Француската војска ги напушта Брегот на Слоновата Коска и Сенегал

Брегот на Слоновата Коска објави дека француските трупи ќе се повлечат од западноафриканската земја, што дополнително ќе го намали военото влијание на поранешната колонијална сила во регионот.

Во новогодишното обраќање, претседателот на Брегот на Слоновата Коска, Аласан Уатара рече дека овој потег ја одразува модернизацијата на вооружените сили на земјата, пренесува Би-Би-Си.

Одделно, Сенегал, кој минатиот месец објави дека Франција ќе мора да ги затвори своите воени бази на нејзина територија, потврди дека повлекувањето ќе биде завршено до крајот на 2025 година.

Брегот на Слоновата Коска моментално е дом на најголемиот преостанат контингент француски трупи во Западна Африка.

Во земјата има околу 600 француски војници, додека во Сенегал има околу 350. „Заеднички одлучивме да ги повлечеме француските сили од Брегот на Слоновата Коска“, изјави претседателот Уатара.

Тој додаде дека воениот пешадиски баталјон во Порт Буе, со кој управува француската армија, ќе биде предаден на силите на Брегот на Слоновата Коска.

Франција, чие колонијално владеење во Западна Африка заврши во 1960-тите, веќе ги повлече своите трупи од Мали, Буркина Фасо и Нигер по воените удари во тие земји и зголеменото антифранцуско расположение.

Владата на ЧАД - клучен западен сојузник во борбата против исламските милитанти во регионот - ненадејно го раскина договорот за одбранбена соработка со Франција во ноември.

Сенегалскиот претседател Басиру Диумаје Феј рече дека тие бараат нова доктрина. „Му наложив на министерот за вооружени сили да предложи нова доктрина за одбранбена и безбедносна соработка, која меѓу другото ќе вклучува и крај на сето странско воено присуство во Сенегал од 2025 година“, рече тој.

Феј беше избран во март со ветување дека ќе го обезбеди суверенитетот на земјата и ќе стави крај на нејзината зависност од странски сили.

Франција ќе одржи помало воено присуство во Габон.

Воените лидери на Нигер, Мали и Буркина Фасо се приближија до Русија откако ги протераа француските војници од нивните земји. Русија потоа распореди платеници низ Сахел за да помогнат во борбата против џихадистичките бунтовници.

Постојат индикации дека Франција сега има помалку од 2.000 војници во Џибути и Габон, дознава Би-Би-Си, а политичките аналитичари веруваат дека Франција се обидува да го ревитализира своето опаѓачко политичко и воено влијание во Африка.

Поранешната колонијална сила сега се чини дека развива нова воена стратегија за намалување на воените врски - потег што значително би го намалил постојаното присуство на војници на континентот.

Повеќе од три децении по стекнувањето независност од Франција, Брегот на Слоновата Коска бил познат по верска и етничка хармонија и развиена економија.

Западноафриканската земја беше поздравена како модел на стабилност. Но, вооружениот бунт од 2002 година ја подели нацијата на два дела. Мировните договори се менуваа со ново насилство додека земјата полека се движеше кон политичко решение на конфликтот.

И покрај нестабилноста, Брегот на Слоновата Коска е најголемиот светски извозник на зрна какао, а неговите граѓани уживаат релативно висок животен стандард во споредба со другите земји во регионот.

Чех под дејство на дрога си го отсекол полниот орган, хирурзите му направиле нов

Лекарите од Чешка ги преобликувале гениталиите на 31-годишен маж откако под дејство на дрога си ги отсекол пенисот и двете уши. 

На улица бил пронајден со смрзнатини, по што бил хоспитализиран во психијатриска болница, пренесува чешкиот портал Иднес.

По неколкумесечно закрепнување, лекарите извршиле пластична операција под водство на хирургот Адам Бајус. „Одвоивме парче ткиво од подлактицата, го обликувавме во форма на гениталиите и уретрата и ги поврзавме ситните крвни садови и нервите под микроскоп“, објасни Бајус.

"Акутната употреба на дрога ја наруши способноста на пациентот да се контролира и да донесува одлуки. Тој не знаеше што прави во тоа време, но сега живее релативно нормален живот", додаде психијатарот Јакуб Албрехт.

