Герасимовски: 100 семејства добија по 7.000 денари за новороденче, децата се нашето богатство

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски денеска лично им врачи решенија за еднократна парична помош на 100 семејства кои имаат новороденче. 

Еднократната парична помош којашто редовно Општина Центар ја доделува е во висина од 7.000 денари.

Герасимовски потенцираше дека Општина Центар вложува многу во растот и развојот на децата.

„Децата се нашето богатство и наша иднина, затоа и јас како градоначалник и ние како општина вложуваме многу во нивниот раст и развој. Посветуваме посебно внимание во нивен квалитетен развој, но и во поминување на нивните школски денови. Ги подобруваме условите со цел да им овозможиме достоинствен престој во градинките и во основните училишта. Упатувам благодарност до општествено одговорните компании за соработката. Радувајте се секојдневно на вашите најмали, затоа што они се и нашата светла иднина“, рече Герасимовски.

Покрај финансиските средства, новите родители добија и пакет педијатриски производи и услуги од општествено одговорните компании Жан Митрев, Mollers, Веледа, Хип, Европа лек фарма и Би-МЕК.

Општина Центар продолжува да инвестира и да се грижи за најмладите.

Уапсен германски лекар кој убил осум пациенти

 Докрот кој беше уапсен во август во Берлин, сега е осомничен дека убил осум пациенти, а во некои случаи се обидел да ги прикрие доказите со палење пожари, соопштија денеска германските истражители.

Неидентификуваниот лекар, кој бил дел од тимот за палијативна нега, во моментот на апсењето бил осомничен дека убил четворица постари пациенти во јуни и јули, а потоа со помалку или повеќе успех се обидел да ги запали нивните станови.

Полицијата и обвинителството денеска соопштија дека се појавиле дополнителни случаи кога ги прегледале досиејата на пациентите и извршиле форензички прегледи на жртви, од кои две биле ексхумирани.

Во првиот случај тој е осомничен дека во јануари на 70-годишникот му дал смртоносна мешавина на лекови. Во сличен случај на почетокот на април, жртвата била 61-годишна жена. Неколку недели подоцна, тој убил 83-годишен маж во својата соба во хоспис во Берлин со мешавина на лекови. Во четвртиот случај во јуни убил 70-годишна жена во нејзиниот стан, а потоа го запалил. Пожарникарите успеале да спречат пожарот да се прошири на останатиот дел од зградата.

Четириесет-годишниот лекар првично беше уапсен поради сомнение за убиство од небрежност, подметнување пожар и обид за подметнување пожар. Обвинителите рекоа дека сега ги третираат случаите како убиства бидејќи се чини дека осомничениот немал друг мотив освен да ги убие пациентите.

Името на осомничениот не е објавено, во согласност со германските правила за приватност. Обвинителите велат дека тој засега се брани со молчење. /МИА

ЕП бара повторување на изборите во Грузија и санкции против политичките лидери

Пратениците на Европскиот парламент ги отфрлија резултатите од неодамна одржаните парламентарни избори во Грузија, поради, како што наведоа, значителни нерегуларности и повикаа тие повторно да се одржат во рок од една година.

Европскиот парламент денеска усвои резолуција со која се осудуваат парламентарните избори одржани на 26 октомври во Грузија, земја кандидат за членство во ЕУ, бидејќи „тие не се ниту слободни ниту фер“, се вели во соопштението на институцијата.

Тие, исто така, повикаа ЕУ да воведе санкции за официјални лица и политички лидери „одговорни за назадување на демократијата, кршење на изборните закони и стандарди и злоупотреба на државните институции“ и да ја ограничи официјалната комуникација со грузиската влада.

Ова првенствено се однесува на премиерот Иракли Кобахиџе, градоначалникот на Тбилиси и генералниот секретар на владејачката партија Грузиски сон Каха Каладзе, претседателот на грузискиот парламент Шалва Папуашвили и поранешниот премиер и олигарх Бидзин Иванишвили.

Тие сметаат дека владејачката партија Грузиски сон е директно одговорна за колапсот на демократијата во земјата. Тие додадоа дека резултатите што ги објави Централната изборна комисија не ја претставуваат волјата на грузискиот народ.

-Пратениците на Европскиот парламент ги осудуваат бројните и сериозни изборни прекршувања, вклучително и документирани случаи на заплашување гласачи, манипулација со гласовите, мешање во работата на набљудувачите и медиумите, додаваат тие.

Тие побараа повторување на изборите во рок од една година под „темелен меѓународен надзор“ што ќе ги организира независна изборна администрација.

Парламентот, исто така, остро го осуди „систематското мешање на Русија во демократските процеси во Грузија“.

Членовите на Европскиот парламент испратија строго предупредување до грузиските власти дека секој обид за забрана на легално формираните политички партии дополнително ќе ја отуѓи земјата од ЕУ и ќе ги спречи сите чекори кон пристапување во Унијата, се додава.

-Политиката што ја води Грузиски сон не е компатибилна со евроатлантските интеграции на Грузија, велат тие./МИА

Славески: Арсовска треба да сноси одговорност затоа што врши диверзија на градскит превоз

Собрав храброст, како некои што ми порачуваат да се обидеме да ги разјасниме работите околу ова што се случува со превозот во Град Скопје во континуитет.

