Договорена соработка на МАЕИ и Конзервативната партија на Канада

Претседателот на партијата Македонска алијанса за европска интеграција - МАЕИ, Васил Стерјовски за време на престојот во Канада, се сретнал со Даниел Мејсон, кандидат за пратеник од Конзервативната партија во парламентот на Канада.

- Даниел, кој има македонски корени, има длабоки врски со Егејска Македонија. Од страната на татко му потекнува од село Прекопана, а од страната на мајка му од село В’мбел. Тој е личност со големи вредности и силна посветеност, која заслужува поддршка од македонската заедница во Торонто, која преку него ќе има свој глас во канадскиот парламент, рече Стерјовски за МИА.

На средбата договориле соработка од заеднички интерес помеѓу Конзервативната партија на Канада и МАЕИ.

Исто така информираше дека за време на престојот во Торонто, ја посетил и црквата Свети Климент Охридски – најстарата македонска православна црква надвор од Македонија, која „претставува вистински духовен и културен столб за Македонците во Канада“.

- Оваа црква не само што ги згрижува духовните потреби на македонската заедница, туку е и дом на значајни образовни, културни и добротворни друштва, кои се грижат за зачувување на македонскиот етнички и културен идентитет. Посебно ме радува што Македонците од Албанија активно учествуваат во богослужбите и различни активности во црквата, со што ја зајакнуваат заедницата и ја продолжуваат македонската традиција во Канада, посочи Стерјовски.

Присуствувал на богослужба, а отец Сашо Целески му подарил библија.

Панатинаикос му понуди нов договор и повисока плата на повредениот Лесор

Нов повеќегодишен договор му понуди сопственикот на Панатинаикос, Димитрис Јанакопулос, на францускиот кошаркар Матијас Лесор, кој претходно оваа недела доживеа тешка повреда.

Грчките медиуми јавија денеска дека Лесор е успешно опериран, откако францускиот репрезентативец се здоби со скршеница на фибулата на левата нога на дуелот против Басконија во Евролигата.

Според локалните медиуми, Јанакопулос му понудил на Лесор нов повеќегодишен договор, како и повисоки примања.

Лесор, според пишувањата на медиумите, заработува 1.700.000 евра по сезона.

Не е познато колку изнесува новата понуда на Панатинаикос, но неофицијално, според информациите од Грција, тоа нема да биде помалку од 2.000.000 евра.

Сите патни правци во државава се проодни

 Сите патни правци во државата се проодни. ЈП Македонија пат со целокупната расположива механизација и работна сила е вклучена во расчистување на патиштата, информираат од ЈП за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта.

Сообраќајот на државните патишта се одвива тековно во зимски услови, по влажни коловози, наместа со остатоци од кашест снег после нашата интервенција.

-Исто така на располагање се и фирмите со кои соработуваме како навремено би се справиле со снежните наноси, стои во соопштението.

На одредени патни правци кои поминуват низ клисури и усеци можна е појава на поситни одрони.

ЈП Македонија пат апелира на внимателно управување со возилата, почитување на поставената сообраќајна сигнализација, како и прилагодување на брзината спрема условите на патот.

Дежурните екипи на претпријатието се постојано на терен и ги одржуваат сите патни правци проодни.

Сите подетални информации учесниците во сообраќајот може да се добијат на дежурниот телефон 02 25 61 502.

Националниот комитет на Македонски Концепт избра двајца потпретседатели на партијата

Националниот комитет на политичката партија Македонски Концепт на својата последна седница одржана на 20.12.2024 година ги избра Јасмина Арсовска и Васко Алексовски за нови потпретседатели на партијата.

Јасмина Арсовска е дипломиран економист со долгогодишно искуство во областа на ревизијата, сметководството и финансиското управување. Таа е лиценциран судски вештак и успешен претприемач, посветена на личен и професионален развој.

Васко Алексовски е доктор на науки од областа на клиничката биохемија при Медицински факултет на УКИМ, со повеќе од две децении искуство како раководител на клиничка биохемиска лабораторија. Тој е еден од основачите на Македонски Концепт и активен член на Унијата на Европските Федералисти на Македонија.

На седницата, Националниот комитет го усвои годишниот извештај за работа и завршната сметка за 2024 година, донесе план за работа за 2025 година и одлука за учество на Локалните избори 2025 година. Направени беа и измени на Статутот на партијата.

Со ова, Македонски Концепт потврдува дека останува посветен на своите програмски цели и визија за демократска, европска и напредна Македонија.

Македонски Концепт

притисни ентер