МП: Новиот Кривичен законик е завршен и доставен на мислење до ЕК

Изготвувањето на новиот Кривичен законик е завршено и истиот е преведен на англиски јазик и доставен на мислење до Европската Комисија, информираат од Министерството за правда.  

Од МП, за МИА посочуваат дека подготвени се и коресподентните табели како обврска од Билатералниот скрининг за Поглавје 23.

Откако ќе се добие мислење од ЕК, ако нема забелешки Кривичниот законик оди во владина процедура по што се проследува до Собранието.

Во Парламентот, Кривичниот законик се носи со обично мнозинство.

Европската комисија во Извештајот за напредокот на земјава во 2024 година, во делот за Поглавјето 23 – судство и основни права, оценува дека измените на Кривичниот законик од септември 2023 година ја ослабнаа правната рамка негативно влијаејќи на гонењето на корупцијата, порачувајќи дека земјава во следната година треба да донесе нов Кривичен законик во согласност со правото на ЕУ и меѓународните стандарди.

Според ЕК, земјава во наредната година треба да донесе нов Кривичен законик во согласност со правото на ЕУ и меѓународните стандарди. Да го подобри своето досие на случаите на висока корупција – со навремени, професионални и транспарентни проактивни истраги, гонење, конечни пресуди и враќање на средствата, вклучувајќи конфискација на криминални средства, конфискација базирана на вредност, продолжена конфискација и конфискација од трето лице.

Со новиот Кривичен законик треба да се вратат измените на членот 353 и 394 на Кривичниот законик, направени во септември 2023 година во скратена постапка со европско знаменеце со кои се намалуваат затворските казни за дела поврзани со злоупотреба на службена должност и злосторничко здружување.

Со измените на дел од членот 353 од Кривичниот законик се намали затворската казна од најмалку три години затвор на казна затвор од една до четири години за „злоупотреба на службена должност и овластување“, додека со измена на членот 394 од КЗ, казната за „злосторничко здружување“ се намали од казна затвор до десет години, на казна затвор до три години.

Воздушна тревога низ Украина, серија експлозии во Киев – има настрадани

Во Киев е прогласена воздушна тревога и се слушнале серија експлозии, јавија украинските медиуми, додавајќи дека едно лице загинало во напад со дрон.

Противвоздушните сили на Украина оперираат за пресретнување на проектили и беспилотни летала.

Воздушната тревога во овој и во другите региони се уште е во тек, објави украинскиот јавен сервис ТСН.

Како резултат на нападот во Киевската област, едно лице загинало, а четворица се повредени, соопшти в.д на шефот на Киевската ОВА, Никола Калашник.

Според него, загинал возач на камион.

Во друга област, урнатините од соборениот дрон паднале врз приватна куќа, при што бил запален покривот.Во друга населба во болница е пренесена жена поради повреди.

Препродавале луксузни, украдени автомобили- меѓу десетте и двајца вработени во МВР и еден Грк

Основното јавно обвинителство Скопје ја заврши постапката за обезбедување докази и поднесе обвинение против вкупно десет лица осомничени дека учествувале во дејствија на криумчарење на луксузни автомобили.

Основното јавно обвинителство Скопје ја заврши постапката за обезбедување докази и поднесе обвинение против вкупно десет лица осомничени дека учествувале во дејствија на криумчарење на луксузни автомобили, како и фалсификување службени и други исправи.

Во текот на 2021 и 2022 година, тие со лажни документи и преправени броеви на шасија, внесувале во земјава автомобили кои биле предмет на меѓународна потрага, како и автомобили за кои на друг начин ја избегнувале царинската контрола.

Двајца од обвинетите се службени лица – референти од Одделението за управни работи во МВР, кои ја овозможувале постапката за регистрација на возилата во државава, иако знаеле дека се криумчарени.

Еден дел од возилата по неколкупати меѓусебно си ги препродавале за да го прикријат криумчарењето, по што ги отуѓувале на крајни корисници.

Во овие активности бил вклучен и 11-тиот осомничен, државјанин на Република Грција, за кого кривичниот прогон ќе биде отстапен грчките органи.

Заедно со поднесеното обвинение, надлежниот јавен обвинител до Судот достави предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за четворица од обвинетите.

По едно лице се трага со веќе распишана меѓународна потерница поради неговата инволвираност во друг сличен предмет со криумчарење луксузни возила кој го водеше Основното јавно обвинителство Скопје.

За еден обвинет на сила се мерки на претпазливост, соопшти Обвинителството.

Израел и Хамас подготвени за нови преговори во Катар, овој пат со големи шанси за успех

Израел и Хамас планираат да испратат преговарачи во Катар и да ги продолжат разговорите за прекин на огнот и ослободување на заложниците во Газа.  

Заливската држава, заедно со САД и Египет, посредува во разговорите, бидејќи Израел и палестинската милитантна група Хамас одбиваат директно да разговараат.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го одобри испраќањето на преговарачка делегација. Хамас соопшти дека планира да испрати свои преговарачи, а висок функционер на групата изрази оптимизам.

-Постојат добри изгледи овој пат преговорите да бидат успешни, изјави Муса Абу Марсук за катарската организација Ал-Араби Ал-Џадид.

Тој не откри на што го темели својот оптимизам. Ќе биде тешко да се постигне компромис, бидејќи и Израел и Хамас сакаат меѓусебно да се уништат.

Израел бара список со имињата на живите заложници заробени во Газа. Хамас објави дека му е потребна пауза во борбите за да се утврди локацијата и здравствената состојба на заложниците, што Израел го смета за изговор, пренесуваат медиумите.

Војната започна со напад на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година, при што загинаа околу 1.200 луѓе и беа заробени околу 250.

Според палестинските податоци, од почетокот на војната во Газа се убиени над 45.500 лица.

притисни ентер