Јанчев: Се одбројуваат деновите до отворање на скијачкиот центар Михајлово

По интензивните врнежи од снег во Михајлово, се одбројуваат деновите за отворање на скијачкиот центар, напиша на својот профил на Фејсбук, првиот човек на Кавадарци, Митко Јанчев.

Во моментов се работи на подготовки за ски стазата со сите пропратни елементи за сите возрасти!

Наскоро…. [🎿] [⛷️]

Скијачки центар Михајлово, за сите љубители на зимските спортови [❄️], стои во објавата на Јанчев.

Кинеска компанија ќе бара итно објаснување од Албанија по одлуката за затворање на Тик Ток

Кинеската интернет компанија БајтДенс, во чија сопственост е Тик Ток ќе побара „итно појаснување од албанската влада“ во врска со одлуката за затворање на платформата на една година во Албанија, објавија албанските медиуми.

Кинеската компанија наведува дека не нашла докази дека сторителот или жртвата на тепачката пред училиштето „Фан Ноли“ во Тирана, имал сметки на оваа платформата и дека бројните извештаи потврдиле дека видеата кои довеле до оваа трагедија биле објавени на друга платформа.

Според одлуката што ја објави вчера премиерот Еди Рама, во 2025 година платформата Тик Ток нема да биде достапна на територијата на Албанија на која било возраст, како дел од планот за зголемување на безбедноста во училиштата.

-Одлуката е донесена по едномесечните консултации меѓу претставниците на образованието и родителите, по убиството со нож на 14-годишниот Мартин Цани, ученик во училиштето „Фан Ноли“, за време на конфликт со друг ученик од истото училиште, што се случи на 18 ноември 2024 година. На одлука и претходеа 1.300 средби на кои присуствуваа 65 илјади родители. Во Република Албанија повеќе нема да има Тик Ток, рече Рама.

На средбите Платформата е обвинета за поттикнување насилство и малтретирање, особено меѓу децата а албанските експерти оценуваат дека токму децата ја сочинуваат најголемата група корисници на Тик Ток во земјата.

Албанија е прва земја во регионот која го блокира Тик Ток.

Откажан женскиот супервелеслалом во Сент Мориц

 Супервелеслаомот во женска конкуренција што денеска требаше да се одржи во рамки на Светскиот куп во аплпско скијање во швајцарскиот центар Сент Мориц е откажан поради неповолни временски услови.

Силниот ветер и магла на патеката го оневозможија одржувањето на трката, откако почетокот неколкупати беше одложуван.

Од ФИС објавија дека временските услови биле премногу нестабилни и неповолни.

Сè уште не е јасно дали и на кое место ќе се одржи оваа трка.

Австријката Корнелија Хутер победи во саботата во првиот супервелеслалом во овој швајцарски зимски центар, кој се одржа во речиси совршени услови.

Во Гевгелија започна изградбата на Трговски центар, инвестиција вредна околу 20 милиони евра

Во Гевгелија започна изградбата на Трговски центар, инвестиција вредна околу 20 милиони евра и отворање на 350 нови вработувања.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Гевгелија присустуваше на поставување на камен темелник за изградба на Трговски центар, инвестиција вредна околу 20 милиони евра, со која, како што е најавено, ќе бидат отворени 350 нови вработувања.

-Многу амбициозен е планот на инвеститорот, но не и неостварлив бидејќи до сега како што и самиот инвеститор во својот говор овде кажа во рекордно време благодарение на амбициозниот тим и амбициозната работа на градоначалникот на Општина Гевгелија овој проект доаѓа во оваа фаза во која што е денеска, да можеме да поставиме камен темелник на инвестиција вредна самите слушнавте околу 20-тина милиони евра. Од тоа што можев во разговорите да дознаам некој детал повеќе дека ќе имаме околу 350 нови вработувања на почеток до максималниот капациет и 500-тини, изјави Мицкоски.

Оваа точка, посочи Мицкоски, е навистина значајна бидејќи околу 15 милиони возила годишно ќе поминуваат тука, тоа значи голема можност за бизнис, голема можност и за ширење и за проширување на инвестицијата.

-За Гевгелија ќе значи тоа многу, така што како претседател на Владата ценам дека секогаш кога во Македонија ќе се прават ваков тип на објекти ние сме тука да помогнеме, да го забрзаме овој процес, да го одблокираме ако е закочен за да можат овие инвестиции да бидат реалност, порача Мицкоски.

Нашата цел, подвлече Мицкоски, е да оваа година за прв пат да забележиме бројка на инвестиции која што ќе надмине една милијарда евра, со што како држава ќе бидеме во првите три по глава на жител кога станува збор за странски инвестиции. -Уште еднаш честитки на инвеститорот за одлучноста, благодарност до општината, до администрацијата, до сите што помагаа за оваа инвестиција да дојде во оваа фаза во која што е денес, изјави Мицкоски, од Гевгелија.

притисни ентер