Македонија во топ 20-те земји во светот чии високообразовани и стручни кадри заминуваат

Македонија во топ 20-те земји во светот чии високообразовани и стручни кадри заминуваат, се апелира за системски мерки.

Во последните десетина години 40 отсто од високообразовниот и стручен кадар заминува од земјата. Македонија е во топ 20 земји со емиграција на високобразовните и стручни кадри, а на петто место во рамки на Европската унија, истакна денеска државниот ревизор Максим Ацевски пред собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетски прашања.

Ацевски презентираше извадоци од Конечниот извештај за извршена ревизија на успешност на тема „Ефективност на мерките за спречување на одливот на високообразовни и стручни кадри“ подготвен од Државниот завод за ревизија изразувајќи надеж дека барем дел од препораките содржани во него ќе бидат имлементирани со цел намалување на одливот.

ДЗР во извештајот заклучува дека со спроведената ревизија и применета ревизорска методологија и прибраните ревизорски докази стекнале уверување дека активностите на Владата како носител на политиките за управување со миграцијата не се ефективни за намалување на одливот на високообразовниот кадар од државата. Проценките од извршената анализа на ангажираниот експерт на ДЗР покажуваат дека во периодот 2013-2021 година просечно годишно мигрираат по околу 2.500 високообразовани кадри, за кои државата просечно годишно инвестирала по околу пет милијарди денари или вкупно за анализираниот период потрошила 44,7 милијарди денари. Се посочува дека одливот на високообразованите кадри ја чини државата 0,8 проценти од годишниот БДП.

Дали овие податоци се реални имајќи предвид одредени отстапувања, рече Ацевски, не би можел да кажам, но бројот на високообразовните кадри што заминуваат е висок.

Според извештајот, вкупниот ефект на опортунитетниот трошок во однос на изгубен БДП кој не е генериран заради годишната емиграција на вкупното население од државата се проценува на 5,15 проценти од БДП на годишно ниво. Доколку на ова се додаде реално изгубената инвестиција во образованието во овие кадри која во просек изнесува 3,19 проценти годишно од БДП, вкупниот негативен економски ефект рефлектира вкупна загуба од 8,34 проценти од БДП на годишно ниво.

По истекувањето на периодот на важност на Националната стратегија за вмрежување и соработка со високообразовани и стручни кадри 2013-2020 година не е усвоен нов стратешки документ кој го опфаќа проблемот поврзан со одлив на мозоци односно сеопфатна стратегија за економската миграција, со мерки и активности поврзани со намалувањето на одливот на високообразован кадар, со што би се намалиле и негативни ефекти во областа на економскиот развој на земјата и научноистражувачката дејност. Се констатира дека мерките од Стратегијата не се целосно имплементирани.

Ацевски истакна дека државата не успеала да формира единствена база на податоци за да има бројка на одлив на високообразовани и стручни кадри. Како пример посочува дека во 2023 /2024 имало околу 23.000 слободни места за упис на државните универзитети, а се запишале само 10.000. Според државниот ревизор, недостасува и точен мониторинг и колку реално студенти можат да запишат универзитетите.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска истакна дека бројката што се презентира е поразителна, потенцирајќи дека за задржување на кадарот во земјата е потребен мултиресорки пристап така што таа може да зборува само за образованието.

- Добро е што државата имала Стратегија за спречување на одливот на мозоци, но за жал, не го постигнала ефектот кој бил предвиден при креирањето. Нема да се навраќаме назад и да бараме виновници. Како нова Влада преку мултиресорски пристап ќе се фокусираме на креирање нови мерки и активности со кои ќе го намалиме заминувањето на квалификуваниот и високообразован кадар, рече Јаневска.

Посочи дека со универзитетите веќе се разговара за промени со цел поквалитетен образовен систем, осовременување на студиските програми за да бидат интересни за младите, но и усогласување со потребите на пазарот на трудот.

- Затоа ќе ги ревидираме квотите за упис на факултетите, врз основа на реална анализа на состојбите во општеството и утврдување на тоа што ни недостига, рече Јаневска.

Стипендирањето во голема мера треба да стимулира упис на дефицитарни струки, па оттука и стипендиите на МОН веројатно ќе подлежат на ревизија. Зборувајќи за шангајските стипендии, министерката кажа дека очигледно е потребно реобмислување на начинот на кој тие се даваат и на начинот кој студентите треба да возвратат.

