Инцидентот се случил додека полицијата работела на случај, а Керли се приближил до областа и се обидел насилно да влезе во своето возило, кое било паркирано во близина.
Полицијата тврди дека Керли „се обидел насилно да помине низ двајцата полицајци“ и покрај нивните барања тој да ја обиколи областа. На снимката од камерите на телото објавена од полицијата на Мајами Бич се гледа како американскиот спринтер со својата девојка се расправа со група полицајци. Неговото однесување станувало сè поагресивно, што доведе до пресметка со полицијата.
Четворица полицајци се обиделе да го приведат Керли, кој пружил отпор, па полицијата употребила тизер за да го смири.
„И покрај напорите на полицајците да ја деескалираат ситуацијата, пријавениот заземал борбен став и продолжил да ги игнорира нивните законски наредби. Кога полицајците се обиделе да го уапсат, тој активно им се спротивставил“, соопштија од полицијата.
Керли е обвинет за злоставување, отпор на полицаец и непристојно однесување, а неговата девојка Клео Рахман, диџеј позната како Dj Sky High Baby, исто така се соочува со обвинение за давање отпор на полицаец. „Ова изгледа како целосно недоразбирање“, изјави неговиот бранител Јеил Санфорд за локалните медиуми.
„Господин Керли е спортист кој соборува рекорди. Тој се натпреваруваше на Олимпијадата, тој е модел на граѓанин во нашата заедница. Ова не е ништо повеќе од преголема реакција на полицијата“, додаде тој.
Керли освои бронза на 100 метри на Олимпијадата во Париз минатата година и сребро на Олимпијадата во Токио. Тој исто така освои шест медали на Светските првенства, вклучувајќи го и светското злато на 100 метри во 2022 година во Јуџин.