Лидерите на ЕУ иницираа подготовка на нов закон за репатријација на мигрантите

Шефовите на држави или влади на земјите членки на ЕУ на средбата во Брисел што заврши доцна синоќа, постигнаа договор за изработка на нова легислатива за репатријација на илегалните мигранти од Унијата.

Во завршната декларација, која беше усогласена по неколку неделни преговори меѓу земјите членки, се повикува на „разгледување нови начини за спречување и спротивставување на илегалната миграција, во согласност со ЕУ и меѓународното право“, а од Европската комисија се бара итно да предложи нов законски предлог за „решителна акција на сите нивоа за олеснување, зголемување и забрзување на депортирањето од Европската Унија, со помош на сите релевантни политики, инструменти и алатки“.

Потенцирајќи дека миграцијата е европски предизвик кој бара европски одговор, лидерите ги повикаа Советот на ЕУ, земјите членки и Европската комисијата да се посветат на „зајакнување на активностите за сеопфатен пристап кон миграцијата“, а апелираа и на засилена соработка со земјите на потекло и транзит на мигрантите за решавање на основните причини за мигрирањето и во борбата против криумчарењето и трговијата со луѓе.

- Усогласувањето на визната политика со соседните земји е важен елемент во овој поглед. Безбедни и легални патишта во согласност со националните надлежности се клучни за легална и уредна миграција, се додава во Заклучоците.

Лидерите, исто така апелираа да не им се дозволи „на Русија, Белорусија или на која било друга земја“ преку инструментализација на миграцијата за политички цели да ги злоупотребуваат вредности на ЕУ, вклучително и правото на азил, за поткопување европските демократии.

Европскиот совет ја нагласи и потребата од ефикасна контрола на надворешните граници на Унијата со сите расположливи средства, согласност со европското и меѓународното право, како и важноста од „правилно функционирање на Шенген зоната“.

Ваквата одлука на Самитот на ЕУ, полскиот премиер Доналд Туск ја оцени како своја победа, бидејќи неговата идеја за привремен прекин на процесирањето на апликациите на барателите на азил кои илегално влегле во Унијата, добила поддршката и од другите лидери на земјите членки.

Сепак, идејата за воспоставување на т.н. „центри за враќање“, каде до нивната депортација би биле задржани илегалните мигранти чии барања за азил се одбиена, не беше поддржана од сите лидери на членките на ЕУ.

Во врска со Украина, Европскиот совет ја повтори својата решителна осуда на руската агресија врз Украина, која е оценета како очигледно кршење на Повелбата на ОН и ја потврди поддршката за независноста, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во нејзините меѓународно признати граници.

Лидерите на ЕУ, исто така, ја потврдија непоколебливата посветеност на ЕУ за обезбедување континуирана политичка, финансиска, економска, хуманитарна, воена и дипломатска поддршка на Украина и нејзиниот народ онолку долго и со оној интензитет колку што ќе биде потребно и изразија поддршка за постигнување сеопфатен, праведен и траен мир заснован на принципите на Повелбата на ОН и меѓународното право и „клучните цели на формулата за мир на Украина“, во согласност со Киев, бидејќи „не може да се преземе иницијатива за Украина без Украина“.

Советот повикува и на итно засилување на воената поддршка за Украина и забрзување на нејзината испорака, особено системи за противвоздушна одбрана, муниција, како и на исполнување на заложбата усогласена на Самитот на Г7 во Апулија за обезбедување на приближно 45 милијарди евра (50 милијарди американски долари) до крајот на годината за сегашните и идните воени, буџетски и реконструктивни потреби на Украина.

- Европскиот совет остро го осудува постојаното гранатирање од руска страна на украинската критична енергетска и цивилна инфраструктура и ги поддржува сите напори, и јавни и приватни, за итно зголемување на енергетската безбедност на Украина пред зимата и задоволување на непосредните потреби за хуманитарна и цивилна заштита на украинското население, се додава во заклучоците и се повикува на понатамошна интеграција на енергетскиот систем на земјата во енергетската мрежа на ЕУ.