„Лекцијата е јасна, никогаш не знаеш што ќе ти направи дрогата и никогаш не знаеш што точно има во купеното. Не можеме сѐ да забраниме, но важна е превенцијата“, заклучил психијатарот. Пациентот наводно бил под дејство на марихуана и кратом, јави Прага радио.

За напаѓачот на божикниот базар во Магдебург претходно се воделе 7 истражни постапки

Осомничениот за нападот со автомобил на божиќниот базар во германскиот град Магдебург бил под седум истражни постапки во рок од две години пред нападот, објави германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.

Според информациите што ги провери ДПА, тој во пет случаи бил обвинител, а во два обвинет, пренесе Индекс.

Неколку дена пред Божиќ, мажот, идентификуван само како Талеб А. според германските закони за приватност, возел автомобил низ божиќниот базар во Магдебург, убивајќи пет лица и ранил речиси 300. Тој е во притвор.

Од 2020 година, Талеб А. работел како лекар во психијатриска болница во Бернбург, каде лекувал зависници од дрога кои извршиле кривични дела.

Во една од истражните постапки Талеб А. се заканувал на адвокатот кој своевремено го застапувал, како и на семејството на адвокатот и на вработените во канцеларијата. Полицијата го посетила на работното место на 4 октомври 2024 година за да го предупреди дека е под надзор.

Полицијата не ја открива причината за посетата на управата на болницата, изјави за dpa портпаролката на Салус, компанијата која управува со болницата.

На полицијата не ѝ е дозволено да споделува лични податоци со јавни и нејавни органи заради спречување на кривични дела.

Како одговор на истрагата, регионалното биро за криминал изјави дека нема индикации дека „преносот на податоци може да спречи опасност во околината на работодавачот“, што значи дека не биле исполнети условите за споделување податоци.

Менаџерка на Луфтханза е брутално убиена пред 3- годипниот син- сопругот ја избодел во ходникот

Менаџерката на „Луфтханза“, Стефани В. (38) била брутално убиена пред очите на нејзиното дете (3), а за убиството е осомничен нејзиниот сопруг Дерек В.

Бруталното злосторство се случило во станбена зграда во Хамбург во четвртокот вечерта, а според известувањето, Дерек ја избодел сопругата во ходникот на зградата.

Оние кои ја познавале брачната двојка велат дека „однадвор“ сѐ изгледало идеално. Пријателите и роднините велат дека парот добро се сложувал и биле прекрасни родители на нивниот тригодишен син. Сепак, нешто тргнало наопаку во четвртокот навечер.

Околу 20 часот и 30 минути Стефани и Дерек се скарале во нивниот луксузен стан. Стефани во еден момент го напуштила станот, а нејзиниот сопруг тргнал по неа. Таму во ходникот од зградата три пати ја избодел со нож. Таа успеала да стигне до лифтот и таму се струполила.

„Соседите слушнале врисоци, ја нашле жртвата во зградата и повикале брза помош. Осомничениот со детето побегнал од местото на злосторството“, соопшти полицијата.

Несреќната Стефани истрчала кон лифтот, а според Билд, тригодишното момче до последен момент ја гледало мајка му како се бори за живот. Медиумите пишуваат дека Дерек го зел детето по злосторството и побегнал во станот на мајка си во друг дел од градот. Наводно мајката повикала полиција околу 22 часот.

Кога пристигнала патролата, Дерек излегувал од станот. Веднаш бил уапсен, а според информациите не дал отпор. Момчето итно било пренесено во болница, при што било констатирано дека не се здобило со никакви физички повреди.

Истрагата на местото на убиството траела до раните утрински часови, а на полицијата се уште не ѝ е јасно зошто Дерек ја избодел сопругата.

Како што пишува Билд, оние кои ја познавале двојката тврдат дека не слушнале ништо лошо за нив, ниту дека се зборувало за нивно несогласување или развод.

"Нашите семејства редовно се собираа. Неодамна бевме сите заедно со децата, среќни, одлично си поминавме. Во шок сум", рекол пријател на семејството.

Осомничениот е германско-американски државјанин. Според медиумите, тој претходно живеел со своите родители во Кина, Јужна Африка и бројни европски земји. До неодамна бил директор во голема софтверска компанија.

Се вели дека Стефани била успешна жена, на менаџерска позиција во Луфтханза.

притисни ентер