Министерката Божиновска тврди дека има само македонско и чешко државјанство

Министерката Божиновска тврди дека има само македонско и чешко државјанство и оти нема важечки бугарски документи.

Министерката за енергетика Сања Божиновска тврди дека поседува само македонско и чешко државјанство и дека во моментот нема важечка бугарска патна исправа и документ за идентификација. Во соопштението испратено од Министерството за енергетика се наведува дека Божиновска на 14 септември минатата година побарала отпуст од бугарското државјанство.

- За жал, одредени актери од Бугарија, на кои не им е во интерес градењето на добрососедски односи помеѓу Македонија и Бугарија со цел надминување на пречките за нашето членство во Европската Унија, наместо култура на дијалог, ја злоупотребуваат ситуацијата. Државјанството кое го поседувала во минатото е земено од економски причини како што тоа го направиле многу македонски граѓани, а не како што некои актери сега сакаат да ја извртат вистината дека станува збор за национални причини, се наведува во соопштението испратено до МИА.

Бугарски БГНЕС објави дека во октомври 2004 година Божиновска своерачно потпишала дека има бугарско потекло при апликацијата за бугарско државјанство. Бугарската агенција објави и документ за кој тврди дека е декларација потпишана од Божиновска.

Ова беше тема и на денешната собраниска седница посветена на пратенички прашања на кои премиерот Христијан Мицкоски рече дека Божиновска е поголема Македонка од сите.

- Да биде Сања Божиновска дел од македонската влада е привилегија. Нејзините резултати во енергетиката се нешто кое може да го сонувате. Зборуваме за работи за кои јавноста не ја интересираат. За неа знае бизнис кремот од Украина до Шпанија и од Скандинавија до Атина. Измислуваме приказни кои немаат никаква врска ни со енергетиката, ни со минералните суровини. Тоа е исто како да зборуваме сега за тоа што вие дававте пасоши на белосветски криминалци. Сања Божиновска е многу поголема Македонка од вас сите заедно, рече Мицкоски одговарајќи му на Оливер Спасовски од СДСМ.

Спасовски до Мицкоски: Направивте брутална партизација со бројни примери за непотизам

Пратеникот од СДСМ, Оливер Спасовски на денешната собраниска седница за пратенички прашања, потенцираше дека Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ, направија целосен демант на ветувањата во изборната кампања .

Пратеникот од СДСМ, Оливер Спасовски на денешната собраниска седница за пратенички прашања, потенцираше дека Мицкоски и ВМРО ДПМНЕ, направија целосен демант на ветувањата во изборната кампања кои се однесуваат на формирање на професионална департизирана администрација.

„Во време на изборната кампања имаше ветување дека ќе се формира мала професионална администрација во којашто департизацијата ќе биде основа, дека нема да имаме непотизам, дека само стручни и компетентни кадри ќе бидат поставени на позиции. Само во овие 100 дена направивте целосен демант со постапките за коишто можеби знаете како одлуки а можеби и не знаете“, рече Спасовски.

При тоа, Спасовски во прашањето до Мицкоски, посочи дека во првите 100 дена од Владата на ВМРО ДПМНЕ, јавноста е сведок на повеќе примери на непотизам.

„Сестрата на министерот за култура Љутков, вработена во Музејот во Велес во овој период, братот на помошникот на министерот за внатрешни работи во Центарот за обука се вработил во Центарот како предавач од неодамна. Во Македонски Брод има една цела листа за 100 дена, може да кажеме 100 дена или 100 дена вработувања од семејството“, рече Оливер.

Говорејќи за стручноста и компетентноста на дел од избраните кадри на ВМРО ДПМНЕ, Спасовски го посочи за пример изборот на директорката на Комисијата за верски заедници, Оливера Трајковска.

