Грција во 2024 година: Пожари, избори, но и легализација на истополовите бракови

На средината на февруари Грција стана 16 земја во ЕУ, 37 во светот, прва на Балканот, но и прва православна земја што ги легализира истополовите бракови.

Пожари, топлотен бран, победа на Нова демократија на европските избори, но со значително намалена поддршка, опозициски партии во криза, легализација на истополовите бракови, „мирни води“ во грчко-турските односи, пораст на криминалот и случаите на семејно и врсничко насилство, се дел од најважните настани во Грција што ја одбележаа 2024 година, јави дописничката на МИА од Атина.

На средината на февруари Грција стана 16 земја во ЕУ, 37 во светот, прва на Балканот, но и прва православна земја што ги легализира истополовите бракови, откако владејачката партија и дел од опозициските го изгласаа конкретниот предлог закон.

Истополовите бракови предизвикаа реакции во Грција и позитивни и негативни, а не изостанаа и протестите и „за“ и „против“ законот.

Во разговор со дописничката на МИА од Атина, припадници на ЛГБТ+ заедницата тогаш рекоа дека изгласувањето на законот е од особена важност, не само за нив лично, туку и за човековите права во земјата.

Последиците од климатските промени, од година во година се сè поизразени во Грција, минатото лето беше најжешкото во историјата на Грција, а топлотниот бран траеше речиси цело лето, почнувајќи многу порано од претходно, на средината на јуни, кога беа измерени рекордни. 44,5 степени Целзиусови.

Нешто помалку од 50.000 хектари изгореа во текот на 2024 година во пожарите во Грција, од кои најголем беше оној во северниот дел на областа Атика поширокиот регион на Атина, а огнените јазици се ширеа толку брзо што стигнаа и до урбана населби, додека пак чадот го покри речиси целиот град.

Минатата година во Грција започна со мини реконструкција на Владата, а што се повтори и по европските избори во јуни кога Нова демократија иако ја задржа првата позиција, сепак освои 28,3 проценти од гласовите, наспроти речиси 41 отсто на парламентарните избори една година претходно.

На европските избори за првпат беше спроведено поштенското гласање, кое засега, важи само за евроизбори и референдуми, а им дава можност на сите, без разлика дали живеат во странство или во Грција, да гласаат по пошта.

Сепак владејачката партија, на сите истражувања на јавното мислење, не само во 2024 година, туку и во изминатите години е стабилна на првата позиција, факт што веројатно се должи и на проблемите со кои се соочуваат опизициските партии, со оглед на тоа што СИРИЗА се најде пред распад, го разреши претседателот и бираше нов, а избори за партиски лидер одржа и ПАСОК.

Во СИРИЗА, со одлука на Политичкиот секретаријат беше разрешен лидерот Стефанос Каселакис, по само една година на позицијата, по што се одржаа избори, на кои победи Скоратис Фамелос, меѓутоа партијата остана со 26 од 47 пратенички места, откако пратениците кои си заминаа или станаа независни или се дел од пратеничката група Нова левица.

Со загубата на пратенички места, ја загуби и позицијата главна опозиција и падна на третото место, со оглед на тоа што ПАСОК има 31 пратеник и е втора политичка сила во Грција, а лидерот Никос Андрулакис на партиските избори во октомври одново ја добри довербата од членовите и симпатизерите.

Во надворешната политика, ставот на официјална Атина е дека е столб на стабилност и безбедноста во поширокиот регион и може да има протагонистичка улога не само на Балканот, туку и во Источниот Медитеран.

Минатата година во фокусот беа не само војната во Украина, во која Атина континуирано ја изразува поддршката за Киев, ситуацијата на Блискиот Исток, туку и односите со соседите, особено со Северна Македонија и почитувањето на Договорот од Преспа и со Албанија, поради случајот со осудениот градоначалник на албанскиот град Химара Фреди Белери, кој по европските избори и беше ослободен и стана европратеник со Нова демократија.

Белери, кој е припадник на грчкото малцинство во Албанија, доби двегодишна затворска казна за купување гласови и уапсен два дена пред изборите во мај 2022 година, а иако во притвор беше реизбран за градоначалник на јужното приморско гратче Химара, но не даде заклетва во предвидениот законски рок, по што беа спроведени дополнителни избори.