- Веќе се консултираме со повеќе студенти кои имаат искористено ваков тип на стипендија. Имаат интересни идеи кои ги размислуваме во моментов. Најчесто нотираат потреба за поголемо поврзување со компаниите во Македонија, бидејќи администрацијата нуди ограничени можности“, рече Јаневска, додавајќи дека Министерството прави дигитален регистар за евиденција на сите стипендисти, заради полесно лоцирање, вмрежување...

Младите, како што посочи Јаневска, треба да добијат повеќе можности за учество и развој во науката и затоа се планираат повеќе пари и враќање на финансирањето на научно – истражувачките проекти со апликативни цели, како и нивно вклучување во наставно – научните тимови во рамки на образовните установи каде недостига персонал.

Ќе се прошируваат и можностите за вмрежување на младите со младите од други земји преку Хоризонт, Еразмус и други програми за образование и наука.

- Ценам дека обврска е не само на институциите на системот, туку и на бизнис заедницата, на граѓанскиот сектор и на секој општествен чинител кој може да помогне, да даде придонес во справувањето со предизвикот како да ги задржиме младите во Македонија и да им овозможиме добра иднина тука, додаде Јаневска.

Според пратеникот од СДСМ и поранешен пратеник Димитар Ковачевски, треба да се посочат мерки, но и да се каже колку и во што треба да се вложи за да се задржат младите во земјата.

Осврнувајќи се на еден од примерите за тоа колку е вложено за обука на млади лица во хабовите за отворање стартапи, Ковачевски праша каков бил ефектот од нив бидејќи нема отворена компанија. Посочи дека за отворање компании е потребен пазар, а ние сме мал пазар од само милион луѓе.

Пратеникот Бојан Стојановски и претседател на Комисијата смета дека не може повеќе да се бега од темата и да се прават стратегии без ефект, туку дека треба мултисекторски да се работи на намалување на трендот на иселување, којшто е глобален.

-Темата да влезе во институциите каде што се носат одлуки. Во овој дел е опфатено само образованието, треба да се вклучат и другите институции, министерството за труд, финансии...потребен е систем на мерки, рече Стојановски.

Претседателката Сиљановска Давкова се обрати на Процесот Брдо-Бриони во Црна Гора

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска се обрати на пленарната сесија на состанокот на лидерите на земјите учеснички во Процесот Брдо-Бриони, што се одржува во Тиват, Црна Гора.

Во своето обраќање, претседателката Сиљановска Давкова се осврна на евроинтеграцијата, како приоритетен предизвик на земјите од регионот. Според неа, чекалната на Европската Унија наречена Западен Балкан се празни само на два начини: со интегрирање на земјите од овој гео-политички регион во ЕУ или преку иселување на луѓето, особено младите, кои, како што посочи, се уморни од чекањето за членство на нивните држави во Европската Унија и се интегрираат по брза постапка, по скратен пат, неретко и со пасош на туѓа држава.

Ваквата демографска закана, според претседателката, е опасна не само за економијата, туку и за демократијата, бидејќи, како што посочи, сѐ помалку граѓани значи и сѐ помал притисок врз властите за европски реформи, за владеење на правото и борба против корупцијата, за демократски вредности и почитување на човековите права и слободи.

„Процесот Брдо Бриони треба да ни помогне, оваа чекална наречена Западен Балкан да се испразни преку интегрирање на државите, а не мигрирање на граѓаните. Процесот ќе ја исполни својата цел тогаш кога и последната држава заглавена во овој гео-политички регион ќе стане полноправна членка на Унијата и кога жаргонот Западен Балкан ќе го испратиме во историјата, и тоа не подоцна од 2030-та година“, рече претседателката Сиљановска Давкова.

Претседателката посочи дека е неопходно сите земји да се третирани еднакво и напредувањето кон ЕУ да биде резултат на достигнувањето на европските реформи и критериуми поврзани со европското законодавство.

„Како држава што е посветена на добрососедството и регионалната соработка, ние ги почитуваме билатераланите договори со нашите соседи и очекуваме и нашите соседи да ги почитуваат договорите без да го злоупотребуваат правото на вето“, рече претседателката.

Таа пред лидерите на процесот Брдо-Бриони посочи на потребата за регионална соработка и регионално поддржување едни со други, по примерот на скандинавските земји, истакнувајќи дека тоа е неопходно за да можеме да се фокусираме на клучните проблеми на регионот.

„Веќе го спомнав иселувањето на младите. Кон тоа ќе ја додадам и потребата од инфраструктурно, енергетско и дигитално поврзување, што ќе помогне регионот да стане поконкурентен на поширокиот европски и глобален пазар. Планот на Европската Унија за раст за Западниот Балкан треба да биде инструмент од кој сите држави од регионот, независно од степенот на евроинтегративниот процес, да имаат еднаков бенефит. Но, на повидок е и уште посериозен проблем, а тоа се климатските промени“, рече претседателката.