Лидерите ги осудија и руските напади врз украинската пристанишна инфраструктура и врз комерцијалните бродови, оценувајќи дека со тоа Русија ја користи храната како оружје и поткопува глобалната безбедност на снабдувањето со прехранбени продукти.

- Европскиот совет е крајно загрижен поради извештаите за егзекуции од страна на руските сили на украински воени заробеници. Меѓународното хуманитарно право, вклучително и во третманот на воените заробеници, мора да се почитува во секое време. Ниту еден криминал не може да остане неказнет, се додава во заклучоците.

Лидерите ја нагласија и подготвеноста за воведување дополнителни санкции против Русија за да се ограничи нејзината способноста да води војна и ја осудија „континуираната поддршка на третите земји за руската агресивна војна“, повикувајќи да престанат со секаква помош за земјата и нејзината воена индустриска база.

Европскиот совет ја осуди и руската засилена кампања на хибридни активности насочени против Европската унија, нејзините земји членки и партнери и го поздрави воведувањето на санкциите на ЕУ поврзани со дестабилизирачките акции на Русија.

- Европската Унија и земјите членки ќе продолжат да ја зајакнуваат својата отпорност и целосно да ја користат хибридната алатка на ЕУ за да ги спречат, одвратат и одговорат на хибридните активности на Русија.

Лидерите расправаа и за ситуацијата со високите и нестабилни цени на електричната енергија во некои делови на Европа и ја повикаа Европската комисија итно да предложи мерки за решавање на ова прашање.

Во однос на состојбите на Блискиот Исток, лидерите на ЕУ ги повторија своите повици за деескалација на состојбата, изразувајќи „длабока вознемиреност од драматичната воена ескалација“ и ризикот што таа го претставува за целиот регион.

- Ги повикуваме сите страни да покажат најголема воздржаност, веднаш да стават крај на сите непријателства и целосно да го почитуваат меѓународното право, вклучително и меѓународното хуманитарно право. Европската унија е целосно посветена да помогне во деескалација на ситуацијата и намалување на тензиите, се наведува во заклучоците.

Европскиот совет ги осуди иранските напади врз Израел од 1 октомври, како и „сериозно дестабилизирачките активности на Иран низ Блискиот Исток преку терористички и вооружени групи, кои претставуваат сериозна закана за регионалните стабилност“, при тоа повторувајќи го правото на израелската држава да се брани себеси со почитување меѓународното хуманитарно право.

Лидерите изразуваат и „најголема загриженост“ поради воената ескалација во Либан и изразуваат жалење за неприфатливиот број цивилни жртви, присилното раселување предизвикано од ескалацијата на насилството и упорната употреба на воена сила

- Ракетните напади од страна на Хезболах мора да престанат. Мора да се почитуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на Либан. Европскиот совет повикува на итен прекин на огнот преку „Сината линија“ и на целосно и симетрично спроведување на Резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на ОН, се додава во заклучоците, при што се нагласува и „силната поддршка“ на Унијата за државните институции на Либан, вклучително и за либанските вооружени сили.

Советот на ЕУ ги осуди и нападите врз Мисијата на Обединетите нации во Либан (УНИФИЛ), при кои беа повредени неколкумина мировници, оценувајќи дека тие претставуваат сериозно кршење на меѓународното право, целосно се неприфатливи и мора веднаш да престанат.

- Европскиот совет го повторува својот повик за итен прекин на огнот во Газа, безусловно ослободување на сите заложници, итно подобрување на пристапот и одржлива дистрибуција на хуманитарна помош низ Газа и траен прекин на непријателствата, во согласност со Резолуцијата 273на Советот за безбедност на ОН 5, се наведува во заклучоците, при што се додава дека ЕУ е непоколебливо посветена на постигнување праведен, сеопфатен и траен мир заснован на решението за две држави, како и дека кредибилниот пат кон палестинската државност е клучна компонента на тој политички процес.

