Израел собори ракета на Хутите над централен Израел

Израелската противвоздушна одбрана пресретна уште една ракета истрелана од Јемен, објавија денеска израелските одбранбени сили (ИДФ), пренесе ДПА

Ракетата била соборена откако навлегла во израелскиот воздушен простор, објави ИДФ на својот канал Телеграм.

Се истражуваат информациите за оштетувањапредизвикани од паѓањето на остатоците од ракетата во околината на градот Модиин, што се наоѓа меѓу Тел Авив и Ерусалим.

ДПА пренесува дека стотици илјади Израелци рано утринава беа разбудени од сирените за тревога, по што мораа набрзина да побараат засолниште.

Исламистичката милиција Хути во Јемен, како палестинската исламистичка милиција Хамас во Појасот Газа и либанската милиција Хезболах, се сојузници Иран, со главниот непријател на Израел.

Хутите постојано лансираат проектили кон Израел и кон комерцијални бродови во Црвеното Море во знак на солидарност со Хамас, движењето кое учествува во актуелниот конфликт со Израел уште откако го нападна Израел во октомври 2023 година, убивајќи 1.200 и земајќи 250 заложници.

Хутите првично не го коментираа последниот ракетен напад врз Израел, пренесе ДПА.

Грција во 2024 година: Пожари, избори, но и легализација на истополовите бракови

На средината на февруари Грција стана 16 земја во ЕУ, 37 во светот, прва на Балканот, но и прва православна земја што ги легализира истополовите бракови.

Пожари, топлотен бран, победа на Нова демократија на европските избори, но со значително намалена поддршка, опозициски партии во криза, легализација на истополовите бракови, „мирни води“ во грчко-турските односи, пораст на криминалот и случаите на семејно и врсничко насилство, се дел од најважните настани во Грција што ја одбележаа 2024 година, јави дописничката на МИА од Атина.

На средината на февруари Грција стана 16 земја во ЕУ, 37 во светот, прва на Балканот, но и прва православна земја што ги легализира истополовите бракови, откако владејачката партија и дел од опозициските го изгласаа конкретниот предлог закон.

Истополовите бракови предизвикаа реакции во Грција и позитивни и негативни, а не изостанаа и протестите и „за“ и „против“ законот.

Во разговор со дописничката на МИА од Атина, припадници на ЛГБТ+ заедницата тогаш рекоа дека изгласувањето на законот е од особена важност, не само за нив лично, туку и за човековите права во земјата.

Последиците од климатските промени, од година во година се сè поизразени во Грција, минатото лето беше најжешкото во историјата на Грција, а топлотниот бран траеше речиси цело лето, почнувајќи многу порано од претходно, на средината на јуни, кога беа измерени рекордни. 44,5 степени Целзиусови.

Нешто помалку од 50.000 хектари изгореа во текот на 2024 година во пожарите во Грција, од кои најголем беше оној во северниот дел на областа Атика поширокиот регион на Атина, а огнените јазици се ширеа толку брзо што стигнаа и до урбана населби, додека пак чадот го покри речиси целиот град.

Минатата година во Грција започна со мини реконструкција на Владата, а што се повтори и по европските избори во јуни кога Нова демократија иако ја задржа првата позиција, сепак освои 28,3 проценти од гласовите, наспроти речиси 41 отсто на парламентарните избори една година претходно.

На европските избори за првпат беше спроведено поштенското гласање, кое засега, важи само за евроизбори и референдуми, а им дава можност на сите, без разлика дали живеат во странство или во Грција, да гласаат по пошта.

Сепак владејачката партија, на сите истражувања на јавното мислење, не само во 2024 година, туку и во изминатите години е стабилна на првата позиција, факт што веројатно се должи и на проблемите со кои се соочуваат опизициските партии, со оглед на тоа што СИРИЗА се најде пред распад, го разреши претседателот и бираше нов, а избори за партиски лидер одржа и ПАСОК.