Според македонската претседателката европската реинтеграција, односно реунификација е незавршена без нас, оти поделбата на запад и исток е вештачка и мора да се надмине. Како што посочи, целосната интеграција на Балканот во ЕУ ќе стави крај на бескрајното прекројување на границите, како и на балканизацијата како феномен.

Во изјава по завршувањето на состанокот, претседателката посочи дека собирот поминал во пријателска атмосфера и на него била потенцирана важноста за регионалната соработка и поддршка, истакнувајќи дека не можеме да очекуваме респект и разбирање од членките на ЕУ, доколку сами меѓу себе не се разбираме. Таа ја потенцираше клучната улога на иницијаторите за Процесот Брдо-Бриони, Словенија и Хрватска, и изрази надеж за продолжување на нивната гласност во процесот на нашата реунификација или реинтеграција во Европа.

На денешниот самит, шефовите на делегациите на земјите учеснички на Процесот Брдо-Бриони ја усвоија Декларацијата, во која го потврдија нивното непоколебливо уверување дека интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија е најветувачкиот и најнезаменливиот пат кон Европа, потенцирајќи ја неопходноста од храбри чекори со цел обезбедување на долгорочна стабилност на континентот и создавајќи услови со цел младите луѓе да останат во регионот и да напредуваат во праведни, просперитетни и одржливи општества, се наведува во соопштението од Кабинетот.

Во изминатите четири дена во Грција биле откриени и спасени над 580 бегалци и мигранти

Mигрантите најчесто се превезувале во чамци или едрилици во групи од 18 до 70 лица

Во 18 одвоени случаи во морските делови кај островите во Егејското море што се во близина на турското крајбрежје и во јужниот дел на островот Крит, во изминатите четири дена биле откирени и спасени 588 бегалци и мигранти и уапсени 22 криумчари, јави дописничката на МИА од Атина.

Доколку се анализираат секојдневните официјални податоци од крајбрежната служба на Грција, мигрантите најчесто се превезувале во чамци или едрилици во групи од 18 до 70 лица, а заедно со нив биле и криумчарите, кои се упасени.

Во периодот од петокот до вчера, нешто помалку од половина од откриените лица, односно 263 се во близина на малиот остров Гавдос што е најјужната точка и на Грција и на Европа, а најчесто мигрантите оваа рута ја користат за од Либија да стигнат во Италија.

Мигранти биле откриени и во близина на Крит што е исто така дел од т.н. јужна рута, додека пак од турското крајбрежје кон грчките острови Самос, Родос, Сими Кос, Лезбос и Агатоноси имало нешто помалку од 200 лица.

Во спасувачките акции што ги води крајбрежната служба, помагаат и товарни бродови и други пловни средства што се во непосредна близина.

За општата ситуација со мигрантското прашање во Грција портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис во интервју за државната телевизија ЕРТ, посочи дека е намален бројот на мигранти кои престојуваат во земјата, објаснувајќи дека тоа се должи на владината политика, односно „планот за заштита на границите, строга, но праведна миграциска политика и на копно и во море, промена на процесот на давање азил“, но и „притисок кон Европа“ дека не може Грција, „границата на Европа, да го носи целиот товари“. /МИА

Работен состанок на директорот на БЈБ Јанев со раководството на СВР Скопје

Директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ) при Министерството за внатрешни работи, Александар Јанев денеска го посетил Секторот за внатрешни работи Скопје каде имал работен состанок со раководството на оваа организациона единица.

Од МВР соопштија дека состанокот бил посветен на целите и задачите на Секторот во насока на натамошно подобрување на неговата ефикасност и квалитет на работа во интерес на безбедноста на граѓаните во главниот град.

- На средбата беше резимирана актуелната состојба во повеќе сфери од безбедноста на територијата под надлежност на СВР Скопје, особено од аспект на сложеноста на обврските и задачите што произлегуваат од спецификите на подрачјето (бројност и фреквентност на луѓе, административни и други значенија и слично) при што беше оценето дека безбедносната состојба задоволува но и дека има реални можности за нејзино натамошно подобрување. Во тој контекст на состонакот, меѓу другото, стана збор и за скорешните предвидени измени во организационо-структурното функционирање на Секторот, и дека тие сигурно можат позитивно да се одразат во секојдневното работење на сите служби во рамки на оваа организациона единица при Бирото за јавна безбедност, се наведува во соопштението од МВР.

притисни ентер