Јавниот превоз во Скопје денеска и утре со изменет режим

Поради одржување на Министерскиот совет на ОБСЕ, јавниот превоз во Скопје денеска и утре ќе функционира со изменет режим од вообичаениот, а продажните места на ЈСП ќе имаат изменето работно време од редовното.

Во петок (1 декември) јавниот превоз ќе продолжи да функционира вообичаено, а тоа се однесува и на билетарниците и центрите за персонализација на ЈСП Скопје. Жичарницата сите денови ќе функционира вообичаено, од 10 до 17 часот.

Според најавата од ЈСП, денеска автобусите ќе возат вообичаено, согласно со важечкиот возен ред (делничен зимен), а утре ќе сообраќаат по саботен возен ред.

Почнувајќи од денеска од 13 часот, па сѐ до завршување на Министерскиот совет на ОБСЕ в четврток линиите 7, 8, 15, 15А, 18, 19, 21А, 26, 29, 59, и 118 ќе сообраќаат по изменети траси.

Линии 8 и 15А од мост „Гоце Делчев“ наместо по булевар „Илинден“, ќе продолжуваат по булевар „Партизански одреди“ Посочениот режим ќе важи и во двете насоки на движење.

Линии 7, 15, 19, 26, 29 и 59 наместо на крајните терминали во Карпош 3 и Карпош 4, ќе продолжуваат по булевар „Партизански одреди“, па десно по улица „Никола Парапунов“ (стара телевизија) каде не чекаат време, туку веднаш ќе продолжуваат десно по булевар „Илинден“, па десно по улица „Љубљанска“, па со лево свртување ќе продолжуваат по булевар „Партизански одреди“

Линиите 18, 21А и 118 од булевар „Крсте Петков Мисирков“ ќе продолжуваат право кон Бит пазар, потоа по булевар „Никола Карев“ (Пластичарска улица) и од кај Момин поток ќе продолжуваат по сопствените редовни траси до крајните стојалишта. Посочениот режим ќе важи и во двете насоки на движење.

Сите билетарници и центри за персонализација на ЈСП Скопје денеска ќе работат од 6.30 до 13 часот, а утре за сите ќе биде неработен ден.

Ким Џонг-ун: Јужна Кореја е непријателска земја

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун изјави дека Јужна Кореја е странска и непријателска земја, јавија државните медиуми.

Забелешките доаѓаат само еден ден откако агенцијата КЦНА соопшти дека националното собрание на Северна Кореја го изменило Уставот за да ја означи Јужна Кореја како „непријателска држава“, во согласност со ветувањето на Ким за отфрлање на обединувањето на двете Кореи како национална цел.

Ким, исто така, изјави дека природата на сојузот меѓу Јужна Кореја и САД е променета, а нивните различни, пософистицирани воени маневри ја нагласуваат важноста на посилното севернокорејско нуклеарно одвраќање.

Што се однесува до военото уништување на патните и железничките врски со Јужна Кореја од страна на Северна Кореја оваа недела, Ким додаде дека тоа значи „не само физичко затворање, туку и крај на злите односи со Сеул“, како и „целосно отстранување на бескорисната свест на сограѓаните и неразумната идеја за повторно обединување“.

Пјонгјанг минатата недела соопшти дека целосно ќе ги отсече меѓукорејските патишта и дополнително ќе ги обезбеди областите на својата страна од границата, како дел од притисокот за системот на „две држави“, отфрлајќи ја својата долгогодишна цел за обединување.

Ким ова го изјави вчера додека правеше увид во седиштето на Вториот корпус на севернокорејската армија, јави КЦНА.

Во кривичен продолжува судењето за двојното убиство на Вања и Панче

Со сослушување сведоци на обвинителството во  Кривиченниот суд Скопје денеска  треба да продолжи судењето за двојното убиство на малолетната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски. 

На минатото рочиште инспекторите во СВР Скопје и Велес посочија дека двајца од осомничените ги довеле до телата на Вања и Панче.

На првото рочиште обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев и Влатко Кешишов, како и таткото на девојчето, Александар Ѓорчевски се произнесоа дека не се чувствуваат за виновни.

Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп.

Малолетната Вања и велешанецот Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, беа пронајдени мртви во близина на Скопје и Велес на 3 декември минатата година.

Во Загреб ќе се одржи Балкан Економик Форум

Балкан Економик Форум - БЕФ денеска ќе се одржи во Загреб, Република Хрватска, под главно покровителство на Central European Initiative (CEI), кој БЕФ 2024 го именува како свој водечки настан во годината.

Форумот кој, како што се наведува, „своите зачетоци ги има во Македонија, повторно на едно место ќе ги обедини економските, политички и академски лидери на Европа“. По успешните изданија во Скопје и Тирана, водечката регионална конференција Балкан Економик Форум се враќа со ново издание кое оваа година ќе се одржи во Загреб.

- Овогодинешниот форум ќе ги собере лидерите и иноваторите од Балканот и Европа за да разменат информации, искуства и препораки за справување со регионалните економски предизвици и промовирање на одржлив раст. Фокусирајќи се на стимулирање на зелениот раст и транзиција, BEF 2024 ќе содржи четири панели: Циркуларна економија; Иновации и претприемништво; Отпорност кон климатски промени и Чиста енергија. На конференцијата учествуваат врвни експерти од своите области од 12 земји членки на Централноевропската иницијатива, изјавил во пресрет на новото издание претседателот на БЕФ, Сашо Ќосев.

Од Балкан Економик Форум соопштија дека крајна цел на Здружението за регионален развој е да стане регионална платформа каде експертите, професионалците и лидерите од Балканот и светот, угледни личности од јавниот и приватниот сектор, академици, студенти, медиуми и други споделуваат идеи и предлози за најголемите економски предизвици кои што треба да се решат и надминат во регионот на Балканот, давајќи ја на тој начин својата поддршка на напорите на владите на земјите од регионот да постигнат одржливо влијание врз промоцијата на економскиот раст, регионалната соработка, мирот и безбедноста.

притисни ентер