Дрвокрадци нападнале шумски полицајци во Велес

Основното јавно обвинителство Велес поведе постапка против три лица кои со употреба на сила и сериозни закани, спречиле три службени лица, припадници на шумската полиција, во вршење на нивните службени задачи. 

Како што информираат од Јавното обвинителство, инцидентот се случил на 27 декември во близина на Ветерско, кај поранешните лозја на агрокомбинатот „Лозар“ – Велес.

-Тројцата соизвршители, на 27 декември, во близина на местото викано Ветерско кај поранешни лозја на агрокомбинатот “Лозар” – Велес, со употреба на сила и сериозна закана спречиле три службени лица, припадници на шумската полиција, во вршење на нивните службени задачи. Шумските полицајци ги затекнале тројцата осомничени со нивното возило со приколка во кое товареле нелегално пресечени дрва. Се обиделе да ги одземат дрвата и да ги приведат сторителите, но осомничените ги нападнале физички со нож. На двајца им нанеле телесни повреди, а на третиот припадник на шумската полиција му се заканиле, ставајќи му моторна пила под вратот, стои во соопштението од Обвинителството.

Надлежниот јавен обвинител до судот во Велес доставил предлог за определување мерка притвор за двајца осомничени, додека за еден побарал мерки на претпазливост. Тројцата се сомничат за сторено кривично дело – спречување службено лице во вршење службено дејствие.

Во адаптирано училиште во Кучково почнува со работа Регионалниот центар за деца

За неколку месеци во комплетно реновираното и адаптирано училиште во Кучково почнува со работа Регионалниот центар за деца кои го победиле ракот.

Во старото основно училиште во скопското село Кучково за неколку месеци повторно ќе се слушаат детски џагор и насмевки. Реконструираниот и комплетно реновиран и адаптиран објект и официјално ќе прерасне во Регионален центар за ресоцијализација и рехабилитација на деца кои ја поминале една од најтешките болести - канцерот.

Кучково го посетивме во ден облеан со зимско сонце и чист воздух. Објектот на училиштето кое е старо повеќе од сто години е веќе реконструиран и комплетно реновиран. Во завршна фаза е поставувањето на фасадата, останува партнерното уредување, а до пролет се очекува да биде опремен и со мебел. Има голема кујна, занимални каде ќе се одвиваат работилници и едукацијата, седум спални соби со комплетно опремени тоалети. Во секој момент во објектот можат да престојуваат по околу четириесетина деца.

Не пречекаа градоначалникот на скопската општина Ѓорче Петров Александар Стојкоски и претседателката на невладината организација САНО Марија Вук. Го разгледавме објектот и се уверивме дека оваа идеја, која со поддршка на Швајцарската влада, Општина Ѓорче Петров, Министерството за локална самоуправа и Скопскиот плански регион, се реализира според предвиденото.

Доцна напролет, како што е планирано, овде би можеле да престојуваат првите дечиња кои ќе уживаат во убавините на ова скопско поднебје, ќе се едуцираат и ќе се дружат со своите другарчиња.

-Тргнавме од една многу благородна идеја, од нешто што недостигаше во Република Македонија, па и во регионот генерално бидејќи ваков сличен центар да речам на територија од Атина до Љубљана нема во таква форма. Идејата е да биде центар за ресоцијализација, првенствено, на деца кои што победиле карцином. Понатаму може да вклучуваме и други категории, бидејќи проектот има цел и за задача да овозможи интеграција, ресоцијализација и повторно вклучување во нормалниот тек на животот на овие дечиња. Тука ќе им помогнат нивните другарчиња од училиштата, од други средини со нивните родители. Според динамиката на работа верувам дека некаде во доцна пролет ќе започнеме со работа овде конкретно и дека ќе можеме да ги примиме првите дечиња, вели градоначалникот Стојкоски.

Завршните работи околу градежните активности во неделите пред крајот на годинава се одвиваа со несмален интензитет. Останува партерното уредување на локалитетот и регулирањето на административно – управниот дел бидејќи, како што посочува тој, сепак вакво искуство досега немало.

-Сакаме да се вклучат сите засегнати страни во проектот и Министерство за здравство и труд и социјала, како и општината и невладината, сите да имаме свој дел во управувањето и во спроведувањето на активностите, вели градоначалникот Стојкоски.

Финансиската конструкција за обнова, реновирање и адаптација на целиот објект чинела околу 300 илјади евра, а дополнително се предвидени уште 500 илјади денари за купување мебел.

