Мицкоски:Ни треба деполитизирана администрација, каде клучни ќе бидат стручноста и посветеноста

Јавна администрација што нема да биде само сервис за граѓаните, туку и партнер во градењето на идните мерки и чекори. 

Нашата визија е јасна, сакаме јавна администрација којашто ќе биде пример за ефикасност, транспарентност и отчетност, истакна премиерот Христијан Мицкоски на отворањето на годишната министерска конференција на Регионалното училиште за јавна администрација. Конференцијата е посветена на темата „Идна генерација на управување и иновации во јавната администрација“.

- Јавна администрација што нема да биде само сервис за граѓаните, туку и партнер во градењето на идните мерки и чекори. Зборуваме за една важна тема, што со годините многу малку била предмет на студиозна анализа, ниту пак на еден професионален пристап, а тоа е администрацијата и мерките што треба да се преземат за поголем квалитет на услугите, но и иновациите како важен предизвик на тој план, рече Мицкоски.

Истакна дека ова е тема којашто не само што го одредува квалитетот на услугите што ги добиваат граѓаните, туку и го обликува лицето на државата.

- Во изминатиот период, сите сме сведоци на предизвиците со кои се соочува администрацијата. Бавни процеси, недостаток на дигитализација, понекогаш и недоволна транспарентност. Но и партизацијата која е отворен проблем, исто како и недоволната компетентност визави приватниот сектор. Овие проблеми не можеме да ги игнорираме – тие се реални и за нив треба да се најдат решенија, нагласи премиерот.

Притоа се осврна и на целите и на важноста на реформите. Зборувајќи за дигитализација на услугите, рече дека ќе се обезбеди што е можно повеќе услуги да бидат достапни онлајн, со еден клик за да се намали времето за чекање и зголеми задоволството на корисниците.

Мицкоски говореше и за ефикасноста и професионалноста, како и за транспарентноста и отчетноста, намалувањето на бирократијата, вреднувањето на трудот како поставени цели.

- Се залагам за деполитизирана администрација, каде клучни ќе бидат стручноста и посветеноста. Ќе ги зајакнеме механизмите за надзор и отчетност. Секој граѓанин има право да знае како и каде се трошат јавните средства. Администрацијата треба да биде партнер, а не пречка за граѓаните и бизнисите. Работиме за поедноставување на процедурите и намалување на непотребните документи. Потребен е систем за наградување на оние што работат вредно и чесно, за да ги мотивираме сите вработени во администрацијата да се стремат кон извонредност, подвлече премиерот.

Реформите, како што посочи, не се само за подобрување на услугите, туку и за враќање на довербата.

Бугарскиот патријарх Даниил изрази сочувство за упокојувањето на митрополитот Тимотеј

Бугарскиот патријарх Даниил изрази сочувство за упокојувањето на митрополитот Дебарско-кичевскиот Тимотеј.

Бугарскиот патријарх и митрополит Софиски Даниил му изрази сочувство на поглаварот на Македонската православна Црква - Охридска архиепископија г.г. Стефан за упокојувањето на на митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј, се наведува во соопштението, објавено на веб страницата на Бугарската патријаршија, јави БТА.

- Ваше Блаженство, со болка и тага ја примивме тажната вест за упокојувањето во Господа на мошне вредниот за нашите срца и возљубен брат митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј. Ќе го паметиме како извонреден епископ и добар пријател на светата Бугарската православна црква, кој годинава ја почести со своето присуство како на опелото на нашиот блажен претходник бугарскиот патријарх и Софиски митрополит Неофит, како и за мојот избор и устоличувањето на крајот на јуни. Ќе го паметиме по неговата благочестивост и посветеност на делото и мисијата на светата Христова Црква, на која тој го посвети целиот свој живот. Во овие тешки мигови за Вас и за целата Православна црква на Северна Македонија, изразуваме искрено сочувство за привремената разделба со нашиот укопоен брат, се наведува во телеграмата за сочувство на патријархот Даниил.

Во телеграмата се наведува дека упатуваат сесрдни молитви за упокоениот владика Тимотеј.

-Сесрдно го молиме Себлагиот Бог, Кој „не е Бог на мртвите, туку на живите, зашто во Него сите се живи“ (Лука 20, 38), да го упокои Својот верен слуга, новопреставениот владика Тимотеј, да му го прости, како Благ и Човекољубец, секое волно и неволно прегрешение и да го прими во лоното на праведниците – таму каде што грее светлината на Божјото лице. Господ да го прости и упокои во Своето Царство Високопреосвештениот Дебарско-кичевски митрополит Тимотеј, дарувајќи го му Своето вечно спасение, а нас да нè помилува! Го прегрнуваме Ваше Блаженство со братска љубов во Христа, се наведува во сочувството на патријархот Даниил изразено до архиепископот Стефан.

Дебарско-кичевскиот Митрополит Тимотеј ќе биде погребан во четврток на 28 ноевмри на Плаошкиот манастир во Охрид, одлучи Светиот архијерејски синод (САС) на Македонската Православна Црква. Заупокоената Света Литургија и Опелото ќе бидат извршени во четврток во храмот „Св. Софија“ во Охрид, со почеток во 9 часот. Погребението ќе биде извршено до јужната апсида на Плаошкиот манастир во Охрид.

САС на МПЦ-ОА завчера соопшти дека по кратко боледување, се упокои во Господа Неговото Високопреосвештенство, митрополит Дебарско-кичевски и администратор Австралиско-сиднејски Тимотеј.

Главчев: Политичките сили да постигнат консензус и да се фокусираат на проблемите на граѓаните

Сите очекуваме политичките сили да постигнат консензус, да формираат мнозинство и редовна влада и да започнат да се занимаваат со проблемите кои ги засегаат бугарските граѓани. 

Ова го изјави техничкиот премиер на Бугарија Димитар Главчев на почетокот на денешната владина седница.

- Денеска е 27 ноември, точно еден месец од последните вонредни парламентарни избори, а сè уште сме на првата седница на Народното собрание, истакна Главчев.

- Да не ги префрлаат проблемите од 'болната глава на здрава', да престанат да се занимаваат со привремената влада и да ги прекинат шпекулациите. Ако се фокусираат на решавање на проблемите на граѓаните, нема да им остане време за шпекулации, додаде привремениот премиер.

Главчев увери дека привремената влада ќе продолжи со својата работа, пренесува БТА.

„Позитивни сигнали за нашата работа дојдоа од далечни места како Сингапур и Виетнам. Таму претседателот изјави дека зад привремената влада не стои политичка волја. Каква подобра оценка може да има за привремена влада?“ рече тој и ги отфрли тврдењата за политички влијанија како шпекулации.

- Фактот што министри се дел од претседателската делегација е потврда за работата на оваа влада, заклучи Главчев. /МИА

Претрес во Ново Село, пронајдена дрога

Во струмичко Ново Село на 25.11.2024 во 23.20 часот полициски службеници од СВР Струмица го лишиле од слобода А.Љ.(26) од село Ново Село.

При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, како што соопштија денеска од МВР, биле пронајдени марихуана и една дигитална вага.

- Лицето било задржано во Полициската станица Струмица, за настанот бил запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица и по целосно документирање на случајот против А.Љ. ќе биде поднесена соодветна пријава, се наведува во соопштението.

притисни ентер