Лазаров: Нема што да изгубиме против Силкеборг, ќе се обидеме да ги изненадиме

 Тренерот на македонскиот ракометен вицепрвак Алкалоид, Кирил Лазаров, очекува многу тежок натпревар утре со Силкеборг во 3. коло од Европската лига.

- Самото тоа што се од Данска кажува за нивниот квалитет. Данската лига е во Топ 3 лиги. Ние треба да бидеме на високо ниво за да бидеме конкурентни. Почетната трема ја надминавме. Нема што да изгубиме на овој натпревар. Очекувам квалитетно да одговориме на предизвиците. Ќе биде тврд меч. Им ја препуштам фаворитската улога. Ние ќе пробаме да дојдеме до позитивен резултат доколку ни се укаже шанса, изјави Лазаров.

Слично размислува и бекот Иван Џонов.

- Силкеборг игра брз и динамичен ракомет. Ќе пробаме да ја спречиме нивната транзиција. Тактички сме добро подготвени. Ќе се обидеме со максимална борбеност да дојдеме до позитивен резултат. Апел до нашите навивачи во голем број да дојдат и да ни ја дадат потребната поддршка, рече Џонов.

Натпреварот ќе се игра утревечер во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје со почеток во 18 :45 часот.

По првите две кола во Ф-групата, лидер е Војводина со 4 бода, Силкеборг има два, Алкалоид е трет со еден бод, колку што има и последнопласираната Ла Риоха.

Кремљ: Ќе реагираме на украинските напади на руско тло со американско оружје

 Кремљ денеска го најави рускиот „соодветен одговор“ доколку САД ѝ дозволат на Украина да удри длабоко во Русија со ракетните системи ATACM.

Запрашан дали САД ќе ги укинат ограничувањата за употребата на оружје со долг дострел од Украинаво војната против Русија, како што се ракетните системи ATACM, американскиот претседател Џо Бајден вчера рече дека неговата администрација „во моментов се занимава со тоа прашање“,

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во неколку наврати го повика Западот да им дозволи на неговите сили да користат западно оружје со долг дострел за да ја нападнат Русија.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави за новинарите дека се чини дека Вашингтон веќе одлучил да и дозволи на Украина да користи оружје за далекуметни напади во Русија.

Вашингтон претходно се двоумеше да и достави на Украина оружје со долг дострел за напад на цели во Русија, плашејќи се дека таквиот потег би можел да го ескалира двеиполгодишниот конфликт.

Филипче: Корупцијата во Законот за кредитот од Унгарија се гледа од авион

Филипче потенцираше дека Законот за кредит од Унгарија што го најави Владата, е голем корупциски проект за кој каматите ќе ги плаќаат идните генерации.

Претседателот на Социјалдемократскиотсојуз на Македонија, Венко Филипче, денеска во Струмица, во одговор на новинарско прашање, потенцираше дека Законот за кредит од Унгарија што го најави Владата, е голем корупциски проект за кој каматите ќе ги плаќаат идните генерации.

„За жал морам да констатирам дека корупцијата во овој Закон се гледа од авион.Имено, како никогаш досега една фирма која ќе биде одговорна за провизиите ја назначува унгарската банка која ги дава парите, тоа никогаш не било сценарио и не се случило во нашата земја. Секогаш кога имало меѓународна куќа таа била етаблирана, позната и ја обезбедувала државата со цел да се заштити. Сега некој друг ни кажува кои адвокати и која фирма ќе ги земе тие провизии. За жал, сметам дека тоа е еден голем корупциски проект кој што е озаконет, односно веќе влегува во законска процедура, генерации и генерации ќе плаќаат понатаму камати“, изјави претседателот на СДСМ Филипче.

Во одговорот на новинарското прашање, Филипче посочи дека загрижува и фактот што Владата го криеше овој закон од јавноста и сега се носи по скратена постапка.

„Ние укажувавме изминатиов период и сега излегува дека е вистина. За жал се носи еден таков сериозен закон по скратена постапка, за да нема доволно време за дискусија или анализа од страна на експертите и експертската јавност. Тој закон е поминат на Влада на 3-ти септември и очигледно еве скоро цела недела се криел од јавноста. Се поставува прашање зошто на таков шверцерски начин се обидуваат таков закон да протнат во Собранието по скратена постапка“, рече претседателот на СДСМ Филипче, додавајќи дека СДСМ многу внимателно ќе следи кои ќе бидат тие фирми што ќе бидат назначени од Унгарија и ќе бидат одговорни за провизиите, и сите работи кои ќе ги открива СДСМ ќе и бидат презентирани на јавноста.

Миланов во Будимпешта, учесник на состанокот на главните ветеринарни офицери на ЕУ

На состанокот, како што информира АХВ, ќе се дискутира за поддршката за развој на капацитетите на ветеринарните служби од Западен Балкан.

Директорот на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), Оливер Миланов од денеска до 13 септември, во Будимпешта, Република Унгарија, заедно со делегација од Агенцијата, учествува на ветеринарниот самит од Западен Балкан на главните ветеринарни офицери (директори на ветеринарни служби) и на Европската унија (ЕУ), Европската асоцијација за слободна трговија и првите луѓе на ветеринарните служби од Западен Балкан.

На состанокот, како што информира АХВ, ќе се дискутира за поддршката за развој на капацитетите на ветеринарните служби од Западен Балкан, европската пракса и искуство за вакцинацијата на животните како основа за превенција и контрола на болестите, поддршката на ЕУ во делот на вакцинација кај лисиците и другите активности поддржани од ЕУ, а споделено ќе биде и искуството на Унгарија на оваа тема.

Првите луѓе на Ветеринарната канцеларија на БиХ и АХВ на Косово ќе го претстават искуството од реализацијата на вакциналните кампањи на малите преживари против бруцелоза, оралната вакцинација против болеста беснило во периодот 2009-2024 година, како и искуството од управувањето со епидемиите на болестите кај животните во Косово и потенцијалот за нивна контрола со поддршка од ЕУ, како што е болеста чвореста кожа. Во рамки на состанокот ќе бидат презентирани извештајот за реализација на проектот „Регионални активности за искоренување на болести во земјите од Западен Балкан” (ADEWB Project) и функционирањето на COMМ SANTE - Агенција за здравствени комуникации и банка за вакцини.

На маргините на состанокот, на 13 септември, ќе се одржи Шестиот форум за комуникација и соработка на директорите на ветеринарните служби од Западен Балкан на кој ќе учествуваат претставници од Европската комисија - DG SANTE, Светската организација за здравје на животните - WOAH, од ветеринарните служби на Романија и Грција и претставници од ветеринарните служби од Северна Македонија, Албанија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Косово. Тема на овој состанок ќе биде актуелната состојба со болеста чума кај малите преживари, за што претставници од надлежните ветеринарни служби од Грција и Романија ќе ја презентираат актуелната состојба со болеста во нивните земји и мерките кои ги преземаат за ставање под контрола и нејзино искоренување. Презентиран ќе биде и глобалниот и регионалниот механизам за координација во однос на преземање превентивни и заштитни мерки против оваа болест.

притисни ентер