Во СИРИЗА, со одлука на Политичкиот секретаријат беше разрешен лидерот Стефанос Каселакис, по само една година на позицијата, по што се одржаа избори, на кои победи Скоратис Фамелос, меѓутоа партијата остана со 26 од 47 пратенички места, откако пратениците кои си заминаа или станаа независни или се дел од пратеничката група Нова левица.

Со загубата на пратенички места, ја загуби и позицијата главна опозиција и падна на третото место, со оглед на тоа што ПАСОК има 31 пратеник и е втора политичка сила во Грција, а лидерот Никос Андрулакис на партиските избори во октомври одново ја добри довербата од членовите и симпатизерите.

Во надворешната политика, ставот на официјална Атина е дека е столб на стабилност и безбедноста во поширокиот регион и може да има протагонистичка улога не само на Балканот, туку и во Источниот Медитеран.

Минатата година во фокусот беа не само војната во Украина, во која Атина континуирано ја изразува поддршката за Киев, ситуацијата на Блискиот Исток, туку и односите со соседите, особено со Северна Македонија и почитувањето на Договорот од Преспа и со Албанија, поради случајот со осудениот градоначалник на албанскиот град Химара Фреди Белери, кој по европските избори и беше ослободен и стана европратеник со Нова демократија.

Белери, кој е припадник на грчкото малцинство во Албанија, доби двегодишна затворска казна за купување гласови и уапсен два дена пред изборите во мај 2022 година, а иако во притвор беше реизбран за градоначалник на јужното приморско гратче Химара, но не даде заклетва во предвидениот законски рок, по што беа спроведени дополнителни избори.

Со одлука на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис беше кандидат за европратеник и обезбеди место во ЕП по европските избори во јуни.

Поради случајот со Белери, Грција упатуваше пораки до Албанија дека европскиот пат на земјата поминува преку Атина и посочуваше дека станува збор за прашање што не е билатерално и е поврзано со владеењето на правото и правата на малцинства.

Грчко-турските односи, по потпишувањето на Атинската декларација на крајот од 2023 година, значително се подобрија, според официјалните ставови, на нула се сведени турските прекршувања на грчкиот воздушен простор, постои комуникација во справувањето со мигрантските бранови, а турските државјани имаат експрес визи за неколку грчки острови што се во близина на турското крајбрежје.

Каналите на комуникација меѓу Атина и Анкара се отворени, а средбите на високо ниво се зачестени, грчкиот премиер во мај беше во Турција каде што се сретна со турскиот претседател, а Мицотакис и Ердоган остварија средби и на маргините на НАТО Самитот во Вашингтон, како и на Генералното собрание на ОН во Њујорк.

Меѓутоа, и покрај подобрената соработка во мигрантското прашање, сепак во Грција минатата година беа зголемени брановите, а мигрантите и бегалците тргнуваа и од Либија.

Согласно официјалните податоци од Министерството за миграција и азил на Грција, заклучно со ноември 2024 година, за 25 отсто се зголемил бројот на пристигнувања во споредба со лани и изнесува 51.620 лица.

Високи извори од Министерството, на крајот на октомври брифираа дека нивната процена е дека до крајот на годинава околу 50.000 ќе биде бројот на пристигнувања во земјата, додека во однос на балканската рута посочија дека ситуацијата со бегалците и мигрантите е стабилна и за разлика од пристигнувањата по морски пат, не се забележуваат зголемувања, но посочуваат дека состојбата се следи и од безбедносни причини поради опасноста меѓу бегалците од јужен Либан да има борци од Хамас или Хезболах.

Во изминатата година беше зголемен бројот на случаи на насилство, како на семејно така и на врсничко, а според портпаролката на грчката полиција Константина Димоглиду во 2024 година имало речиси двојно повеќе пријави за семејно насилство во споредба со една година претходно, посочи дека во полицијата оваа бројка ја гледаат и позитивно, „токму затоа што овие жени пријавуваат дека биле малтретирани во минатото, но сега наоѓаат сила да стигнат до полицијата и да пријават“.

