Ѓоковиќ најави дека тој и Надал нема да играат уште долго

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ е свесен дека полека завршува една ера во светскиот тенис и дека тој и Рафаел Надал нема да можат уште долго да се справуваат со многу помладите играчи.

Првиот тенисер на АТП листата дури истакна дека верува дека двајцата заедно со Енди Мареј и Роџер Федерер го имале најголемото ривалство во историјата на овој спорт.

- Рафаел Надал и Роџер Федерер, заедно со Енди Мареј, беа нераскинлив дел од мојот развој како играч и се што постигнав. Ривалствата со нив се заслужни многу за тоа. Сите знаеме дека тие моменти ќе дојдат за сите нас. Роџер ја заврши кариерата, јас и Рафа нема да играме уште долго, завршува една ера и тоа е тажно, рече Ѓоковиќ.

Рафаел Надал требаше да настапи на Мастерсот во Индијан Велс, каде Новак Ѓоковиќ во сабота ќе ги одмери силите против Александар Вукиќ од Австралија, но мораше да се повлече непосредно пред почетокот на турнирот.

- Тажно е што Рафа мораше да се повлече. Патувавме заедно во САД. Не беше планирано, но беше убаво да се видат неговото семејство и него. Знам дека дојде рано бидејќи сакаше да се прилагоди на временската зона, да тренира што е можно повеќе и да се подготви. Даде се од себе, но не беше судено, заклучи Ѓоковиќ. /МИА

Конгрес на хотелиери на Хрватска: Хрватска поскапа од Албанија за 52 отсто

Туризмот сочинува една петтина од економијата на Хрватска, а зад нас имаме успешна туристичка година, како што покажуваат бројките. 

Подобро беа исполнети сместувачките капацитети кои се поквалитетни. Хотелите со 5 ѕвезди биле пополнети за 96,5 отсто во средината на август, а хотелите со 4 ѕвезди за 92,5 отсто, изјави Вељко Остојиќ, директор на Хрватското туристичко здружение на 26-от Конгрес на хотелиери.

Тој наведува дека глобалната геополитичка ситуација ни носи одредена доза на неизвесност, имајќи предвид дека економските движења, вели, не се најдобри, особено во Германија и затоа е исклучително важно да се зајакне инвестицискиот циклус во хотелиерството и поттикнување на работата на локалното население и обезбедување побрзо добивање работни дозволи за странски работници.

Министерот за туризам и спорт, Тончи Главина, признава дека не било лесно во претходната сезона и дека претстојат тешки години, јавија хрватските медиуми.

„Во 2025 година очекуваме раст и завршување на неколку големи инвестиции, пред се во хотелиерството“, рече Главина, наведувајќи дека досега има најголем бран инвестиции во туризмот.

Директорот на Хрватскиот туристички одбор, Кристјан Станичиќ, рече дека во 2025 година гостите сакаат пред се вредност за парите.

„До крајот на годината може да очекуваме околу 21 милион туристи и, според предвидувањата, околу 15 милијарди евра приход од странски туристи, додека за 2025 година треба да размислиме за цените, бидејќи доколку се придружени со квалитет, нема да има проблеми, но ако не, ќе има бариера. Истражувањата покажаа дека во 2024 година бевме малку поскапи од Грција и Шпанија, како и дека околу 80 отсто од Европејците ги менуваат своите навики за патување поради климата, безбедноста и цените“.

„Ако ја споредиме Хрватска со другите земји, ќе видиме дека во август цените во Германија биле за 5 отсто повисоки од овде, во Франција за 9 отсто, а во Италија за 1 отсто“, додава Станичиќ.

Од друга страна, наведува дека цените во Португалија биле за 28 отсто пониски од хрватските, во Шпанија за 21 отсто, а Грција имала 17 отсто пониски цени од Хрватска.

„Албанија понуди 52 отсто пониски цени од цените што Германците ги сретнаа овде во екот на сезоната“, рече Станичиќ.

Објавени лауреатите на државната награда „Св. Климент Охридски“ за 2024 година

Државната награда „Св. Климент Охридски“ е  највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на човековата околина.

Државната награда „Св. Климент Охридски“ за 2024 година во областа на воспитанието и образованието ќе ја добие универзитетската професорка Маја Бојаџиевска, а во областа на културата и уметноста - писателот Милован Стефановски, сликарот Мирослав Масин и актерот Рефет Абази.

Како што соопшти Министерството за култура, Одборот за доделување на државната награда „Св. Климент Охридски“, под претседателство на Томислав Османли, ја донел одлуката за годинашните лауреати на кои признанието ќе им биде врачено на 8 декември напладне во Собранието на Република Македонија.

-Државната награда „Св. Климент Охридски“ е највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност од јавен интерес на Република Македонија, наведува Министерството за култура.

Над седум милиони Американци ќе можат да добијат бесплатни лекови за прекумерна тежина

Достапните здравствено осигурувања во САД, „Медикеар“ и „Медикејд“, од наскоро ќе опфаќаат и бесплатни лекови против зголемена телесна тежина, јавија синоќа од Белата куќа.

Осигурувањето ќе покрива лекови чија цена надминва 1.000 долари.

-Овој предлог ќе им овозможи на Американците и нивните лекари да одредат најдобар начин за прогрес во водењето поздрав начин на живот, без да се грижат за можноста да сносат трошоци за вакви лекови. Истовремено ќе се намалат трошоците за здравство во нашата земја, се наведува во изјавата на претседателот Џо Бајден.

Во документот не се прецизираат лековите што ќе ги покрива осигурувањето, ниту за кого точно ќе бидат достапни. Исто така, не е познато дали Бајден ќе успее да го одобри новото правило пред да замине од функцијата во јануари 2025 година.

Моментално, цената на лековите против дебелина, како што се Wegovy и Zepbound, изнесува околу 1.350 долари за четиринеделен третман. Само неколку приватни осигурителни компании делумно ја покриваат нивната цена. Новото правило ќе ги направи овие лекови достапни за милиони Американци.

-Според проценките, 42 отсто од населението во САД страда од дебелина, која сега е широко призната како хронична болест со зголемен ризик од смртност и бројни придружни болести, како што се дијабетис, кардиоваскуларни заболувања, мозочен удар, некои видови рак и многу други, се вели во изјавата на Белата куќа. Се истакнува дека лековите не само што помагаат во губење на прекумерна тежина, туку и во спречување на развој на дијабетес од втор тип.

Во моментов, програмите Medicare и Medicaid покриваат користење на лекови против дебелина за лица кои имаат дијабетес. Новото правило ќе го прошири бројот на луѓе на кои лекарите ќе можат да им препишуваат овие лекови. Ова се однесува на 3,4 милиони корисници на програмата Medicare и 4 милиони на програмата Medicaid.

Белата куќа, исто така, потсети на спроведувањето на сеопфатната програма за намалување на цената на лековите, со старт на примена од 2025 година. Во изјавата се споменува дека, според Министерството за здравство и социјални услуги (HHS), лековите против дебелина се многу поскапи во САД отколку во странство.

притисни ентер