Европската комисија ја казни француска модна куќа „Пјер Карден“ и нејзиниот главен бренд во Европа, „Алерс“ со вкупно над 5,7 милиони евра поради прекршување на антимонополските правила на ЕУ со тоа што ја ограничувале продажбата на облека во странство или на одредени клиенти.
Казната е изречена врз основа на истрагата на Комисијата кој утврдила дека во периодот помеѓу 2008 и 2021 година „Пјер Карден“ и „Алерс“ склучувале договори и применувале практики за незаконска заштита на своите производи од конкуренцијата во европските земји, со што ги прекршиле член 101 од Договорот за функционирањето на Европската унија и член 53 од Спогодбата за Европската економска област.
Комисијата утврдила дека таквите „антиконкурентски договори и усогласени практики“ имале за цел да ги оневозможат другите носители на лиценца на „Пјер Карден“ да продаваат облека од овој моден бренд, и офлајн и онлајн, надвор од териториите на кои се однесуваат лиценците или пак да ја нудат облеката по пониски цени.
- Крајната цел на таквата координација помеѓу „Пјер Карден“ и „Алерс“ била да се обезбеди апсолутна заштита на „Алерс“ во земјите опфатени со нејзините договори за лиценцирање со „Пјер Карден“, се додава во образложението.
Овие незаконски практики ги спречувале трговците на мало да можат слободно да набавуваат производи во земјите членки по пониски цени и довеле до вештачки поделби на внатрешниот пазар на ЕУ.
Согласно одлуката, „Пјер Карден“ е казнет со 2,237 милиони евра, а „Алерс“ со 3,5 милиоми или се вкупно 5,737 милиони.