Комплетирани полуфиналните дуели на Европското одбојкарско првенство

Последен патник во полуфиналето на Европското одбојкарско првенство е домаќинот Италија, која синоќа во неизвесен натпревар во Бари ја совлада Холандија со 3-2 (19-25, 25-17, 25-16, 23-25, 15-12).

Завршницата на Европското првенство од четврток се сели во Рим со двата полуфинални натпревари во кои Италија ја продолжува одбраната на титулата против Франција, додека противник на Полска за пласман во финалето ќе биде Словенија.

Полјаците во вчерашниот полуфинален дуел ја совладаа Србија со 3-1 (26-28, 25-15, 36-34, 25-17).

Финалето е на програмата в сабота во Рим.

Австралија обезбедува дополнителни 10 милиони долари хуманитарна помош за Газа

Австралија издвои 82,5 милиони долари од почетокот на војната во Газа, а владата најави дека ќе обезбеди дополнителни 10 милиони австралиски долари (6,8 милиони американски долари) хуманитарна помош за Газа.

Австралиската министерка за надворешни работи Пени Вонг рече дека финансирањето ќе овозможи „помош за спасување животи, со фокус на жените и девојчињата“ преку агенциите на Обединетите нации УНИЦЕФ и УНФПА.

„Поддршката на Австралија ќе помогне во решавање на тешката хуманитарна ситуација со испорака на храна и основни хигиенски и здравствени производи“, рече Вонг.

Според неа, брза, безбедна и непречена хуманитарна помош мора да стигне до цивилите, а хуманитарните работници мора да бидат заштитени за да им се овозможи да спасуваат животи.

„Продолжуваме да вршиме притисок за прекин на огнот, заштита на цивилите и ослободување на заложниците“, рече таа.

Министерот за меѓународен развој и Пацифик Пат Конрој ја оцени ситуацијата во Појасот Газа како „катастрофална“.

„Цивилите не треба да бидат принудени да ја плаќаат цената за ужасните дела на другите“, рече тој.

Канбера додели 82,5 милиони долари хуманитарна помош од почетокот на војната во Газа. /МИА

Претседателката на Собранието на Албанија во посета на Македонија

Претседателката на Собранието на Република Албанија, Елиса Спиропали денеска ќе биде во посета на Македонија.

Според собраниската прес-служба, Спиропали ќе оствари неколку средби. Предвидено е да има тет-а-тет средба со претседателот на Собранието, Африм Гаши, а најавени се и средби со лидерот на ДУИ Али Ахмети и со Талат Џафери, поранешен претседател на Собранието, како и со лидерот на СДСМ Венко Филипче

По средбата со претседателот на Собранието предвидена е изјава за медиумите.

Партијата на Шолц победи на покраинските избори во Бранденбург

По низата разочарувачки избори, централно-левичарските социјалдемократи (СПД) на германскиот канцелар Олаф Шолц победија на вчерашното гласање во источната покраина Бранденбург, јави ДПА.

Во поголемиот дел од летото, анкетите покажуваа дека екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) води во Бранденбург. Сепак, партијата не успеа да ја престигне СПД на вчерашните избори.

Во услови на рекордно висока излезност, избирачите во Бранденбург и дадоа на СПД речиси 31 процент од гласовите, според прелиминарните резултати, што е зголемување од речиси пет процентни поени во однос на резултатите на СПД на последните државни избори во 2019 година.

Но, Шолц најверојатно само кусо ќе ужива во резултатите од вчерашното гласање, коментира ДПА и додава дека херој на вечерта на СПД бил популарниот долгогодишен актуелен државен премиер на Бранденбург, Дитмар Војке, кој експлицитно се огради од Шолц пред изборите и ја одби поддршката на канцеларот за време на кампањата.

Наместо тоа, Вајдке ги направи изборите референдум за неговата лична популарност, ветувајќи дека ќе се повлече ако неговата партија не победи.

Тоа е и покрај фактот што Шолц живее во главниот град на Бранденбург, Потсдам, кој се наоѓа веднаш надвор од Берлин.

Шолц денеска во Њујорк треба да се сретне со украинскиот претседател Володимир Зеленски, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва. /МИА

притисни ентер