„Започнала студии на Теолошкиот факултет во Скопје во 1997 година, дипломира 2023 година, значи после 26 години кај колега со кој заедно почнале да студираат.Дали ова се критериумите? И ако се тргне од претпоставката, тој што најдобро знае за теологијата, нема конкуренција личност што толку време студирала. И втората работа е во однос на стекнувањето на дипломата, бројот на годините колку што треба за директор и учеството односно работењето во државната администрација. Дали овие принципи коишто ги заговаравте претходно на стручност, на компетентност, на немање на непотизам, исто така ќе побарате ревносно да се расчистат во јавноста, и тие коишто искористиле одредени позиции на моќ за да успеат во намерите на своите блиски да ги вдомат, дали ќе преземат одговорност и ќе има разрешување, бидејќи тоа беа барањата коишто претходно како опозиција ги баравте“, порача Спасовски.

Бројот на жртвите во Шпанија достигна 140, град е спасен од брана стара 2.000 години (ВИДЕО)

Шпанската државна новинска агенција ЕФЕ објави дека бројот на загинати во поплавите сега се искачи на 140.

Оваа нова бројка претставува значително зголемување од последната официјална бројка пријавена утринава, која беше 95 смртни случаи (во меѓувреме имаше неофицијално ажурирање според кое најмалку 104 починале).

Властите предупредија дека бројот на загинати ќе расте - велејќи дека многу луѓе се уште се водат како исчезнати и свесни дека десетици тела допрва треба да се извлечат од заглавените автомобили.

Шпанската полиција соопшти дека вкупно 39 лица биле уапсени во текот на ноќта „како дел од специјалната акција за спречување криминал, лансирана околу комерцијалните области“ најтешко погодени од поплавите.

„Пронајдени се голем број украдени предмети“, рекоа тие, објавувајќи слики од продавницата која очигледно била цел на ограбувачите и бројни предмети запленети од полициски службеници.

Едно од најинтересните видеа поврзано со смртоносните поплави во Шпанија доаѓа од општина во регионот Арагон.

Како што пишува новинарот на Политика, Ајтор Хернандез-Моралес, известувајќи од Иберија, браната во општината Алмонасид де ла Куба издржала силен наплив на вода.

Изградбата била нарачана пред околу 2000 години од римскиот император Август. Се наоѓа на реката Агуасвивас и е висока 34 метри, што ја прави највисоката од сите зачувани римски брани во светот.

МОН изготви нов предлог Закон за учебници во основното и средното образование

Министерството за образование и наука изготви нов предлог Закон за учебници во основното и средното образование, со кој ќе биде заменет актуелниот закон од 2008 година. 

Министерката за образование Весна Јаневска информира дека законот треба да обезбеди изработка на учебници со поквалитетна содржина, намалување на веројатноста за појава на грешки какви што имаше досега и да ја поедностави постапката за набавка, со цел учебниците да бидат навремено испорачани во училиштата. Новиот предлог закон за учебници е веќе поставен на владиниот ЕНЕР-систем (Електронски национален регистер на прописи), а во него се интегрирани сугестиите на издавачките куќи во Македонија.

-Новината е што овој пат им се дава можност на издавачките куќи да учествуваат со веќе подготвени учебници кои потоа во процедура на избор, одобрување од Бирото и рецензија од Националната комисија би биле избрани и обврската за печатење се префрла на издавачките куќи кои со договор ќе бидат обврзани да ги достават учебниците до 1 септември,- Весна Јаневска- министерка за образование.

Од Министерството ги повикаат и граѓаните во следните 20 дена колку што треба да стојат нацрт-законските решенија и прописи на овој систем, со цел да дадат свој придонес во усвојувањето на најдобрата верзија што ќе биде проследена во собраниска процедура.

Прашана во врска со тврдењата на општинските власти во Тетово дека во тамошните училишта недостигаат 20 000 учебници, а дел од оние кои се доставени се оштетени, поради што децата мора да се служат со фотокопии, Јаневска одговори дека станува збор за едно големо недоразбирање, бидејќи Министерството за образование не може да знае колку учебници им требаат на училиштата доколку тие тоа не го пријават.

притисни ентер