Имено, уште веднаш ќе кажам дека градоначалникот Арсовска треба да сноси одговорност затоа што врши диверзија во една витална дејност, како што е јавниот градски превоз.

Имено, по оној кикс што беше направен, каде што Владата мораше да прогласи вонредна состојба и да го снабди ЈСП со гориво од државните резерви, таа во моментов, во континуитет ги подбуцнува приватните превозници да прават проблеми во јавниот градски превоз.

Само да нагласам, односно да потсетам дека пред 2 години, вие сте сведоци, кога приватните превозници, тогашните претпријатија штрајкуваа, изразуваа знаци на револт, таа им ги раскина договорите и започна постапка за избор на нови даватели на услуги. А сега, напротив, иако веќе 4 и 5 месеци со ред приватните превозници не се држат до договорите потпишани пред година ипол, а важат до мај 2025 година, таа ги толерира и ова го прави, нагласувам, во вонредна состојба во Јавниот градски превоз. Не знам колку е свесна таа, а колку се свесни приватните превозници.

Да почнеме со ред, нели има барања за зголемување на тарифата од страна на приватните сопственици за којашто сте информирани и, нели, приватни субјекти до Совет на Град Скопје не може да се обраќаат? Тоа беше направено во вторникот, нели, во доцните попладневни часови преку иницијатива на член на Советот, Горан Арсов. Јас таа иницијатива ја добив. Во 15:30 секако не можев веднаш да ја препратам, затоа што беше крај на работно време, до градоначалник. Наредниот ден, односно вчера, имавме седница на совет и тоа го направив по завршување на, нели, седница на Совет.

Интересно е што, и да ја разберете мојата положба како претседател на Совет и поставеноста, некој манипулираа, односно, имаа пристап до мојата пошта. Иницијативата е доставена до претседател на совет на Град Скопје и пред јас да побарам мислење од градоначалник. Градоначалник дава некое мислење за коешто сте информирани уште во текот на седницата на совет, во коешто воопшто тоа не е мислење, туку повторно кажува советниците треба да донесат одлука за зголемување на цената по изминат километар за приватните превозници. Тоа не оди така. Јас кон крајот на работното време доставив, нели, барање за мислење и тоа барање по четири точки.

Прво, дали градоначалникот поддржува зголемување на цената по изминат километар за приватните превозници?

Второ, ако поддржува да достави предлог одлука со конкретни параметри, процент на зголемување и да даде образложение.

Трето, како тоа зголемување на тарифата за приватните превозници коишто знаете се интегрирани во системот на јавен превоз ЈСП ги наплаќа, односно, ги прибира парите од продадените билети, месечни билети итн. И со одлука или според одлука на совет поднесена во 2017 година во февруари им исплаќа на приватните превозници.

Прашањето беше, како ова ќе се одрази на приходите на ЈСП?

Четврто, затоа што ќе има намалување на приходите, кој е предлогот на Арсовска како, ќе се надоместат тие изгубени приходи, дали преку зголемување на услугите што ги добиваат граѓаните од ЈСП или дополнителни субвенции?

Тоа беше барањето. На тоа барање нема мислење. Во оној момент кога Арсовска ќе обезбеди мислење, односно, ќе даде до совет предлог одлука ние ќе ја ставиме на седница на совет.

Сега ве молам, Мартин дајте ми го материјалот, што бараме ние од Арсовска? Бараме да достави материјал, како што тогашниот градоначалник Коце Трајановски во 2017 година во февруари на 17 страници. Значи, тоа е овој материјал на 17 страници, доставува до Совет предлог одлука за утврдување на вредност на надоместок за извршени услуги во линискиот превоз на патници по критериумот, остварен километар.

И тука има формули, цени на гориво итн. И оваа одлука е сè уште во сила. Значи, не може со манипулации, од типот, охрабри се Трајко и слични фрази, Совет на град Скопје да одлучува за нешто за што нема мислење од стручните служби на Град Скопје. Вие го знаете составот на советот, кој од нас ги има овие параметри, кој од нас ги има овие стручни мислења, коишто се изработени од екс-стручњаци, како што разбрав.

Разговарав со тогашната претседателка на Совет, Ирена Мишева да се дојде до овој материјал. Се работело со месеци каде што имало претставници на Совет, имало претставници на кабинетот на градоначалникот, од секторот за сообраќај, експерти за сообраќај и така натаму. Значи, во оној момент, во којшто ние ќе добиеме предлог одлука од овој вид на 17 страници, нека не е на 17 страници, ние сме подготвени да ја ставиме на дневен ред. Сето друго е манипулација.

Уште една порака сакам да упатам до приватните превозници. Јас комуницирам со нив затоа што ми се обраќаат. Немојте да наседнувате на манипулациите на Арсовска, таа е непредвидлива жена. Може да го направи истото што го направи со вашите претходници од пред две години, кога им ги укина лиценците, може да останете на улица, може да останете без леб. И нешто друго, порака до Арсовска и до Владата на Македонија, доколку оваа состојба ескалира заради инаетот на Арсовска, Влада на Република Македонија, затоа што е прогласена вонредна состојба, има мерки, има инструменти да го реши овој проблем. Со тоа што ќе им даде на сите до знаење, дека кога станува збор за една витална дејност, не може да се поигрува со граѓаните и нивните судбини и нивната можност да стигнат до работно место, да стигнат до училиште итн, рече Трајко Славески, претседател на Совет на Град Скопје.

притисни ентер