Со одлука на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис беше кандидат за европратеник и обезбеди место во ЕП по европските избори во јуни.

Поради случајот со Белери, Грција упатуваше пораки до Албанија дека европскиот пат на земјата поминува преку Атина и посочуваше дека станува збор за прашање што не е билатерално и е поврзано со владеењето на правото и правата на малцинства.

Грчко-турските односи, по потпишувањето на Атинската декларација на крајот од 2023 година, значително се подобрија, според официјалните ставови, на нула се сведени турските прекршувања на грчкиот воздушен простор, постои комуникација во справувањето со мигрантските бранови, а турските државјани имаат експрес визи за неколку грчки острови што се во близина на турското крајбрежје.

Каналите на комуникација меѓу Атина и Анкара се отворени, а средбите на високо ниво се зачестени, грчкиот премиер во мај беше во Турција каде што се сретна со турскиот претседател, а Мицотакис и Ердоган остварија средби и на маргините на НАТО Самитот во Вашингтон, како и на Генералното собрание на ОН во Њујорк.

Меѓутоа, и покрај подобрената соработка во мигрантското прашање, сепак во Грција минатата година беа зголемени брановите, а мигрантите и бегалците тргнуваа и од Либија.

Согласно официјалните податоци од Министерството за миграција и азил на Грција, заклучно со ноември 2024 година, за 25 отсто се зголемил бројот на пристигнувања во споредба со лани и изнесува 51.620 лица.

Високи извори од Министерството, на крајот на октомври брифираа дека нивната процена е дека до крајот на годинава околу 50.000 ќе биде бројот на пристигнувања во земјата, додека во однос на балканската рута посочија дека ситуацијата со бегалците и мигрантите е стабилна и за разлика од пристигнувањата по морски пат, не се забележуваат зголемувања, но посочуваат дека состојбата се следи и од безбедносни причини поради опасноста меѓу бегалците од јужен Либан да има борци од Хамас или Хезболах.

Во изминатата година беше зголемен бројот на случаи на насилство, како на семејно така и на врсничко, а според портпаролката на грчката полиција Константина Димоглиду во 2024 година имало речиси двојно повеќе пријави за семејно насилство во споредба со една година претходно, посочи дека во полицијата оваа бројка ја гледаат и позитивно, „токму затоа што овие жени пријавуваат дека биле малтретирани во минатото, но сега наоѓаат сила да стигнат до полицијата и да пријават“.

За насилството меѓу малолетниците грчката Влада спроведува и најави дека ќе имплементира дополнителни мерки, во април беше промовирана специјалната платформа „Stop bullying“ преку која може родителите и учениците да пријавуваат врсничко насилство, но и да се информираат, а од почетокот на учебната година ја забрани употребата на мобилниот телефон за време на наставата.

Од другите настани што ја одбележаа 2024 година во Грција е и метрото во Солун, кое од крајот на ноември и официјално е во пуштено во употреба по речиси 18 години од почетокот на изградбата, линија е во должина од 9,6 километри, има 13 модерни станици, 18 најсовремени автоматски метроа без возач, но со придружник и максималниот капацитет е 18.000 патници на час во еден правец.

Во пресрет на Летните Олимписки игри во Париз, во античка Олимпија, традиционално, од зраците на сонцето беше запален Олимпискиот оган, кој откако за 11 дена помина 5.202 километри и 563 наутички милји низ цела Грција им беше предаден на организаторите.

Минатата година не изостанаа ниту протестите, а одредени беа и масовни, како оние на земјоделците кои блокираа автопатишта и гранични премини, а со тракторите пристигнаа и пред грчкиот парламент во центарот на Атина, додека пак студентите над два месеци, секој четврток протестираа против отворањето приватни факултети. /МИА

Деми Мур ја игнорираше Кајли Џенер на Златните глобуси, видеото е вирално

Кајли Џенер (27) се нашла во непријатна ситуација на доделувањето на Златните глобуси во неделата вечерта, кога добитничката на наградата Деми Мур едноставно ја игнорирала. 

Кајли на доделувањето на престижните награди пристигна во придружба на нејзиното момче, 29-годишниот актер Тимоти Шаламе и му се придружи на маса со неговите колеги.