-Од целата финансиска рамка само дополнително предвидовме 500 илјади денари за доопремување на мебелот бидејќи реално немаше предвидено доволно средства на самиот почеток. Инаку, приближно околу 300 илјади евра е инвестицијата која што е од страна на швајцарската Влада и дополнително имавме и дел од Министерство за локална самоуправа и Општината Ѓорче Петров. И се движиме досега во рамките на таа сума и не излегуваме надвор во делот на градежништвото, во тие елементи, туку во делот на ова што го кажав набавка на опрема и најава дека ќе имаме дел донации во тој дел, така што мислам дека ќе испадне се како што треба. Ние сме спремни како општина и со последниот ребаланс ја додадовме сумата на пари која што недостасуваше со цел да се заврши успешно набавката која ја спроведува Скопскиот плански регион, вели градоначалникот.

На овој објект стар речиси сто години, додава тој, му даваме втор живот. - Тоа е симболиката на проектот со внесување на дечиња кои добиле шанса за втор живот, условно кажано, нагласува Стојкоски.

Одржливоста на Регионалниот центар ќе биде решена од страна на општината, која како што објаснува, ги покрива сите трошоци за општинските објекти како вода, струја, обезбедување, одржување на самиот објект...

-Од она што веќе сум го разговарал досега со претставници од ресорните министерства кои се засегнати – тоа се три министерства, мислам дека ќе постои воља и од нивна страна да направиме една програма на национално ниво која што би можело да биде заеднички одржлива, иако имаме потпишано меморандуми за соработка со одредени приватни компании кои што на пример се обврзаа да донираат храна, други во други делови да помагаат. Имаме договор со сите училишта овде во Ѓорче Петров за пристап на учителите кои се во нашите општински училишта да бидат вклучени во делот на интеграција и дополнување на наставниот материјал кој го имаат пропуштено, бидејќи овде нема да биде само зона за одмор и рекреација, туку целта е дечињата постепено да се вратат во секојдневните обврски на еден поедноставен начин и да им ги овозможиме ние сите услови за таа цел, вели Стојкоски.

Идејата за ваков центар дојде од невладината организација САНО и нејзината претседателка Марија Вук, кои веќе шест години им помагаат на деца болни од канцер и на нивните семејства.

- Уште на почетокот кога ја формиравме организацијата имавме една цел да имаме еден континуитет. Да почнеме од тоа што е најгорливо – значи, реновирање на одделенијата, едукација на пациентите и нивните родители, соработка со здравствените власти и мислам дека како круна на нашата активност е и овој Центар за рехабилитација на деца кои се лекувани од канцер, вели претседателката на САНО Марија Вук.

Во Регионалниот центар децата кои се лекувале од канцер ќе имаат можност да поминат психосоцијална рехабилитација, да се едуцираат и да уживаат во природните убавини коишто ги нуди селото Кучково и неговата околина.

-Со оглед на тоа дека кога едно дете ќе се разболи не го засега само семејството или само детето, туку и пошироката или потесната заедница на овој објект, неговата првенствена намена ќе биде да ги собере сите оние кои ќе можат на детето да му пружат поддршка да се врати во нормалниот свет, вели Вук.

Првите планови биле да бидат опфатени деца на училишна возраст, па така најнапред ќе се започне со едукација на децата кои го пропуштиле своето образование во училиштата. Ќе има летни кампови, но и преку целата година ќе бидат организирани едукативни содржини со кои децата кога ќе бидат во Регионалниот центар ќе имаат можност да совладаат дел од тоа што го пропуштиле.

-Јавноста знае дека лекувањето на канцерот трае долго, некогаш од шест месеци до две години. Тоа е голем простор, голем временски период, голема загуба како за децата така и за заедницата. Овој Центар ќе се обиде да им го врати тоа на децата и на заедницата. Сите заслужуваат соодветно образование и нов почеток во животот, истакнува таа.

Организацијата САНО соработува со сите невладини организации во регионот кои се занимаваат со оваа тематика, поточно поддршка на децата кои се лекувале од канцер и на нивните семејства.

-Во тие соработки многу често сме дел од разни конференции, но и разни летни кампови на кои учиме вештини со кои им помагаме на децата и на семејствата. Покрај тоа што ќе имаат едукативна програма, тие ќе имаат и ресоцијализација. Ќе има исто така и можност детето кое треба да се врати во училишна клупа после долгогодишното лекување или долгиот период поминат во болница да има можност заедно со своето одделение да поминат еден дел, еден престој во ова училиште каде што ќе имаат можност да научат малку повеќе за себе, објаснува Вук.

Ќе работат, вели таа, да ги прифатат различностите, ќе научат да прифатат дека човек има право да биде болен и да се лекува и да продолжи понатаму со животот.

-Благодарејќи на општината и на сите мештани од селото Кучково, но морам да кажам и граѓаните од Ѓорче Петров убедени сме дека ќе имаме и убава летна сезона па ќе имаме можност да прошетаме заедно со децата по убавините на Кучковските ридишта, шуми, планини. Тоа ќе биде дополнително лекување или благодат за децата, потенцира Вук.

