Во Шкотска за седум години се родени 1.500 бебиња со зависност од дрога или алкохол

Во последните седум години, повеќе од 1.500 бебиња се родени во Шкотска со зависност од дрога или алкохол, покажуваат официјалните податоци.

Најмалку 1.501 дете се родени со синдром на неонатална апстиненција (НАС) помеѓу април 2017 година и октомври 2024 година.

Опозициската Либерално-демократска партија соопшти дека податоците од здравствените одбори во земјата покажуваат дека околу 200 бебиња се раѓаат секоја година со синдром на неонатална апстиненција, што е знак дека нивните мајки земале дроги кои предизвикуваат зависност или злоупотребувале алкохол за време на бременоста.

Симптомите може да започнат во рок од неколку дена по раѓањето и вклучуваат неконтролирано тресење, гадење, слабо зголемување на телесната тежина и континуирано, силно плачење, пишува Гардијан.

Лидерот на либералдемократите Алекс Кол-Хамилтон, кој ги доби бројките според Законот за слобода на информации, рече дека бројките ја покажуваат важноста на инвестирањето во локалните служби.

„Можеби нема полош почеток на животот за новороденото бебе од тоа да се роди како зависник од дрога... (Поранешната премиерка) Никола Старџен го скрати буџетот за лекување на зависност од дрога и алкохол, што значеше дека некои служби ги затворија вратите“, рече тој.

Кол-Хамилтон го повика премиерот Џон Свини да потроши повеќе за зависноста од дрога во новиот буџет или „да ризикува да ја изгуби поддршката“.

„Сегашниот буџет предложен од премиерот Џон Свини ризикува повторно да ја направи истата грешка. Не сакам да ги видам идните генерации како сè уште се борат со злоупотреба на дрога“, додаде тој.

На малцинската влада на Свини ѝ требаат гласовите на најмалку една опозициска партија за да го донесе буџетот. Шкотските лабуристи го поддржаа барањето на Кол-Хамилтон.

Зеленски: Украина има 980.000 војници во борба, ние ја имаме најголемата армија во Европа

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина има 980.000 вооружени луѓе кои се борат против Русија на сите фронтови и дека украинската армија е „најголема во Европа“.

„Киев Индипендент“ наведува дека Зеленски во таа проценка не ја земал предвид Русија, која пред речиси три години ја нападна Украина со повеќе од милион луѓе.

„Украина ја има најголемата војска во Европа. По нас доаѓа Франција, која има четири пати помалку војници. Ми се чини дека Французите имаат 200.000 војници, а ние 980.000“, посочи Зеленски./МИА

Алиев: Несреќата на авионот немаше да се случи доколку се почитуваа правилата

„Државата Азербејџан отсекогаш ги ценела активностите и херојството на своите синови и ќерки“, рече Алиев.

Претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев изјави денеска дека несреќата на авионот на „Азербејџан ерлајнс“ што на 25 декември се урна во близина на казахстанскиот град Актау, при обид за принудно слетување, кога загинаа 38 лица, немаше да се случи доколку се почитуваа сите правила на копнените служби, како и правилната координација меѓу вооружените сили и државните служби.

„Државата Азербејџан отсекогаш ги ценела активностите и херојството на своите синови и ќерки“, рече Алиев на средбата со семејствата на членовите на екипажот кои ги загубија животите и со преживеаните членови на екипажот на авионот.

Тој истакна дека и овојпат е оддадено признание за херојството на екипажот. /МИА

Земјотрес во близина на Скопје

Земјотресот е почувствуван во градот Скопје и северозападните делови на Републиката.

Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва 6 јануари 2025 година во 18 часот и 44 минути регистрираше земјотрес чиј епицентар се наоѓа 25 километри северозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда ML2.5.

Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во градот Скопје и северозападните делови на Републиката со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

Сеизмолошка опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје

притисни ентер