За насилството меѓу малолетниците грчката Влада спроведува и најави дека ќе имплементира дополнителни мерки, во април беше промовирана специјалната платформа „Stop bullying“ преку која може родителите и учениците да пријавуваат врсничко насилство, но и да се информираат, а од почетокот на учебната година ја забрани употребата на мобилниот телефон за време на наставата.

Од другите настани што ја одбележаа 2024 година во Грција е и метрото во Солун, кое од крајот на ноември и официјално е во пуштено во употреба по речиси 18 години од почетокот на изградбата, линија е во должина од 9,6 километри, има 13 модерни станици, 18 најсовремени автоматски метроа без возач, но со придружник и максималниот капацитет е 18.000 патници на час во еден правец.

Во пресрет на Летните Олимписки игри во Париз, во античка Олимпија, традиционално, од зраците на сонцето беше запален Олимпискиот оган, кој откако за 11 дена помина 5.202 километри и 563 наутички милји низ цела Грција им беше предаден на организаторите.

Минатата година не изостанаа ниту протестите, а одредени беа и масовни, како оние на земјоделците кои блокираа автопатишта и гранични премини, а со тракторите пристигнаа и пред грчкиот парламент во центарот на Атина, додека пак студентите над два месеци, секој четврток протестираа против отворањето приватни факултети. /МИА

Намалена видливост поради магла на планинските превои Ѓавато и Буково

Намалена видливост поради појава на магла од 80 – 100 м. има на планинскиот превој Ѓавато и до 50 м. на планинскиот превој Буково, соопшти АМСМ.

Сообраќајот во близина на Башино Село, кај мостот, од 03.01.2025 е во целосен прекин и истиот ќе биде во прекин подолг временски период.

Сообраќајот на останатите државни патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

Од 15.11.2024 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2025 година.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Држави од Европа во 2024 година

Украина во август почна ненадеен упад во рускиот регион Курск, изненадувајќи ги и нејзините западни сојузници и Русија. 

До крајот на првата недела, украинската војска соопшти дека заземала 1.000 квадратни километри руска територија и околу 28 населeни места. Украина продолжува да држи голем дел од територијата, во пошироката војна таа ја заврши 2024 година борејќи се да регрутира војници додека Русија прави бавни напредувања на фронтот во Донбас. На крајот на ноември, украинскиот претседател Володимир Зеленски суптилно ја смени својата реторика за завршување на војната со Русија, сугерирајќи дека Украина е отворена да ја прекине борбата за враќање на територијата окупирана од Русија во замена за членство во НАТО.

Во серијата интервјуа и јавни изјави во последниве недели од годинава, Зеленски се обиде да покаже дека е подготвен да преговара за крај на конфликтот - нешто што новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп постојано го повикуваше во кампањата. Во поголемиот дел од војната, Зеленски инсистираше на тоа дека неговата земја ќе продолжи да се бори додека не ги врати околу 20 отсто од земјата што моментално е под контрола на Москва.

Грузија одржа парламентарни избори во октомври, чии резултати опозицијата во земјата одби да ги признае, наведувајќи ги нерегуларностите во процесот на гласање и обвинувајќи ја владејачката партија Грузиски сон, која се оддалечи од ЕУ кон Москва во последните 12 месеци, за измама. На крајот на ноември, Европскиот парламент усвои резолуција со која ги осудува парламентарните избори дека не биле ниту слободни ниту фер и бара тие да се прегласат во рок од една година. Како одговор, партијата Грузиски сон го запре процесот на пристапување на земјата во ЕУ и ја прекина сета соработка со програмите и иницијативите на ЕУ. Одговорот предизвика нов бран на широки протести низ Грузија.

Про-ЕУ претседателката Саломе Зурабичвили, која го заврши својот втор мандат на 29 декември, вети дека ќе остане на својата функција, тврдејќи дека „нелегитимниот“ парламент нема право да избира нејзин наследник.

„Мојот мандат завршува кога ќе биде избран новиот легитимен претседател. Тоа зависи од нови избори и тоа е главното барање на луѓето на улиците“, рече Зурабишвили, кој редовно им се придружува на про-ЕУ демонстрантите на улиците на Тбилиси.

