Инзаги: На Јувентус требаше да му дадеме седум-осум гола

 Тренерот на Интер, Симоне Инзаги е разочаран по ремито (4:4) со Јувентус вчеравечер во дербито на 9. коло од Серија А.

Интер водеше со 4:2 на дваесетина минути пред крајот, но дозволи противникот да се спаси од поразот.

- Има разочарување, но како тренер морам да ги анализирам четирите гола што ги примивме. Игравме против силен тим, но не смеевме да примиме четири гола. Морам да се надоврзам и на позитивните страни. Јувентус е тим кој прими само еден гол од игра на осум натпревари во Серија А денес требаше да прими седум или осум. За жал, имавме четири-пет шанси да го постигнеме петтиот гол. Потоа следуваше казната за промашените шанси. Има горчина, но како тренер треба да анализирам и да разговарам со играчите, тие изгледаа депресивно во соблекувалната. Фрустрирачки е затоа што игравме против Јувентус, чија силна страна е одбраната, и создадовме многу шанси за гол, но не победивме, изјави тренерот на Интер за „Sky Sport Italia“.

Лидер во поредокот е Наполи со 22 бода, Интер е втор со 18, Јувентус на третото место собра 17 бода.

Мицкоски за писмото од Ахмети: Мора да се посвети внимание на секое писмо од секој граѓанин

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека не го видел писмото што му го испрати лидерот на ДУИ Али Ахмети во врска со неодамнешните одлуки на Уставниот суд и нивното влијание врз меѓуетничката кохезија и одржливоста на земјата.

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека не го видел писмото што му го испрати лидерот на ДУИ Али Ахмети во врска со неодамнешните одлуки на Уставниот суд и нивното влијание врз меѓуетничката кохезија и одржливоста на земјата, но истакнува дека мора да се посвети внимание на секое писмо од секој граѓанин.

На новинарско прашање Мицкоски денеска истакна дека со големо внимание пристапува во комуникацијата со граѓаните.

- Не, не сум го видел. Инаку, јас дневно добивам многу писма и ги читам, добивам многу пораки, и со големо внимание пристапувам во комуникацијата со граѓаните. Господинот Ахмети е граѓанин и мора да се посвети внимание на секое писмо од секој граѓанин, така постапува одговорна Влада. Како што кажа вицепремиерот Меџити ние не играме фудбалчиња, ние работиме и сме одговорни, рече Мицкоски, кој одговараше на прашања по увидот на работите за изградба на автопатот Гостивар Букојчани на Коридор 8.

Како што соопшти претходно ДУИ, писмото од Ахмети е одговор на сериозните предизвици со кои се соочува Македонија во еден исклучително чувствителен геополитички момент, кога секоја нова тензија може да има негативни последици врз меѓуетничките односи и внатрешниот развој. Ахмети во писмото истакнува дека одлуките за укинување на заштитните механизми за заедниците и измените на Законот за употреба на јазиците не само што се политички контроверзни, туку, се посочува во соопштението, се опасни и штетни за напредокот и одржливоста на општеството.

ДУИ апелира до политичките партии и институции за поголема одговорност и зрелост во овој критичен период, поттикнувајќи решенија кои ќе ја зајакнат соработката и заедништвото, а не поделбите. Писмото на Ахмети, како што наведуваат од партијата, претставува повик за соработка, взаемна почит и конструктивен дијалог.

- ДУИ останува посветена на заштитата на меѓуетничкото разбирање и инклузивноста, кои се темели на напредокот на Македонија и нејзината европска иднина, стои во соопштението.

Минчев: Постојат две можности делот за правична застапеност да биде имплементиран во законите

 Постојат две можности делот за правична застапеност да биде имплементиран во законите. 

Првата е во Предлог законот за административни службеници, Предлог законот за вработените во јавниот сектор и Предлог законот за стручно усовршување и обука на административните службеници кои се во фаза на разгледување, а втората е да се оди со посебно законско решение кое што ќе биде разгледувано во Собранието, порача денеска министерот за јавна администрација Горан Минчев.

Нагласи дека Министерството за јавна администрација во моментов не изработува такво законско решение и додаде дека не треба да се брза со носење на едно вакво законско решение. Се уште, посочи, немам видено нацрт-верзија од нашите коалициски партнери, но се надевам, убеден сум и сигурен дека во Владата има политички капацитет да се најде едно законско решение кое што на крајот ќе биде пратено до Венецијанската комисија со цел да биде квалитетно, да биде спроведливо за да не се најдеме повторно во состојба Уставниот суд да укинува одредени членови или, пак, одредби од постојните законски решенија.

-Има можност на два начини да се донесе тоа законско решение, бидејќи е уставна категорија, а тоа е делумно во овие законски решенија коишто практично се на јавна расправа, но и со правење на нов закон за правична застапеност на етничките заедници, рече Минчев во одговор на новинарско прашање во изјава дадена во рамките на четвртата и последна јавна дебата по работните верзии на Предлог законот за административни службеници, Предлог законот за вработените во јавниот сектор и Предлог законот за стручно усовршување и обука на административните службеници, организирана од Министерството за јавна администрација со матичната собраниска Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, под покровителство на Националниот демократски институт, во рамките на кампањата „Сите заедно за професионална и квалитетна јавна администрација“.