Според последните информации од Клиниката за детски болести во Скопје, поточно од Одделението за хематоонкологија секоја година има нови по околу 40 заболени деца од некој вид канцер.

-Најчесто заболување е акутна лимфопласна леукемија, но се почесто се јавуваат заболувања како тумор на мозокот или некои видови саркоми, кажува таа.

Убедена е дека енергијата и пораката која ја носи овој објект, кој некогаш бил училиште, ќе биде пренесен и на овие деца барем симболично. После 120 години, потенцира претседателката на САНО Марија Вук, се уште цврсто стои и пркоси на сите проблеми кои се јавуваат.

Почетокот на проектот за Регионален центар за рехабилитација на деца кои го победиле канцерот беше одбележан на 4 септември 2023 година, а е поддржан од Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија, се спроведува од Општина Ѓорче Петров и Центар за развој на Скопскиот плански регион.

Тогаш беше објавено дека вкупната вредност на проектот ќе изнесува 23,574,074 денари, од кои 10,380,998 денари требаше да бидат обезбедени од Министерството за локална самоуправа, додека пак 8,435,000 денари преку швајцарската Влада.

54 (педесет и четвртото) издание на фестивалот Златно славејче

Детски песни нека ви го разубават првиот ден од новата година!

Пејте и играјте заедно со златните славејчиња и нивните гости!

Иииии радувајте се и смејте се со нивнот нов другар Сашко Коцев .... и неговите досетки.

54 (педесет и четвртото) издание на фестивалот Златно славејче, на први јануари во 10 часот.

Придружете ни се на ова шарено музичко другарување, на Канал 5!

„Темната страна на Римската историја“ ги обедини германските и македонските археолози

„Темната страна на Римската историја“ ги обедини германските и македонските археолози во Франкфурт .

Археолошките откритија од пред милиони години ни служат да добиеме повеќе одговори поврзани со развојот на цивилизацијата и општествата, со начинот на кој што функционирало човештвото некогаш. Франкфурт, освен што е дом на бројни големи банки и брокерски куќи е и дом на значајни културни институции. Во Франкфурт се сместени три многу значајни институции, кои имаат една заедничка појдовна точка. Сите се занимаваат со археологија и пред се, со грижата за културното наследство - Археолошкиот музеј, Германскиот археолошки институт и Конзерваторската лабораторија во Мајнц.

Во срцето на Европа, во Франкфурт, се наоѓа Археолошкиот музеј, кој има цел да ја истражува, чува и пренесува историјата на овој град, од неолитскиот период до раниот нов век. Делата кои се изложени во овој музеј ги информираат посетителите за културата на цивилизациите од праисториската, римската, средновековната и поновата археологија на самиот Франкфурт, но и на регионот.

Археолошкиот музеј е сместен во Кармелитскиот манастир, но обновен со понова современа архитектура. Всушност, самиот Кармелитски манастир бил изграден во 1246 година. Освен уникатно дизајниран внатрешен простор каде се изложуваат археолошки дела, во рамки на музејот постои и надворешен простор каде се организираат разни музички културни забави.

Археолошкиот музеј - чувар на историјата на градот

Музејот редовно објавува експертски истражувања во полето на археологијата и најновите изложби, во своите публикации кои се достапни до јавноста и на нивната веб-страница.

Токму во овој музеј, на 17 декември беше отворена изложбата на Музејот на Град Скопје насловена „Темната страна на Римската историја“. Таа е резултат на соработката меѓу Музејот на Град Скопје и Германскиот археолошки институт, кои неодамна потпишаа Меморандум за соработка. На отворањето на изложбата присуствуваа повеќе од шеесетина посетители и истата ќе биде поставена до јуни следната година.

Директорот на Археолошкиот музеј во Франкфурт, Волфганг Дејвид во изјава за МИА посочи оти се надева дека до јуни изложбата ќе ја видат над илјада посетители.

-Сега е период на божиќни и новогодишни празници, но сепак изложбата ќе биде отворена до јуни следната година и очекуваме дотогаш да ја видат над илјада посетители. Во текот на годината во музејот имаме околу 50 илјади посетители, оптимист сум дека сите ќе ја видат и оваа изложба. За нас е важно изложбата да биде видлива и да се запознаат посетителите за откритието на масовната гробница во Скупи, порача Дејвид.

Изложбата дава уникатна видливост на масовната гробница на обезглавените римски војници во Скупи во римскиот период и претставува поттик за понатамошното истражување на ова место. Таа беше подготвена од страна на покојната Ленче Јованова, а сега куратор е археологот Игор Кузмановски, кој е и задолжен за локалитетот на Скупи.