Ерменија и Азербејџан се приближија до формален мировен договор по кратката средба на маргините на самитот на БРИКС во рускиот град Казањ во октомври меѓу азербејџанскиот претседател Илхам Алиев и ерменскиот премиер Никол Пашинјан. Двајцата им наложија на нивните соодветни министри за надворешни работи да ги забрзаат преговорите за Договор за воспоставување мир и меѓудржавни односи. Главниот камен на сопнување за мирот е барањето на Азербејџан Ерменија да го измени својот устав за да го признае суверенитетот на Азербејџан над провинцијата Нагорно-Карабах, меѓународно призната како азербејџанска територија, но со децении окупирана од Ерменија додека не беше преземена од азербејџанските сили во септември 2023 година. Азербејџан беше домаќин на КОП29.

Алиев го искористи својот говор на отворањето на настанот за да упати силни критики кон западните влади кои купуваат гас од неговата земја, истовремено осудувајќи ја нејзината економија зависна од фосилни горива.

„Секој природен ресурс, без разлика дали е неговата нафта, гас, ветер, сонце, злато, сребро, бакар, сето тоа се природни ресурси. Земјите не треба да се обвинуваат дека ги имаат и не треба да се обвинуваат дека ги носат овие ресурси на пазарот“.

Во декември, шефовите на безбедносните служби на Киргистан и Таџикистан објавија дека го финализирале разграничувањето на нивната заедничка граница, означувајќи го, како што го опишаа, историски чекор во решавањето на годините на тензии и конфликти. Декларацијата беше објавена од Камчибек Ташиев, шеф на Државниот комитет за национална безбедност на Киргистан и Саимумин Јатимов, неговиот таџикистански колега. Работните групи треба да ги изготват конечните правни документи, отворајќи го патот за ратификација од парламентите и претседателите на земјите во наредните месеци. Спецификите за тоа како точно е демаркирана границата долга речиси 1.000 километри допрва треба да се објават.

Бугарија - Државата ја заврши 2024 година како што ја почна: без постојана влада, и покрај тоа што имаше два парламентарни избори во текот на годината. Сега најверојатно ќе се одржат осми општи избори за нешто повеќе од три години напролет и ветуваат дека ќе бидат исто толку неубедливи како и претходните седум.

Во Словачка, популистот Петер Пелегрини беше избран за претседател во април, наследувајќи ја либералната Зузана Чапутова, која не се кандидираше за втор мандат. Еден месец подоцна, во мај, словачкиот премиер Роберт Фицо беше застрелан и повреден во очигледен обид за атентат од страна на 71-годишниот Јурај Цинтула, кој беше приведен од полицијата на местото на настанот. Сепак, Цинтула изјави дека немал намера да го убие Фицо, само да му наштети на таков начин што ќе го оневозможи да биде премиер. Фицо беше отпуштен од болница во јуни и продолжи да работи подоцна во текот на летото. Во декември беше во посета на Путин, порака што ја разбесни ЕУ. Фицо му рекол на рускиот претседател дека неговата земја е подготвена да посредува во мировните преговори меѓу Русија и Украина. „Ако се дојде до тоа - зошто да не“, им рекол Путин на новинарите по состанокот на Врховниот евроазиски економски совет. Рускиот претседател смета дека Словачка има неутрална позиција и дека тоа е прифатлива алтернатива.

Уставниот суд на Романија ги откажа претседателските избори во земјата во декември, само 48 часа пред Романците да излезат на гласање за вториот круг на гласање. Вториот круг веднаш беше откажан, а целиот процес на претседателски избори сега ќе се повтори, најверојатно во март. Дотогаш, актуелниот претседател Клаус Јоханис речиси сигурно ќе остане на функцијата.

