контекст е очигледно обид за манипулација во екот на вжештената политичка кампања во Молдавија, која на 20 октомври избира претседател на Републиката, се наведува во реакцијата.

„Посебно потенцираме дека Босна и Херцеговина намерно се става во овој контекст, бидејќи е држава која не воведе санкции кон Руската Федерација. Поради тоа, погодна е за одредени центри за пласирање вакви конструкции на нејзина сметка. Ставот на Министерството за безбедност и безбедносните агенции на Босна и Херцеговина е јасен – ние имаме неутрална политика и апелираме да се постигне што побрзо мир во Украина и крај на војната која предолго трае“, се посочува во соопштението и се додава дека Министерството за безбедност не би толерирало и нема да толерира појави на какви било кампови за обука, без разлика на чиј интерес би работеле.

Самата фактичка состојба дека ваквите медиумски наводи се последица на политички интереси и кампања, а не на постоење на какви било кредибилни информации за вмешаност на Босна и Херцеговина во нарушување на стабилноста на Молдавија, потврдува дека станува збор за обид за дестабилизација на меѓународните односи, се тврди во соопштението.

Министерството ги повикува сите медиуми и надлежни органи на одговорно известување и верификација на информациите пред објавување, со цел да се избегне ширење на дезинформации кои можат да имаат негативни последици врз меѓународните односи.

По 61 година, ООУ „Крсте Мисирков“ добива нова училишна зграда

 По 61 година, општинското основно училиште „Крсте Мисирков“ добива нова училишна зграда. Вкупната инвестиција за реализација на овој проект е 170 милиони денари. 

Со реализација на овој проект, ќе се изгради ново училиште на приземје плус еден кат со вкупна површина од 3.128 метри квадратни, каде ќе има 30 кабинети со вкупен капацитет за 713 ученици, информираше денеска градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски.

- Со изградбата на новото училиште, обезбедуваме поквалитетни услови за образование и воспитание на учениците, но и подобри услови за работа на наставниот кадар, подвлече градоначалникот, додавајќи дека се исполнува уште едно ветување дадено пред граѓаните.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска рече дека оваа капитална инвестиција ќе биде од огромно значење за квалитетот на воспитно-образовниот процес на сегашните и идни генерации ученици од оваа населба.

- Премногу долго траеја овие монтажни бараки. Конечно по шест децении ќе бидат заменети со нов, достоен објект за образување и за ова треба да им се честита на градоначалникот, на Советот, на пратениците и на сите, кои беа истрајни во изминатиот период за да стигнат до овој момент - конечно целта да почне да се реализира. Инвестирањето во образованието е темел на секое современо и просперитетно општество. Нам како Влада, тоа ни е сосема јасно и затоа оваа област е поставена меѓу високите приоритети во програмските определби, нагласи министерката.

Јаневска рече дека инфраструктурата е еден од трите столбови на што се потпира квалитетот на образованието, покрај наставните програми и учебниците и мотивираните наставници.

- Во таа насока, сакам да информирам дека Министерството за образование и наука во моментов реализира 36 крупни капитални инвестиции, односно изградби на училишта и темелни реконструкции, како и 40 помали санации во училишни објекти. Камо среќа да затекневме полна каса пред три месеци, наместо целосно испразнета, па да можевме уште повеќе да го помогнеме образованието и сите негови чинители. Затоа пак, следната година планираме буџет од над 40 милијарди денари, што е значително зголемување во споредба со претходните, што достигнуваа до 30 милијарди. Уверувам дека ќе го вратиме образованието на вистинскиот пат, со добра стратегија и со поддршка на локалните самоуправи, на граѓанскиот сектор и на меѓународните партнери, додаде Јаневска.

Задоволство од денешниот настан изрази и премиерот Христијан Мицкоски.

- Ние заедно како Влада со Министерството за образование и наука ќе продолжиме да помагаме во ваков тип на објекти, капитални инвестиции. Образованието претставува наш фокус и образованието е основа за правилен раст и развој на децата, но, истовремено и темел на што треба понатаму да се гради една држава. Така што, уште еднаш дозволете ми да го искажам моето огромно задоволство, што мислам градоначалникот рече во рок од максимум две години, овде ќе биде изградена една нова, претставителна, со европски квалитет, зграда, каде повеќе од 700 дечиња ќе можат да стекнуваат знаења, да се дружат и да ги поминуваат своите ученички денови во ова основно училиште, истакна премиерот.

Директорката на ООУ „Крсте Мисирков“, Билјана Трајановска рече дека посакува градбата да се заврши во предвидениот рок и што повеќе генерации на ученици да го следат процесот на образование во новото училиште.

Градоначалникот Стефковски рече дека инвестициите во образованието, претставуваат инвестиции во иднината и токму поради тоа, образованието било на врвот на приоритетите на неговиот мандат, а за тоа говореле реализираните проекти во оваа област.

- Покрај редовните градежно-занаетчиски работи што ги реализираме за подобрување на условите во сите основни училишта, ги реконструиравме и училишните сали во ООУ „Дане Крапчев“ и ООУ „Григор Прличев“. Од реализираните капитални инвестиции, ќе ги издвојам: изградивме нова училишна спортска сала во ООУ „Кирил и Методиј“ во Стајковци, за неколку дена од денеска, ќе ја пуштиме во употреба и новата училишна сала во ООУ „Наум Охридски“ во Булачани, а дополнително до крајот на годината, благодарение на поддршката од Владата и премиерот Мицкоски, ќе започнеме со изградба и на нова сала во населеното место Црешево. Изминатите три години на дело покажавме што значи посветена работа, а кога нешто работиш посветено и од срце, тогаш резултатите сигурно доаѓаат. Нѐ очекува уште многу работа што ќе донесе реализација на многу нови капитални проекти, најави Стефковски.

притисни ентер