Лидерите посочуваат и дека во време на засилени конфликти и тензии и алармантниот тренд на непочитување на меѓународното право, ЕУ ја потврдува својата непоколеблива посветеност на ефективниот мултилатеризам и на меѓународниот поредок заснован на правила.

- Европскиот совет останува посветен на ставањето крај на неказнивоста и на обезбедување одговорност за прекршување на меѓународното право и меѓународното хуманитарно право, ширум светот, и потсетува на важноста од поддршката и спроведувањето на одлуките на меѓународните судови, се потенцира во заклучоците.

Од Самитот беше изразена цврстата поддршка на европскиот пат на Молдавија, но и осуда на „постојаната манипулација со информации и мешање од страна на Русија во обид да се поткопаат демократските избори и изборот на молдавскиот народ за просперитетна, стабилна и мирна европска иднина“. Исто така, се изразува и подготвеност да се поддржи „грузискиот народ на неговиот европски пат“, но се изразува и сериозна загриженост поради чекорите преземени од Владата на Грузија, што се во спротивност со вредностите и принципите врз кои е заснована Европската Унија.

Лидерите на ЕУ изразија и „најдлабока загриженост“ за катастрофалната хуманитарна ситуација предизвикана од конфликтот во, „крајна загриженост“ за кршењето на човековите права во Венецуела и „исклучителна загриженост“ за состојбата на Хаити.

Во однос на конкурентноста на ЕУ, лидерите повикаа на дополнителни напори за нејзино подобрување, преку зајакнување економска отпорност и обезбедување на индустриска обнова и еднакви услови за игра и внатрешно и глобално.

На Самиот на ЕУ се разговараше и за подготовките за конференциите на ОН за климатски промени и за биолошки диверзитет, а беа и осудени сите форми на дискриминација, вклучително и антисемитизмот и антимуслиманската омраза, нетолеранцијата, расизмот и ксенофобијата.

Средба Димовска - Лејенбергер

Потврден континуитетот на одличната соработка со германскиот Бундестаг

Генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска, денеска оствари средба со заменик-генералната секретарка на Германскиот Бундестаг, Сашка Лејенбергер, на која покрај собраниските службеници, присуствуваше и нашиот резидентен амбасадор, Илбер Села. На средбата, беа потврдени одличната и континуирана соработка меѓу двата парламента и беа разгледани предлозите за утврдување на соработката во следните години, информира собраниската прес служба.

Димовска искажала благодарност за интензитетот и динамиката на размена на експертиза, добри практики и искуства меѓу Бундестагот и Собранието. Фокусот на дискусијата бил во насока на финализирање на реформата за воведување независно собраниско обезбедување во контекст на целосна институционална независност на Собранието.

-Средбата беше искористена и за иницирање нови можности за соработка меѓу службите на двата парламента, согласно потребите на Собранието и во области за кои имаме отворени прашања и за кои е потребно целосно доуредување. Особено го истакна значењето на ИПС програмата, којашто се спроведува секоја година за млади лица од нашата земја кои стажираат во германскиот Бундестаг и на тој начин стекнуваат непроценливи искуства и знаења за парламентарното работење. Тие искуства по враќањето дома ги споделуваат во Собранието. Димовска упати и покана до раководството на службата на Бундестагот за посета на нашето Собрание, се вели во соопштението.

Лејенбергер изразила особено задоволство за денешната средба, истакнувајќи дека Собранието е во фокусот на приоритети за соработка на Бундестагот, со уверување дека оваа соработка ќе продолжи да се продлабочува во веќе детектираните области и за нови теми од заемен интерес. Праксата стипендистите да поминат две недели во Собранието пред нивно заминување во Германија и да се запознаат со начинот на неговото функционирање, ја оценила како особено позитивна, како искуство кое е корисно и служи за поподготвени да го почнат нивното стажирање во Бундестагот.