Во центарот на настаните е Калин Георгеску, кој се кандидира како независен со поддршка на три екстремистички партии, кои победија во првиот круг со 22 отсто од гласовите. Георгеску беше обвинет дека има проруски, фашистички ставови. Тој требаше да се соочи со широко прогресивната, проевропска Елена Ласкони, водач на Сојузот за спас на Романија (ССР), во вториот круг. Во својата пресуда, во која Георгеску не беше директно именуван, судот наведе незаконска употреба на дигитални технологии, вклучително и вештачка интелигенција, како и непријавени извори на финансирање на кампањата.

Молдавија, Маја Санду беше реизбрана за втор мандат на функцијата, комотно победувајќи го - со значителна помош од големата молдавска дијаспора - кандидатот Александр Стојаногло поддржан од Русија. Санду, исто така, успеа да протурка референдум за уставниот амандман кој ја зацврстува амбицијата на Молдавија еден ден да се приклучи на ЕУ во нејзиниот устав. Како и со претседателските избори, високиот број гласови за амандманот на молдавската дијаспора беше тој што го доби денот за кампот про-ЕУ.

Хрватска - Премиерот Андреј Пленковиќ преживеа две барања за недоверба на неговата проевропска влада во Парламентот во 2024 година, покренати поради висок случај за наводна корупција во кој е вмешан поранешен министер. Предлозите беа иницирани од опозициската Социјалдемократска партија, наведувајќи ја вмешаноста на владините министри и претставници на владејачката Хрватска демократска заедница во серија случаи на корупција во последниве години. На крајот од годинава Хрватите избираат нов претседател со петгодишен мандат.

Полска, по изборите во 2023 година, кои воведоа по-про-ЕУ коалиција, помина голем дел од 2024 година враќајќи ги своите акредитиви како тимски играч во Брисел. Парламентот ги усвои долгодебатираните судски реформи за да се решат проблемите со владеењето на правото, отклучувајќи ги многу потребните фондови за обновување на ЕУ.

Како и да е, владата мораше да се справи со деликатните домашни дебати за тоа како најдобро да се справи со абортусот (сè уште во основа нелегален), миграцијата и да управува со зголемените трошоци за домување. Во 2025 година, земјата избира нов претседател. Градоначалникот на Варшава, Рафал Трзашковски, поддржан од Граѓанската коалиција, најголемата партија во владата, ќе биде фаворит.

Во Унгарија, премиерот Виктор Орбан мораше да се справи со најголемата закана за неговата контрола: подемот на новата опозициска фигура, Петер Маѓар, поранешен член на партијата Фидес на Орбан.

Во ноември, Маѓар ја обвини владата на Орбан дека го шпионирала него и неговиот персонал. „Разузнавачите кои и служат на својата земја, а не на мафијашката влада ми се доверија дека мојот стан, нашите канцеларии и нашите возила се прислушувани со месеци“, рече Маѓар кој сега ја предводи опозициската партија Тиса, која во моментов е далеку пред Фидес. Во Унгарија во 2026 година ќе се одржат парламентарни избори.

Србија е погодена од бран протести од октомври во спротивставување на планираниот рудник за литиум на Рио Тинто во земјата, при што демонстрантите велат дека неговиот развој ќе наштети на животната средина. Протестот доаѓа откако владејачката коалиција предводена од Српската напредна странка (СНС), која има огромно мнозинство, го отфрли предлог-законот на опозицијата со кој се предвидува забрана за ископување и истражување на литиум и борати.

Литиумот, кој ЕУ и САД го сметаат за критичен материјал, се користи во батериите за електрични возила и мобилни уреди. Доколку се имплементира, проектот на Рио Тинто во Србија, наводно, би можел да задоволи 90 отсто од тековните потреби за литиум во Европа, позиционирајќи ја земјата како еден од водечките светски производители на литиум.

Новите протести во декември - кога над 100.000 луѓе се собраа против претседателот Александар Вучиќ и перципираната корупција на СНС, која тие ја обвинуваат за уривањето на покривот на железничката станица во ноември, кога загинаа 15 луѓе - се заканија дека ќе ја урнат владата.

