Ким Кардашијан зачекори по црвениот тепих оставајќи ги присутните без здив

Погледнете ги стиловите на останатите познати дами...

На 19. октомври Лос Анџелес беше во знакот на гламурот на четвртото издание на „Аcademy Museum Gala“, а старлетата ги засени сите со својата креација стара 26 години.

Лос Анџелес минатата недела беше епицентар на гламурот со четвртиот гала настан на Музејот на академијата, каде најпознатите ѕвезди чекореа по црвениот тепих. Оваа свеченост на Музејот на академијата уште еднаш докажа зошто е таа е еден од најгламурозните настани во годината, давајќи им можност на гостите да ги покажат своите инспиративни модни избори и да го оживеат духот на стариот Холивуд.

Ким Кардашијан

Меѓу оние кои привлекоа најголемо внимание беше Ким Кардашијан, која покажа како стариот холивудски шарм се враќа на голема врата. Ким засени многумина со класичното издание од архивата на дизајнерот Тиери Муглер. Таа носеше бел корсет и наметка со качулка од пролетната колекција од 1998 година, додека проѕирните ПВЦ чевли и дијамантскиот ѓердан го комплетираа нејзиниот изглед.

Комбинацијата ја дизајнираше нејзиниот долгогодишен стилист Дени Леви. Реакциите во врска со чевлите беа поделени, а ваквите модели често се избираат да создадат илузија за висина. Мислењата за нејзиниот изглед беа различни, со оглед што таа изгледаше како да носи бела долна облека, а всушност носеше кратки бели шорцеви. И додека сите гледаа што носи таа во долниот дел од телото, нејзе, како и секогаш, ѝ успеа да биде во центарот на вниманието. Покрај неа на настанот блеснаа и други модни икони.

Никол Кидман

Никол Кидман покажа беспрекорен вкус во елегантниот фустан на Баленсијага, кој беше спој на софистицираност и сензуалност. Нејзината свилена тоалета со нагласен струк и нежни детали ја истакнуваа нејзината фигура. Изгледот беше комплетиран со минималистички накит и долги црни ракавици.

Деми Мур

Деми Мур го потврди статусот на модна икона со својата појава во темно виолетова креација со длабоко деколте и длабок шлиц. Фустанот, дизајниран да ја следи линијата на телото, одлично ги истакнуваше нејзините атрибути. Во комбинација со едноставна шминка и подигната коса, Деми изгледаше беспрекорно, носејќи гламур со примеси на лежерна софистицираност, додека големо внимание привлекоа и нејзините обетки.

Шарапова и браќата Брајан нови членови на тениската Куќа на славните

Церемонијата на прием во Меѓународната тениска куќа на славните ќе се одржи во Њупорт од 21 до 23 август следната година.

Петкратната грен слем победничка, руската тенисерка Марија Шарапова и сопствениците на бројни рекорди во игра на парови, американските близнаци Боб и Мајк Брајан, во 2025 година ќе бидат примени во Меѓународната тениска куќа на славните, која се наоѓа во Њупорт, во американската сојузна држава Род Ајленд.

Во текот на својата речиси 20-годишна кариера, Шарапова се приклучи на ексклузивното друштво од десет тенисерки кои успеаја да освојат индивидуални титули на сите четири Грен слем турнири, а пет пати се искачи и на врвот на поединечната ВТА ранг-листа.

Браќата Брајан освоија рекордни 16 грен слем титули во конкуренција на парови и се најуспешниот тениски тандем во историјата со вкупно 119 заеднички трофеи. Рекордни 438 недели беа на врвот на АТП ранг-листата, а десет пати беа најдобар машки пар на крајот на годината.

Церемонијата на прием во Меѓународната тениска куќа на славните ќе се одржи во Њупорт од 21 до 23 август следната година, со специјална програма и хуманитарен турнир на кој ќе настапат легенди кои веќе влегле во рангот на тениските бесмртници. /МИА

Министерот Муцунски се обрати на настан по повод Денот на Обединетите Нации

Муцунски, вчера по повод 24 октомври, Денот на Обединетите нации, учествуваше на настанот за одбележувањето на 79 години од основањето на Организацијата на обединетите нации.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вчера по повод 24 октомври, Денот на Обединетите нации, учествуваше на настанот за одбележувањето на 79 години од основањето на Организацијата на обединетите нации, што се одржа во Градскиот парк во Скопје во организација на Канцеларијата на Резидентниот координатор на Обединетите нации во Република Македонија.

,,Проблемите со кои се соочуваме како држава и можните решенија ќе ги дефинираме сите ние заедно: Владата, граѓаните, приватниот сектор, и академскиот свет, а се со една цел-остварување на Целите за одржлив развој и создавање на просперитетно и одржливо општество. Малите животни промени на дневна основа се токму тие што ќе ги донесат видливите и големи промени во нашето општество и секојдневно живеење.’’, истакна Муцунски.

Натаму, во своето обраќање Муцунски се осврна на неодамнешниот избор државата во Советот за човекови права на ОН, што претставува престиж и обврска, потенцирајќи ги нашите заложби за заштита и промоција на човековите права кои преку активно членство во Советот ќе бидат високо на агендата и натаму ќе се унапредуваат и обезбедуваат.

„Ние остануваме максимално посветени на глобалните процеси и на целите за одржлив развој и ќе продолжиме да ги промовираме суштествените вредности на ОН и да бидеме доверлив партнер во постигнувањето на универзалните цели на ОН - унапредување на човештвото, мирот, правдата, човечкото достоинство, дијалогот, толеранцијата и солидарноста“, нагласи министерот Муцунски.

Кралот Чарлс: Важно е да се разбере историјата на Британската империја која вклучуваше ропство

Кралот Чарлс ова го изјави на самитот на Комонвелтот, на кој присуствуваа шефови на држави или влади на 56 земји.

Британскиот крал Чарлс Трети денеска на Самитот на Комонвелтот во Самоа изјави дека е многу важно да се разбере историјата на Британската империја, која вклучувала ропство на африканските, карипските и другите народи, со цел да, како што наведе, во иднина да се донесат правилни одлуки.

Кралот Чарлс ова го изјави на самитот на Комонвелтот, на кој присуствуваа шефови на држави или влади на 56 земји, што започна во понеделникот во Самоа во Полинезија, опишувајќи го прашањето за ропството како „болно прашање“.

Говорот на британскиот крал доаѓа во време кога Африка и Карибите и другите земји продолжуваат да се залагаат Велика Британија да им плати репарации за трговијата со робови.

Британскиот премиер Кир Стармер изјави дека Велика Британија ќе ги слуша говорите на официјалните лица за ова прашање на самитот, но нема да се извини за својата улога во трговијата со робови.

Министерот за надворешни работи на Бахамите, Фредерик Мичел, вчера за Би-Би-Си изјави дека нацрт-заклучоците на самитот, кои се очекува да бидат објавени утре, ќе вклучуваат параграфи кои повикуваат на дискусија за исплата на репарации.

Од 15 до 19 век, најмалку 12,5 милиони Африканци биле насилно транспортирани со брод од европските трговци и продадени во ропство. /МИА

притисни ентер