Двете соговорнички биле согласни дека во овој динамичен свет, во кој секоја институција мора да држи чекор со новата технологија, парламентите треба да инвестираат уште повеќе во дигитализацијата, заштитата на податоци, како и нивно поактивно претставување на социјалните мрежи, обезбедување поголема достапност на информации за граѓаните и за младите, но и во вклучување на јавноста и експертите во законодавниот процес, во родовата еднаквост и буџетирање, како нови трендови во парламентарното работење.

Специјалниот суд го закажа за 24 октомври прелиминарното рочиште против Сали Бериша

Специјалниот суд против организиран криминал и корупција за 24 октомври го закажа прелиминарното рочиште за досието „Партизан“.

-Пред три дена Специјалното обвинителство против корупција и организиран криминал, СПАК, го достави ова досие во кое обвинети се Сали Бериша, Џамарбер Малтези, Фатмир Бекташи, Џими Бегеј, Андина Пустина, Студио „Пустина“ компаниите „Хомеплан“ и „Контакт“, објавија медиумите.

Предметот е кај судијката Флојера Давиди, која треба да донесе одлука дали случајот ќе биде испратен на судење, може да го врати на дозавршување на истрагите или да го отфрли случајот.

-Лидерот на Демократската партија, Сали Бериша се товари за кривично дело „Пасивна корупција на високи државни функционери или локални избраници“, извршено во соработка, за што може да добие казна затвор во траење од осум години. Неговиот зет за ќерка, Џамарбер Малтези, нерегуларно стекнал корист од околу 5,4 милиони евра, приход од градежен бизнис, наведуваат медиумите.

Тој го приватизирал спортскиот комплекс „Партизан“ во центарот на Тирана, благодарение на одлуките на владата чиј премиер тогаш бил Бериша, по што изградил неколку повеќекатници.

Бериша, кој деновиве наполни 80 години и тврди дека е невин, е во домашен притвор од 30 декември минатата година. На последните парламентарни избори, во 2021 година, беше избран за пратеник, но парламентот по барање на СПАК му го одзеде пратеничкиот имунитет.

Американскиот Стејт департмент го стави Бериша на списокот со санкции уште во мај 2021 година поради сомневање за корупција, а во јули истата година, и Велика Британија. Тој тогаш обвини дека и двете одлуки се плод на „обвинувањата и лобирањето на премиерот Еди Рама и мултимилијардерот Џорџ Сорос“.

Трипуновски: Министерството подостапно

Министерството подостапно од денеска и во општина Новаци и општина Могила преку новите подрачни канцеларии

„Денеска сум повторно на посета во општина Новаци, целта е отворање на подрачна канцеларија на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Овој пат оваа канцеларија ќе биде опслужена заедно со вработените од Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски од општина Новаци.

„Целта е како што ветивме да продолжиме да го отвораме Министерството кон земјоделците. Во оваа општина според Регистарот има некаде околу 1.000 земјоделци кои што своите потреби ги извршувале во општина Битола. Сега ќе можат овдека земјоделците да проверуваат податоци, да аплицираат итн.“, појасни министерот.

Тој посочи дека целта е да се отвори Министерството и да биде подостапно за земјоделците. Тие заслужуваат да бидат информирани за секоја активност на Министерството.

„Исто така потоа заминуваме и во општина Могила да отвориме и таму подрачна канцеларија. Значи општина Могила и општина Новаци ќе бидат со нови подрачни канцеларии“, истакна министерот Трипуновски.

Тој додаде дека и во подрачната канцеларија во општина Могила ќе има вработени од Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството.

„Она што во минатото го направивме заедно со директорот на Платежната агенција сите земјоделци ќе можат во самата подрачна единица да ги следат апликациите, зошто во минатото многу од земјоделците морале да патуваат во поголемите центри па дури и во Скопје. Но, овој пат земјоделците сите тие активности ќе можат да ги прават на лице место. Со тоа сакаме да покажеме дека навистина се грижиме за земјоделците да имаат повеќе време да работат на полињата, а помалку време да губат на бирократијата“, појасни Трипуновски.

притисни ентер