Не смета, како што кажа, дека постои опасност за нарушување на безбедноста на државата поради не носење на вакво законско решение и покрај писмата што ги прати лидерот на ДУИ Али Ахмети до европските партнери и до премиерот Христијан Мицкоски.

-Прес-конференциите или, пак, тензијата која што ја држи во општеството г. Ахмети, сега и со последниот чин на праќање на писма кон нашите европски партнери и кон Мицкоски, е прашање на еден политички популизам затоа што минатата влада, односно претставниците на ДУИ коишто беа во минатата влада во рамки на Националната стратегија од 2022 до 2030 година за реформи во јавната администрација исто така имаат донесено одлука и потврдиле дека балансерот бил предмет на злоупотреба и дека треба да биде укинат. И од тој аспект велам дека ова е еден политички популизам, а пред се се однесува на она кое што се случува во моментов во ДУИ, а тоа е како што гледаме и сведоци се целата јавност за едно раслојување на таа т.н. коалиција Европски фронт, посочи Минчев.

Нагласи дека се уште не е формирана работна група за изработка на закон за правична застапеност.

-Сигурен сум сигурен дека во Владата има политички капацитет и можност да се дојде до едно сериозно, системско и квалитетно решение. Не треба да се брза. Мора да имаме трпение затоа што ние сме имале и ситуации кога и од 2001 до 2015 година не постоел балансер, но уставната категорија, правичната застапеност на етничките заедници се имплементирала. Така што, мора да дојдеме до сериозно решение да не се најдеме повторно во ваква ситуација, а тоа е Уставниот суд да укинува одредени членови или одредби од евентуалното законско решение, рече Минчев.

Порача дека денешната јавна расправа и дебата е еден од доказите дека сите учествуваат на такви расправи.

-Забележавте дека овде има и претставници на ВРЕДИ и дека се отвори и тоа прашање за балансерот, но тоа е првата варијанта во овие законски решенија. Ќе видиме како ќе се развива ситуацијата, јас мислам дека ќе се оди кон ново законско решение, истакна Минчев.

Продолжува судењето за масовниот убиец Урош Блажиќ во Мало Орашје и Дубона

Продолжува судењето за масовниот убиец Урош Блажиќ во Мало Орашје и Дубона, фрлена запалива течност во неговта куќа.

Во Специјалниот суд во Белград денеска продолжи судењето на Урош Блажиќ, кој изврши масовно убиство во селата Мало Орашје и Дубона. Паралелно, во негоавата куќа во Мало Орашје која ја обезбедува полицијата фрлена е запалива течност на тревата, но немаше никаква штета, ниту пак некој беше уапсен, јави дописникот на МИА од Белград.

Како и на сите претходни рочишта и денеска дојдоа бројни членови на семејствата и пријателите на загинатите и повредените во селата кај Младеновац.

Освен Урош Блажиќ, кому му се суди за убиство на девет и ранување на 12 лица, обвинет е и неговиот татко Радиша Блажиќ за недозволено поседување оружје, муниција и експлозивни материјали.

Урош Блажиќ ја призна вината и рече дека е подготвен да одговара за стореното дело. При изнесувањето на својата одбрана рече дека нелегално набавил оружје, а неговиот татко, Радиша Блажиќ кој е пензиониран офицер за безбедност, не знаел дека син му го поседува, како и дека не знаел од каде е пронајденото оружје во неговата куќа по масовното убиство на 4 мај.

За денешното рочиште имаше распит на вештаци и прикажување на одредени видео снимки, меѓу кои и видеото во телефонот на Урош Блажиќ, облечен како каубој.

-Капа на глава, а револвер во рака. Некој од домаќините го снима Радиша Блажиќ, кој арогантно влегува со сончеви очила до елка, а проследено со смеа на сите домашни, па се движи кон друга соба. Потоа се гледа како Радиша Блажиќ вели „Добриот, лошиот и злобниот “, пишува Курир.

Медиумите го наведуваат и сведочењето на д-р Марија Паниќ за психијатриската пороценка на Урош Блажиќ која кажа да „смета дека осомничениот Урош Блажиќ немал причина да го стори кривичното дело, поточно немал психички и психолошки пречки да го стори“.

Вишото јавно обвинителство во Смедерево предложи максимална казна затвор од 20 години за Урош Блажиќ и неговиот татко, бидејќи тој не може да биде осуден на доживотен затвор, оти во моментот кога го извршил делото немал 21 година.

Од безбедносни причини, судењето од Смедерево беше преместено во судницата на Специјалниот суд во Белград, поради инцидентот што се случи во мај 2024 година на самиот почеток на прелиминарното рочиште во Вишиот суд во Смедерево.

притисни ентер