„Зимата 1996-1997 година е апсолутна референца во Србија. Режимот на Слободан Милошевиќ сакаше да ги поништи резултатите од изборите на кои победи опозицијата во сите поголеми градови во земјата, вклучително и во Белград, што предизвика бран револт кој го потресе целото српско општество. По два месеца секојдневни демонстрации, и покрај репресијата и студот што го зафати Балканот, властите конечно попуштија“, потсетува француската Медијапар во опширна статија за протестите во Србија.

Германија - Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер на 27 декември го распушти Долниот дом на Парламентот на земјата - Бундестагот и најави предвремени парламентарни избори за 23 февруари 2025 година. За овој датум се договорија парламентарните лидери на Шолцовите социјалдемократи (СПД) и конзервативните демохристијани (ЦДУ). Шолц го загуби гласањето за доверба во Бундестагот на 16 декември, откако коалицијата меѓу СПД, Зелените и ФДП се распадна во ноември по само три години.Шолц намерно го изгуби гласањето. И, како што сакаше, тој не доби мнозинство за неговиот предлог. Тој потоа побара од Штајнмаер да го распушти Бундестагот во согласност со членот 68 од уставот на Германија или Основниот закон. Штајнмаер потоа разговараше со лидерите на пратеничките групи и партии во Бундестагот. Тој сакаше да открие дали се уште постои начин да се постигне стабилно политичко мнозинство во Бундестагот. Сепак, ова никогаш не изгледаше како реална опција. Гласањето за доверба на Шолц беше само шесто во историјата на повоената Сојузна Република Германија. Во три случаи, Бундестагот потоа беше распуштен.

Франција - Новиот француски премиер Франсоа Бајру им рече на телевизиските гледачи дека е уверен дека неговата влада нема да биде соборена од опозицијата - коментар наиде на остри критики од таа група. „Убеден сум дека акцијата што ја наведувам пред вас и пред владиниот тим ќе обезбеди да не бидеме соборени“, изјави Бајру за BFMTV по назначувањето на неговите министри. Во новата влада, објавена гласно во Елисејската палата, голем број клучни членови ги задржаа своите позиции.

„Ова не е влада, ова е провокација“, напиша лидерот на социјалистите Оливие Фор на „Икс“. Франција е заглавена во длабока политичка криза откако претседателот Емануел Макрон распиша предвремени парламентарни избори во јуни, при што ниту една партија не доби со мнозинство. Во исто време, земјата се соочува со критична економска ситуација во услови на зголемен национален долг и голем буџетски дефицит. Владината изјава на Бајру се очекува на 14 јануари.

Бугарија и Романија пристапија во безграничната Шенген зона за патување. Додека двете земји се приклучија на Шенген со нивните аеродроми во март, контролите останаа на копнените граници. Граничните контроли на копнените премини меѓу двете земји и со другите шенгенски земји (Унгарија, Грција) целосно исчезнаа на 1 јануари.

Летонската агенција за промоција на инвестиции LIAA ја смени Invest Estonia како водечка национална агенција за промоција на инвестиции (ИПА) во Централна и Источна Европа и Балтикот, ставајќи крај на четиригодишниот непрекинат успех на Естонија. Во изданието за 2024 година на Извештајот за промоција на инвестициите на Emerging Europe, објавен во април, и кој од 2018 година направи детален преглед на тоа како 23-те ИПА во регионот ги комуницираат своите можности за инвестирање и како ги користат нивните дигитални канали за да ги заинтересираат потенцијалните инвеститори за различни деловни можности понудени од клучните сектори во регионот, LIAA, трета во 2023 година зад Естонија и Литванија, ги прескокна и двата балтички соседи и го освои првото место.

Сепак, Естонија го задржа првото место на Индексот на ИТ конкурентност на Европа во развој, дел од нашиот годишен извештај за Иднината на ИТ. Естонија постигна 63,83 од можни 100 поени. Летонија (од четвртото) го зазеде второто место со 60,46, претекнувајќи ја Литванија (59,26) на третото и Полска, која падна на четвртото место. Естонија, исто така, го зазеде првото место на нашиот Индекс за одржливост на иднината на Европа во развој, пред Словенија и Чешка. /МИА

притисни ентер