До среда сончево и топло, од четврток облачно а потоа со услови за дожд

 До среда ќе се задржи сончево и релативно топло време со појава на локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за слаба магла или ниска облачност.

Од Управата за хидро-метеоролошки работи најавуваат дека од четврток ќе има зголемена облачност, а во петок и сабота повремени локални врнежи од дожд. Дневните температури ќе бидат во опаѓање.

Улрамаратонците пристигнаа во Нова Градишка, ќе го почнат 17-тиот маратон за Тоше

Маратонците на 17-тиот ултрамаратон во чест на Тоше Проески пристигнаа во Нова Градишка, Хрватска и во попладневните часови ќе го почнат ултрамаратонот кој од Нова Градишка, преку Србија, во Македонија.

Маратонците на 17-тиот ултрамаратон во чест на Тоше Проески пристигнаа во Нова Градишка, Хрватска и во попладневните часови ќе го почнат ултрамаратонот кој од Нова Градишка, преку Србија, во Македонија, на 16 октомври напладне треба да го завршат во Крушево, на 17-годишнината од трагичното загинување на нашата и балканска музичка ѕвезда Тоше Проески. Тоше загина на 16 октомври 2007 година во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, Хрватска.

Маратонците вчера пристигнаа во Загреб, Хрватска. Беа пречекани од претставниците на македонското друштво, а во македонската православна црква во Загреб, ги пречека протојереј ставрофор, отец Кирко Велински и се одржа света литургија за помен на Тоше.

-Му се заблагодаруваме на отец Кирко кој сите овие години ни дава посебна енергија за исполнување на нашата цел. Воедно посебна благодарност и од фановите на Тоше во Хрватска кои не забораваат да ја укажат почита кон Тоше, вели Наум Капричевски кој го води овој ултрамаратон сите изминати години.

Како што информира Капричевски, во 16:30 часот 14-те ултрамаратонци ќе положат свежи цвеќиња на спомен-обележјето посветено на Тоше во Нова Градишка, а од 17 часот ќе го почнат годинашниов Ултрамаратон. Цела Хрватска ќе ја поминат штафетно, низ Србија ќе се возат со возила, и се очекува утре, на 15 октомври околу 13 часот да пристигнат на граничниот премин Табановце и да влезат во Македонија. Утре околу 18 часот, маратонците ќе бидат на плоштадот во Скопје, а потоа од 20 часот го продолжуваат ултрамаратонот. Ќе поминат кај Велес, Градско, Росоман, Прилеп за на 16 октомври, в среда напладне да пристигнат во Крушево. Во родниот град на Тоше ќе бидат пречекани од учениците од основното и средно училиште кои ќе даруваат 500 рози во чест на Тоше Проески. Крајната цел на маратонците е вечното почивалиште на Тоше Проески, споменичното обележје на Гумење во Крушево.

За време на празничниот викенд од ГП Табановце излегле над 29 илјади македонски државјани

За време на празничниот викенд од ГП Табановце излегле над 29 илјади македонски државјани, а влегле над 14 илјади странски.

Над 29.000 македонски државјани излегле од граничниот премин Табановце за време на празничниот викенд, соопштија денеска од МВР. Викендов во државата од северната граница влегле над 14.000 странски државјани.

Според податоците на Министерството на ГП Табановце на 11 октомври, во петокот излегле 20.952, македонски и 14.800 странски државјани. Во саботата фреквенцијата се намалила на излез на 5.946 македонски и на 5.724 странски државјани. Вчера пак излегле 2.528 македонски и 4.514 странски државјани.

Во истиот период, според податоците на МВР на 11 октомври во петокот влегле 3.874 македонски и 4.201 странски државјанин. Во саботата на 12 октомври пак влез оствариле 5.101 македонски и 5.097 странски државјани. Најмногу македонски граѓани влегле вчера над 13.000 (13.635) и 4.718, странски државјани.

Претставата „Рацин“ и на матичната сцена на велешкиот театар

По премиерата на фестивалот „Охридско лето“, во среда, 16 октомври, со почеток во 20 часот,  премиера на матичната сцена на велешкиот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ ќе има  претстaвата  „Р А Ц И Н“, во режија на Дејан Пројков

Драматург е Сашо Димоски, а сценограф Валентин Светозарев, кој го изработи и дизајнот на плакатот.

Костимите се на Раде Василев и Елена Вангеловска, композитор е Сашко Костов, а изведбата на музика во живо е Сашко Костов и Орхидеја Дукова. Кореографијата на сценски движења е на Васил Зафирчев.

Рацин го игра актерот Исидор Јовановски, а неговата сенка Васил Зафирчев. Музата на Рацин Рахилка Раца Фирфова ја игра актерката Талија Настова, а неговата втора љубов Невенка ја игра ,Славица Манаскова.

Мајка му на Коста Солев Рацин, Марија ја игра актерката Весна Димитровска. Во улогата на куршумот кој го пронижа смртно Рацин ќе го видиме актерот Јордан Витанов, во улогата на книга Кети Борисовска, како лист од тутун Кристина Зафирова, а грнчарското тркало Благојче Стојанов, во улогата на перо е Илин Јовановски, а на мастилницата Кети Борисовска. Во улогата на крв, пак, е Орхидеја Дукова. Во улогите на Богомилите ќе настапат актерите Илин Јовановски, Бранко Михајловски и Тодор Стојчевски.

Сите актери ќе настапат во улогите на народот во претставата.

Билетите за оваа претстава се пуштени и можат да се купат на билетарата на велешкиот театар.

притисни ентер