Иако жените се повеќе се охрабруваат да пријават насилство поради силната законска рамка, случаите заглавуваат во институционалните лавиринти, а сторителите најчесто несакционирани поради ниската законска имплементација – беше заклучокот на денешната собраниска комисија за еднакви права меѓу мажите и жените. Повеќе претставници на ресорни министерства, невладини организации и пратеници се согласија дека е потребно да се издвојуваат повеќе средства од буџетот, да се унапреди мултисекторската соработка, но и да се зголеми едукацијата на сите релевантни чинители.
- Мора да обезбедиме пари во националниот буџет, во буџетите на министерствата, во буџетите на општините затоа што без да обезбедиме пари сите законски измени се апсолутно непотребни,- Елена Димушевска – национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.
-Градење на капацитетите исто така на судиите, на адвокатите, на обвинителите за да знаат што вели законот и кои се соодветните минимални казни и соодветните процедури,- Лесли Милер – УНИЦЕФ.
Од МВР алармираат дека доминантни се пријавите за телесна повреда при семејно насилство, чиј сторител според Кривичниот законик се гони по воља на жртвата наместо по службена должност, па жртвата често поради страв и притисок од сторителот одбива тоа да го стори. Од МВР бараат поголема заложба од страна на сите институции за препознавање на оваа појава.
-Таквите жени најчесто во полициската практика се повторуваат, тоа се жени кои што втор, трет четврти пат пријавиле насилство во семејството. За жал ваквите случаи најчесто завршуваат со фемицити и тоа е показателот колку ние како инститиции не умееме да ги препознаеме ваквите семејства,- Жаклина Посароска – МВР.
Анализите на УНДП покажуваат дека се повеќе растат формите на дигитално насилство врз жените, нешто што оттаму нагласуваат дека нашите закони не го препознаваат и третираат..
-Моментално ниту еден сервис во државата да не го покрива овој тип на насилство, не постои ниедно советувалиште во земјата кое што е подготвено за да врши советување во однос на технолошки овозможено насилство, а да не зборувам дека најмногу треба да обратиме внимание на превенција односно работа со млади,- Кристина Пленчиќ – УНДП.
Анализа на Центарот за истражување и креирање на политики покажува дека во делови од југозападниот регион во земјава нема кризен центар, шелтер и центри за жртви на силување, за што заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски најави отварање на нови 10 специјалнизирани сервиси за жените жртви на насилство.