Извештај на ОН: Светот се движи кон двојно повисоко глобално затоплување од целта

 Нов извештај на Обединетите нации открива дека светот ќе се загрее за двојно повеќе од целта од 1,5 степени Целзиусови утврдена со Парискиот договор, доколку земјите не успеат да ги намалат емисиите на стакленички гасови.

Глобалните температури ќе се зголемат за 3,1 степен Целзиусов над прединдустриските нивоа до 2100 година ако не се постават поамбициозни климатски цели и ако луѓето не ги променат своите навики, предупредува новиот извештај на Обединетите нации. Вакво ниво на затоплување е двојно повеќе од целта од 1,5 степени утврдена со Парискиот договор од 2015 година — правно обврзувачки договор за климатски промени, потпишан од 196 држави, што би го довело светот до климатска катастрофа.

Тековното ниво на затоплување предизвикано од човекот е околу 1,3 степени над прединдустриските нивоа, што значи дека границата од 1,5 степени би можела да се достигне за помалку од една деценија, според годишниот извештај на ОН, кој го нагласува јазот меѓу обврските на земјите и намалувањето на емисиите на стакленички гасови потребно за да се избегне климатски колапс.

Извештајот покажува дека годишните емисии на стакленички гасови достигнале рекордни нивоа, зголемени за 1,3 отсто во минатата година, и мораат да се намалат за 9 отсто секоја година до 2030 за да се ограничи зголемувањето на глобалната температура на 1,5 степени и да се избегнат најлошите климатски промени, пренесува „Лајв Сајенс“.

Глобалните емисии на стакленички гасови достигнаа 63 гигатони „еквиваленти на јаглерод диоксид“ во 2023 година, што е за 0,8 гигатони — или 1,3 отсто — повеќе од нивото во 2022 година, се наведува во извештајот. Оваа стапка на зголемување ги надминува оние што беа забележани пред пандемијата, меѓу 2010 и 2019 година, кога порастот во просек изнесуваше 0,8 отсто годишно. Надежите за постигнување на целта од 1,5 степени зависат од тоа дали земјите колективно ќе ги намалат годишните емисии на стакленички гасови за 42 отсто до 2030 година и потоа за 57 отсто до 2035 година. Но, реалноста е дека сегашните ветувања за идни акции не се доволно драстични за да ги ублажат најтешките последици од климатските промени.

Во септември годишен пад на каматната стапка на вкупните кредити, а раст кај депозитите

Најновите податоци на Народната банка покажуваат во септември годишен пад на просечната каматна стапка на вкупните кредити од 0,08 процентни поени, а кај депозитите годишен раст од 0,42 процентни поени. 

Просечната каматна стапка на вкупните кредити во септември изнесува 5,41 процент, а на депозитите 2,01 проценти.

Кај корпоративниот сектор, просечната каматна стапка на вкупните кредити бележи месечен пад од 0,05 процентни поени, а кај вкупните депозити мечсене раст од 0,14 процентни поени.

Каматната стапка на вкупните кредити за домаќинствата е непроменета на месечна основа, а кај вкупните депозити има месечно зголемување од 0,04 процентни поени.

Компанијата „Филип Морис“ ќе затвори две фабрики во Германија

 Производителот на тутун „Филип Морис“ најави затворање на своите фабрики во Германија поради, како што наведуваат, падот на побарувачката за тутун во Европа.

Производството во фабриката за преработка на тутун во Берлин ќе престане во првата половина на 2025 година, додека во Дрезден, каде тутунот за виткање се произведува од 2019 година, производството ќе биде завршено до средината на 2025 година, соопшти компанијата, пренесе Билд.

„Причина за ваквата одлука е намалената побарувачка за цигари во Европа во последните години. Се очекува овој тренд да продолжи“, се наведува во соопштението.

Од компанијата истакнуваат дека ќе бидат отпуштени вкупно 372 работници, од кои околу 270 работат во Дрезденската компанија.

„Филип Морис“ вети дека ќе понуди „фер решенија“ за сите работници кои се соочуваат со технолошки вишок.

Одлуката на „Филип Морис“, наведуваат аналитичарите, ги одразува промените во тутунската индустрија, каде побарувачката за традиционални цигари се намалува, а компаниите се прилагодуваат на новите пазарни услови.

Министерката Божиновска тврди дека има само македонско и чешко државјанство

Министерката Божиновска тврди дека има само македонско и чешко државјанство и оти нема важечки бугарски документи.

Министерката за енергетика Сања Божиновска тврди дека поседува само македонско и чешко државјанство и дека во моментот нема важечка бугарска патна исправа и документ за идентификација. Во соопштението испратено од Министерството за енергетика се наведува дека Божиновска на 14 септември минатата година побарала отпуст од бугарското државјанство.

- За жал, одредени актери од Бугарија, на кои не им е во интерес градењето на добрососедски односи помеѓу Македонија и Бугарија со цел надминување на пречките за нашето членство во Европската Унија, наместо култура на дијалог, ја злоупотребуваат ситуацијата. Државјанството кое го поседувала во минатото е земено од економски причини како што тоа го направиле многу македонски граѓани, а не како што некои актери сега сакаат да ја извртат вистината дека станува збор за национални причини, се наведува во соопштението испратено до МИА.

Бугарски БГНЕС објави дека во октомври 2004 година Божиновска своерачно потпишала дека има бугарско потекло при апликацијата за бугарско државјанство. Бугарската агенција објави и документ за кој тврди дека е декларација потпишана од Божиновска.

Ова беше тема и на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања на кои премиерот Христијан Мицкоски рече дека Божиновска е поголема Македонка од сите.

- Да биде Сања Божиновска дел од македонската влада е привилегија. Нејзините резултати во енергетиката се нешто кое може да го сонувате. Зборуваме за работи за кои јавноста не ја интересираат. За неа знае бизнис кремот од Украина до Шпанија и од Скандинавија до Атина. Измислуваме приказни кои немаат никаква врска ни со енергетиката, ни со минералните суровини. Тоа е исто како да зборуваме сега за тоа што вие дававте пасоши на белосветски криминалци. Сања Божиновска е многу поголема Македонка од вас сите заедно, рече Мицкоски одговарајќи му на Оливер Спасовски од СДСМ.

притисни ентер