Избегната трагедија во Висконсин: 13 годишен ученик сакал да влезе вооружен во училиште

13-годишно момче, кое вооружено се обидело да влезе во основното училиште Рузвелт во американската сојузна држава Висконсин, е во притвор откако побегнало кога се соочило со училишниот персонал, соопштија денеска официјални лица.

„За влакно избегнавме трагедија“, изјави началникот на полицијата во Кеноша, Патрик Патон, пренесе ABC News.

Полицијата на Кеноша соопшти дека верува дека момчето имало огнено оружје кога било запрено околу 9 часот вчера додека се обидувало да влезе во основното училиште Рузвелт со ранец и торба, во град на околу 35 милји јужно од Милвоки.

Вработените во училиштето го испрашувале тинејџерот пред безбедниот влез на училиштето, а видеото од надзорот покажало голема црна торба покрај него, соопшти полицијата.

„Веруваме дека всушност станува збор за вооружен осомничен со огнено оружје и нема легитимна причина тој да влезе во училиштето“, рече Патон на вчерашната прес-конференција, додавајќи дека е избегната трагедија.

Според него, единствената причина поради која момчето не можело да влезе во училиштето е брзата и вредна акција на вработените во училиштето.

Момчето веднаш истрчало кога му пришле вработените во училиштето. Полицијата не го соопштила идентитетот на момчето, ниту пак кажале како дошло до пиштолот.

Изјавиле и дека мајката на осомничениот соработува со полицијата.

Полицијата соопшти дека ученикот кој е во притвор, ја посетува гимназијата „Махон“ и е поранешен ученик во основното училиште „Рузвелт“. Инспекторите „имаат информации дека осомничениот извршил повеќекратни пребарувања на Интернет во врска со престрелки во училиштата пред инцидентот“, рече Патон.

Морбидно: Доктор барал на гробот да му стават прозорец и да го погребаат со ѕвонче (ВИДЕО)

Гробот на докторот Тимоти Кларк Смит, кој се наоѓа во Њу Хевен, во американската сојузна држава Вермонт, го привлекува вниманието на љубопитните веќе 130 години.

Местото каде што почива е уникатно поради еден необичен детал - прозорец на надгробната плоча.

Зошто Смит (1821-1893) побарал да биде погребан во гроб со прозорец?

Се верува дека причината се крие во тафофобијата, односно психопатолошкиот страв да не биде жив закопан, пренесува LadBible.

Докторот живеел во САД во 19 век и очигледно не сакал да ризикува.

Не само што дизајнирал специјален ковчег и надгробен споменик, туку е поставено и ѕвоно кое можело да се активира однатре.

Поставена е и цевка за дишење, која ќе му овозможи на Смит мирно да ги чека спасувачите.

Љубопитните луѓе и денес го посетуваат необичниот гроб, но ништо не можат да видат. Причината? Кондензација (најверојатно предизвикана од распаѓање на телото на починатиот) целосно го замаглила стаклото.

Јужнокорејскиот претседател во обраќање се извини поради скандалите на сопругата

Јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јеол се извини за низата скандали поврзани со неговата сопруга, вклучително и наводното прифаќање на луксузна чанта на Диор и манипулација со акции.

Во телевизиско обраќање до нацијата, претседателот призна дека неговата сопруга Ким Кеон-хи требало подобро да се однесува, но нагласи дека некои од обвинувањата против неа се „претерани“. Јун Сук Јеол најави дека ќе формира канцеларија која ќе ги надгледува службените должности на првата дама, но ги одби повиците да ги истражи нејзините активности.

Извинувањето на јужнокорејскиот претседател доаѓа додека тој се обидува да го смени трендот на намалување на неговата популарност кај јавноста, пишува Би-Би-Си.

Кон крајот на 2023 година, левичарскиот канал на Јутјуб „Гласот на Сеул“ објави видео од септември 2022 година на кое наводно се гледа како првата дама Ким прифаќа чанта Диор вредна 2.000 евра од свештеник кој ја снимил целата работа користејќи камера скриена во неговиот часовник.

Јун Сук Јеол во февруари изјави дека видеото е објавено како „политички маневар“ и не се извини. Демократската партија на Јужна Кореја, опозиција на конзервативната Партија на народна моќ на Јун, тогаш изјави дека таквиот став е „бесрамен и безнадежен“. Исто така, опозицијата долго време ја обвинуваше првата дама дека е вмешана во манипулации со цените на акциите.

Претходно оваа година, Јун стави вето на нацрт-законот со кој се бара неговата сопруга да биде под истрага поради обвинувањата. Скандалот предизвика и поделби во партијата на Јун, при што еден функционер ја спореди првата дама со Марија Антоанета, француската кралица озлогласена по нејзиниот екстравагантен начин на живот.

Алармнантни податоци во Италија: Секој ден се регистрираат над 1.000 болни од рак

Секој ден во Италија на над 1.000 нови пациенти им се дијагностицира рак, а тој број се очекува да расте за еден процент годишно, изјави денеска претседателот на италијанското здружение за медицинска онкологија (АИОМ), Франческо Пероне.

Тој посочи дека одделенијата за онкологија се во состојба на криза, бидејќи бројот на кревети за болните од рак во италијанските болници за 10 години е намален за 1.103, пренесува Анса.

Пероне предупреди дека е особено загрижувачко што на национално ниво се намалува бројот на онколози и онколошки медицински сестри.

притисни ентер