Деми ја игнорираше

Иако Кајли немаше проблем да се дружи со филмските ѕвезди Ел Фенинг и Моника Барбаро, ситуацијата со Деми Мур беше многу поинаква. Деми таа вечер прослави голем успех освојувајќи го Златниот глобус за најдобра актерка во филмот „The Substance“. По победата се приближила до масата на која седела Кајли, но целосно ја игнорирала.

@tchallover Kylie getting ignored at the golden globes this year by Demi Moore 🥸 #kyliejenner #timotheechalamet #demimoore90s #goldenglobes #fyyyyyyy ♬ originalljud - timothées real wife

На видеото, Деми се гледа како возбудена разговара со Ел за нејзината победа, додека Кајли се обидува да се вклучи во разговорот. Свртувајќи се на столот, Кајли извикала: „Честитки! Кон Деми, која кратко одговорила: „Благодарам“, пред да продолжи да разговара со Ел. Ситуацијата стана уште понепријатна кога Деми ја прескокна Кајли и директно му се обрати на Тимоти, честитајќи му за неговите проекти.

Хит на социјалните мрежи

Овој непријатен момент брзо стана хит на социјалните мрежи, а корисниците на „TikTok“ не се штедат во коментарите: „Игнорирањето на Кајли ме тера да сакам да ги гледам Златните глобуси“, „Дали ова беше јавно отфрлање на Кајли? Хахаха“, „Сите се обидуваат да избегнат разговорот со Кајли, толку ми е срам за неа“, „Начинот на кој Деми ја игнорираше... Да беше некој друг, ќе беше полошо“, се само дел од коментарите.

Непријатниот момент доаѓа откако Кајли во октомври се појави на Инстаграм во црни бикини со украси, рекреирајќи го иконскиот стриптиз изглед на Деми Мур. Кајли, како и Деми, имаше права кафена коса и бела кошула.

Извор: Индекс.хр

Леклер очекува хармонично партнерство со Хамилтон

Возачот на Ферари, Шарл Леклер го доби својот трет тимски колега откако има се приклучи на „црните коњи“ на почетокот на 2019 година во лицето на Луис Хамилтон. 

Британецот сега и официјално е дел од тимот на „Скудерија“, а многумина веруваат дека италијанскиот тим моментално ја има најдобрата возачка постава во Формула 1.

Надежите на Ферари на тој начин ќе бидат дека тимот ќе се врати на освојувањето на светските титули, што не се случило од 2008 година. За таа цел, сепак, Леклер и Хамилтон ќе треба да склопат хармонично партнерство, а очекувањата на пилотот од Монте Карло се тоа да се случи.

-Не очекувам да биде поинаку од она што го имав досега. Мојот однос со Луис е добар. Но, нашиот однос е поинаков бидејќи сè уште не сум поминал толку време со него, но имам голема почит кон него и неговите достигнувања. Ние сме во добри односи. Имаме разлика во години, но надвор од патеката делиме многу интереси. Затоа, не очекувам да биде нешто поразлично од она што го имав досега во Ферари, сподели Леклер./МИА

Маркињос стана играчот со најмногу трофеи во историјата на францускиот фудбал

Со освоената титула во францускиот Суперкуп вчера, капитенот на Пари Сен Жермен, Маркињос стана рекордер на клубот по освоени трофеи. Уште повеќе, Бразилецот веќе е играчот со најмногу одличја во историјата на францускиот фудбал.

Маркињос има импресивен 31 трофеј зад своето име - девет титули во Лига 1, седум Купови на Франција, шест Лига купови и девет домашни Суперкупа. Со трофејот освоен вчера против Монако (1:0), централниот дефанзивец го престигна својот до неодамна соиграч, Марко Верати кој има 30 трофеи.

Маркињос (30) ги има сите шанси да го зголеми бројот на трофеи во својата витрина, бидејќи ПСЖ води на табелата и е во конкуренција за Купот на Франција.

По Бразилецот и Верати, Тиаго Силва и Преснел Кимпембе со по 23 трофеи, како и Единсон Кавани, кој има 21, се меѓу првите топ 5 освојувачи на почести во дресот на „принцовите“. /МИА

притисни ентер