Мицкоски за писмото од Ахмети: Мора да се посвети внимание на секое писмо од секој граѓанин

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека не го видел писмото што му го испрати лидерот на ДУИ Али Ахмети во врска со неодамнешните одлуки на Уставниот суд и нивното влијание врз меѓуетничката кохезија и одржливоста на земјата.

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека не го видел писмото што му го испрати лидерот на ДУИ Али Ахмети во врска со неодамнешните одлуки на Уставниот суд и нивното влијание врз меѓуетничката кохезија и одржливоста на земјата, но истакнува дека мора да се посвети внимание на секое писмо од секој граѓанин.

На новинарско прашање Мицкоски денеска истакна дека со големо внимание пристапува во комуникацијата со граѓаните.

- Не, не сум го видел. Инаку, јас дневно добивам многу писма и ги читам, добивам многу пораки, и со големо внимание пристапувам во комуникацијата со граѓаните. Господинот Ахмети е граѓанин и мора да се посвети внимание на секое писмо од секој граѓанин, така постапува одговорна Влада. Како што кажа вицепремиерот Меџити ние не играме фудбалчиња, ние работиме и сме одговорни, рече Мицкоски, кој одговараше на прашања по увидот на работите за изградба на автопатот Гостивар Букојчани на Коридор 8.

Како што соопшти претходно ДУИ, писмото од Ахмети е одговор на сериозните предизвици со кои се соочува Македонија во еден исклучително чувствителен геополитички момент, кога секоја нова тензија може да има негативни последици врз меѓуетничките односи и внатрешниот развој. Ахмети во писмото истакнува дека одлуките за укинување на заштитните механизми за заедниците и измените на Законот за употреба на јазиците не само што се политички контроверзни, туку, се посочува во соопштението, се опасни и штетни за напредокот и одржливоста на општеството.

ДУИ апелира до политичките партии и институции за поголема одговорност и зрелост во овој критичен период, поттикнувајќи решенија кои ќе ја зајакнат соработката и заедништвото, а не поделбите. Писмото на Ахмети, како што наведуваат од партијата, претставува повик за соработка, взаемна почит и конструктивен дијалог.

- ДУИ останува посветена на заштитата на меѓуетничкото разбирање и инклузивноста, кои се темели на напредокот на Македонија и нејзината европска иднина, стои во соопштението.

Новата влада на Литванија најави 3,5 проценти од БДП за одбраната

 Новата социјалдемократска влада на Литванија планира да издвојува најмалку 3,5 отсто од својот бруто-домашен производ (БДП) за одбранбени потреби, соопшки лидерката на Социјалдемократската партија Вилија Блинкевичуте.

Според НАТО проценките, оваа балтичка земја, која има 2,9 милиони жители и се граничи со Русија, годинава планира да троши околу 3 отсто од својот БДП за воените сили.

Истражување на јавното мислење, спроведено од Baltijos Tirimai/ELTA, покажува дека три четвртини од Литванците сметаат дека по нападот врз Украина во 2022 година, Русија би можела во блиска иднина да ја нападне и нивната земја.

Вилија Блинкевичуте по уверливата изборна победа на својата партија изјави дека издвојувањата за воениот буџет нема да бидат помали од 3,5 проценти и дека безбедноста и одбраната ќе добијат средства согласно потребите.

Четврта јавна расправа за предлог законските решенија за реформи во јавната администрација

Поголемо внимание да се посвети на постапката на вработување во јавната администрација и при вработувањето покрај образованието во предвид да се земат и компетенциите и неформалното образование.

Поголемо внимание да се посвети на постапката на вработување во јавната администрација и при вработувањето покрај образованието во предвид да се земат и компетенциите и неформалното образование, да се промени делот на пресметка на платите во јавниот сектор и тие да бидат врзани со просечната плата, бидејќи во предложеното решение тие се помали отколку во постојното, како и да се отстрани партискиот клиентелизам и да се вгради поголема автономија кај јавната администрација.

Ова се главните препораки од четвртата и последна јавна дебата по работните верзии на Предлог законот за административни службеници, Предлог законот за вработените во јавниот сектор и Предлог законот за стручно усовршување и обука на административните службеници, организирана од Министерството за јавна администрација со матичната собраниска Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, под покровителство на Националниот демократски институт, во рамките на кампањата „Сите заедно за професионална и квалитетна јавна администрација“.