Скупи интересна појдовна точка за археолошки истражувања и за Германскиот археолошки институт

Институтот се наоѓа во Франкфурт и постои 120 години. Формиран е во 1902 година, а работи на археолошки истражувања во повеќе региони, вклучувајќи ги Британските острови, Скандинавија, Централна Европа, Балканот, Црното Море..

Иако Институтот постои долг период, со текот на годините, развојот на технологијата го менува начинот на работа. Новиот технолошки развој значително влијае и во работата на археолозите.

Иако одредени археолози најпрвин биле загрижени во однос на развојот на технологијата, сметајќи дека нејзиното влијание е сосема непотребно и во ова поле, сега археолозите, вклучувајќи ги и вработените во Германскиот археолошки институт активно ја вклучуваат технологијата во нивниот процес на работа.

Ласерските скенери, 3Д фотограметрија и напредната дигитализација сега се дел од секојдневниот живот на археолозите.

Претставници од Германскиот археолошки институт во ноември беа во посета на Скопје, каде потпишаа Меморандум за соработка со Музејот на Град Скопје.

Меморандумот претставува прв чекор во воспоставување на соработката што ќе биде на државно ниво меѓу Министерството за култура и Германскиот археолошки институт.

Во рамките на нивната посета во Скопје, тие остварија средба и со претставници од Министерството за култура на Северна Македонија, а го посетија и Скупи, каде што се вршат значајни археолошки истражувања.

Во декември, претставниците од Министерството за култура и туризам на Северна Македонија и директорот на Музејот на Град Скопје, Панче Велков остварија посета на овој Германски археолошки институт во Франкфурт, каде што одржаа состанок и разговараа за евентуална можна соработка, особено во делот на истражувањата во Скупи,

Директорката на Германскиот археолошки институт, Керстин Хофман, во изјава за МИА објасни дека Институтот се занимава со археолошки наоѓалишта во повеќе области, вклучувајќи го и Балканот.

-Германскиот археолошки институт е формиран во 1902 година. Станува збор за стара институција која постои повеќе од 120 години. Работи во интерокултуролошки контекст, се занимава со откритија од романски период, неолитскиот, но и од средновековен период, рече Хофман.

Таа посочи дека се надева на соработка со Северна Македонија во иднина, особено кога станува збор за проучување на Скупи, еден од најважните романски градови на Балканот, а кој денес е значаен дел од културното наследство на нашата земја.

-Ние се надеваме на идна соработка со Северна Македонија. Тука сме да разговараме со одговорните од Северна Македонија, да размениме мислења и идеи поврзани со можно заедничко истражување кое би претстоело во иднина. Мораме да ги разгледаме овие можности. Романскиот период, поточно делот кај Скупи би била наша почетна точка, додаде таа.

Во однос на изложбата насловена „Темната страна на Римската историја“ која е отворена во Археолошкиот музеј во Франкфурт, Хофман рече дека изложбата прикажува импресивни откритија и точно како што кажува насловот, ја прикажува токму темната страна на Римската историја, која што поретко се прикажува во јавноста.

Таа напомена дека се надева и во иднина ќе бидеме сведоци на уште поимпресивни откритии од Скупи.

-Задоволство ми е што изложбата „Темната страна на Римската историја“ е отворена во Франкфурт, затоа што се создадоа можности да размениме мислења и идеи со луѓето од Северна Македонија во врска со овие импресивни откритија, рече Хофман.

Со најсовремена технологија се создаваат копии од значајни археолошки наоди во Конзерваторската лабораторија во Мајнц

Главниот фокус на Конзерваторската лабораторија во Мајнц е да се сочуваат сите археолошки наоди, преку создавање на копии. Како што објаснија вработените во оваа институција, 50 проценти од нивната колекција на наодите се копии. Технологијата со која се изработуваат копии со текот на годините постојано се менувала, но денес најголем дел од копиите се изработуваат од силикони.

Копии на златните и сребрени откритија се создаваат со помош на поинаква технологија, а за објектите кои се со чувствителни површини во лабораторијата имаат посебни 3Д скенери.

Вработените од лабораторијата велат дека мерките за заштита на артефактите се предуслов за нивното зачувување. Тие велат дека во праисторијата дрвото било еден од најчесто користените материјали.

Крајните продукти од оваа лабораторија се достапни и во музеите во Германија.

Она што е посебно значајно за оваа институција е што организираат обуки за студентите од нивната држава, а исто така планираат да го продолжат процесот и да се формираат обуки и за студентите од другите држави.

Претставниците од Министерството за култура и туризам заедно со директорот на Градот Скопје ја посетија и оваа лабораторија, а во рамки на посетата исто така се разговараше за евентуална идна соработка со оваа институција./МИА

притисни ентер