Германската фудбалска федерација го сака Клоп за селектор

 Спортскиот директор на германската репрезентација Руди Фелер одговори на прашањето кој би можел да го наследи Јулијан Нагелсман на местото селектор на националниот тим.

-Доколку Јулијан Нагелсман во одреден момент одлучи дека би било подобро тој повторно да биде тренер на друг клуб, тогаш секако дека ќе го земеме предвид Клоп.

Клоп долго време работеше надвор од Германија. Се разбира, ние во федерацијата многу го цениме. Јирген Клоп имаше неверојатна кариера, изјави Фелер за тамошните медиуми.

Минатото лето Клоп го напушти Ливерпул, каде работеше од октомври 2015 година. Германскиот стручњак кон крајот на јули објави дека се повлекува од тренерската кариера.

Нагелсман ја презеде германската репрезентација во септември минатата година. Неговиот договор со репрезентацијата е до летото 2026 година.

Херцог го негираше учеството на Тел Авив во операцијата за детонација на пејџери во Либан

Израелскиот претседател Исак Херцог, говорејќи за британската телевизија Скај њуз, негираше вмешаност на Тел Авив во операцијата за детонација на пејџер во Либан.

-Негирам каква било вмешаност во оваа или онаа операција, рече Херцог.

Меѓутоа, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска изјави дека Израел „го погодил Хезболах на начин што не можеле ни да го замислат“.

-Ако членовите на Хезболах не ја разбрале пораката, ви ветувам, ќе ја сфатат, рече Нетанјаху и повтори дека жителите на северен Израел ќе се вратат во своите домови откако ќе бидат евакуирани поради заканите на Хезболах од Либан.

Утринава Хезболах од либанска територија истрела 85 ракети врз северен Израел, при што беа повредени три лица, додека израелските сили вршат нов бран воздушни напади врз цели на Хезболах во Либан и се закануваат дека ќе ги интензивираат нападите.

Во исто време, медиумите претходно објавија дека Израел бил директно вклучен во подготовката на операцијата, а како што пренесува Еј-Би-Си Њуз, операцијата за детонација на пејџер во Либан била планирана најмалку 15 години.

Хезболах соопшти дека го смета Израел за „целосно одговорен“ за нападот и дека ќе одговори на него.

Израелските власти се уште не го коментираа инцидентот, ниту пак ја презедоа одговорноста.

Гугл поради фустан на Џенифер Лопез мораше да воведе посебна алатка

Гугл поради славниот фустан во кој се појави светската музичка ѕвезда Џенифер Лопез на доделувањето на Греми наградите пред точно 24 години воведе посебна алатка без која денеска никој не може да „живее“.

Во 2000 година, Џенифер Лопез засекогаш го промени интернетот со својот фустан, кој привлече толку големо внимание што ги инспирираше инженерите на компанијата „Google“ да создадат алатка за пребарување фотографии.

Тоа беше на Греми наградите во 2000 година, кога Лопез се појави во смарагдно-зелен фустан на Версаче со мотиви од листови од палма - едно од нејзините најхрабри модни изданија.

Деколтето кое завршува под папокот и долгите слоеви шифон беа толку интригантни за тогашната јавност, што фотката на Џеј Ло во овој фустан стана најпребаруваната слика на Интернет.

„Луѓето сакаа повеќе од текстуални пораки, но немавме начин да им го дадеме на корисниците она што тие навистина го сакаа: Џеј Ло во тој фустан. Така се роди „Пребарување слики на Google““, изјави некогаш за Си-Ен-Ен поранешниот извршен директор и извршен претседател на Google. Ерик Шмит.

Шпанец, уништува туѓи свадби за 500 евра, шлаканица наплаќа 50 евра

Средновечен Шпанец има чудна „професија“, уништува свадби и венчавки.

-Ако се сомневате, не сакате да се омажите или не знаете да кажете не, не грижете се, ќе ви ја откажам свадбата. Треба само да ми кажете време, место и датум и ќе се појавам на церемонијата. Ќе кажам дека сум љубовта на твојот живот и заедно ќе бегаме рака под рака.

Ова е пораката која во видео ја кажува Ернесто, средовечен Шпанец, кој верувале или не се занимава со уништување на туѓи свадби и за тоа е дебело платен.

Имено, тој уништува туѓи свадби - глумејќи дека е љубовник на младоженецот или невестата.

Како што вели, за повеќето луѓе денот на венчавката се доживува како најсреќниот ден во животот, за некои тоа е ноќна мора што чека да се случи. И токму таму се кријат неговите клиенти.

Ернесто за своите услуги им наплатува дури 500 евра, а за „инциденти“ дополнително наплаќа.

„Наплаќам 500 евра за расипување свадба, во која не се вклучени патните трошоци, но се доплаќа во случај на неочекувани инциденти. Секоја шлаканица вреди 50 евра. Се обидувам да побегнам, но свесен сум дека секој пат кога добивам удари, добивам повеќе пари.

Неговата услугата, вели Ернесто, почнала од шега, но откако бил преплавен со барања од заинтересирани клиенти, сфатил дека тоа е нешто од што може добро да заработи, пренесува порталот Интересни работи на денот, повикувајќи се на шпански портална антена3.

Колку приказната стана сериозна говори податокот дека тој наводно има полн распоред до 2 ноември.

притисни ентер