Министерот за јавна администрација Горан Минчев рече дека реформата на јавната администрација е централен приоритет на Владата, а фокусот е на создавање на потранспарентна јавна администрација.

-Нашата цел е да создадеме закони кои се применливи. Добиените препораки од јавните дебати беа и ќе бидат клучни за носење на новите закони за јавна администрација, посочи Минчев.

Реформата на јавната администрација, додаде, е клучен процес кој не вклучува сите нас. Нашата цел е до крајот на годинава да ги доставиме новите законски решенија.

-Со дебата ќе дојдеме до предлог законски решенија кои се применливи. Ќе ги слушнеме сите предлози и ќе ги имплементираме во рамките на нашите законски надлежности. Сепак, не можеме да ги исполниме желбите на сите, но сакаме да дојдеме до решенија кои се поприфатливи, рече Минчев.

Професорот Борче Давитковски укажа дека при конечната верзија на законите треба да се земат во предвид двете одлуки на Уставниот суд, едната за статусот на вработените во високото образование, а втората за балансерот. Би било добро, како што рече, да се земе во предвид и принципот на поделба на власта.

-Треба конечно да се донесат овие закони за да не добиеме негативни реперкусии од ЕУ, истакна Давитковски.

Претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) Слободан Трендафилов порача дека имаат забелешки за законските решенија во делот на платите, колективните договори и правото на штрајк во јавниот сектор.

-Законот треба да биде во интерес на вработените кои ќе работат во јавната администрација. Во делот на платите, загрижува што во пресметката во новото законско решение дури и се намалени во однос на сегашните пресметани по постојното законско решение. Загрижени сме што е изземена минималната плата. Треба работниците да добијат плата со коефициенти со просечната плата како функционерите. Бараме во платите да биде предвиден и трошокот за превоз, рече Трендафилов.

Во делот на колективните договори, како што кажа, главна забелешка е платите да бидат утврдени преку колективните договори. Во делот на штрајкот, додаде, не треба да има ограничување на правото на штрајк на вработените во јавниот сектор освен за вработените во специјалните институции, како што се полицијата и одбраната.

Трпе Деаноски од УПОЗ, пак, посочи дека треба да се додаде во законските решенија и дел за унапредување на вработените во јавните институции.

-Треба да се стави ред и во делот на прераспределба на вработените. Во делот на платите сметам дека имаме колективен договор и треба само да се прилагоди во делот на коефициентите, рече Деаноски.

Благоја Ралповски од Конфедерацијата на слободни синдикати посочи дека при пресметката на платата треба да се земат во предвид и коефициентите на сложеност на работното место и образованието на вработените за да не ни се случува вработени со различно образование да имаат исти плати како што е во сегашното законско решение.

Светска метеоролошка организација: Стакленичките гасови лани достигнаа ново рекордно ниво

Во 2023 година регистрирана е рекордна концентрацијата на стакленички гасови во атмосферата, што неизбежно ќе доведе до зголемување на температурата следните години, соопшти Агенцијата на ОН, Светска метеоролошка организација.

Според податоците на Светската метеоролошка организација, нивото на трите главни стакленички гасови – јаглерод диоксид, метан и азот оксид, кои придонесуваат за глобалното затоплување, повторно се зголемија минатата година. Јаглерод диоксидот се акумулира побрзо од кога било во атмосферата, зголемувајќи се за повеќе од 10 проценти за две децении.

- Уште една година. Уште еден рекорд. Ова треба да биде повик за будење за носителите на одлуки. Очигледно заостануваме зад целта на Парискиот договор за климата од 2015 година, изјави генералната секретарка на Светската метеоролошка организација, Селест Сауло.

Таа додаде дека глобалните температури на копно и море во 2023 година беа највисоки забележани од 1850 година.

Земјите се согласија да го ограничат глобалното затоплување на помалку од два степени над прединдустриските нивоа, дури и до 1,5 степени ако е можно.

- Сè додека продолжуваат емисиите, стакленички гасови ќе продолжат да се акумулираат во атмосферата, зголемувајќи ги температурите, се наведува во извештајот на Светска метеоролошка организација.

Годишниот извештај на Светската метеоролошка организација за стакленички гасови е објавен во пресрет на КОП29 – следниот Самит на ОН за климата, што ќе се одржи од 11 до 22 ноември во Баку.

притисни ентер