Десет божиќни традиции во Белгија

Божиќните празници во Белгија се чествуваат на различни начини во зависност од регионот и областа, но сепак независно дали е тоа во холандофонската Фландрија или франкофонската Валонија.

Божиќните празници во Белгија се чествуваат на различни начини во зависност од регионот и областа, но сепак независно дали е тоа во холандофонската Фландрија или франкофонската Валонија, постојат традиционални прослави кои го комбинираат заедничкото наследство со уникатните локални карактеристики.

1. Божиќни панаѓури

Божиќните панаѓури е најзначајната традиција низ Белгија, кои ги оживуваат градовите и населените места со празнични светилки и дрвени штандови.

Во Валонија, најпознати се панаѓурите во Лиеж и Монс, карактеристични со нивниот пријатен рустикален амбиент и понудата на рачно изработени производи.

Во Фландрија, приматот го држат панаѓурите во Бриж, Антверпен и Гент, каде празничниот шарм се комбинира со средновековната градска архитектура.

Панаѓурот во Брисел, Зимски чуда, пак, го одразува двојазичниот идентитет на градот, нудејќи празнични прослави и забава и на холандски и на француски и традиции од двата дела на Белгија. Посетителите на панаѓурите можат да уживаат во варено вино, белгиски вафли и локални деликатеси.

2. Бадникова вечера

Бадник најзначајниот празник во текот на божиќните чествувања во Белгија. Тој се прославува различно од регион до регион, но заедничко за сите чествувања е традиционалната бадникова вечера.

Вообичаени предјадења на секоја бадникова вечера се домашно произведена паштета, чаден лосос, остриги и супи.

Главното јадење го сочинуваат полнета печена мисирка, фазан или гуска, а во некои делови од Белгија се преферира дивеч, пред се дива свиња. Месото вообичаено е гарнирано со зеленчук, како боранија, зеље, пашканат или компири подготвени на различен начин.

За десерт традиционално се послужува божиќен ролат со крем од чоколадо и костени или чизкејк.

Јадењата се „заливаат“ со вино или божиќно пиво, а на крајот на оброкот многу често се служи и топло чоколадо.

3. Полноќна миса

Повеќевековна традиција меѓу католичките заедници во Белгија е присуството на полноќната миса по бадниковата вечера.

На мисата се пеат црковни песни со кои се слави Исусовото раѓање, но и се упатуваат благослови за семејна благосостојба.

По мисата, вообичаено семејствата ги продолжуваат чествувањата во своите домови со слатки или други закуски што траат до доцна во ноќта.

4. Дедо Мраз

За делење на божиќните подароци за децата е „задолжен“ Дедо Мраз, кој во франкофонските делови на Белгија се нарекува Пер Ноел, а во холандските – Керстман. Во Белгија, Дедо Мраз не се меша со Свети Никола, кој се чествува на 6 декември.

Валонските деца му пишуваат писма на Пер Ноел со желби за подароците што сакаат да ги добијат, а тој потоа „им ги остава“ под елката во текот на ноќта меѓу Бадник и Божик. Слична традиција постои и во Фландрија, каде децата му пишуваат на Керстман, но во овие делови на Белгија делењето подароци повеќе се врзува со чествувањето на Денот на Свети Никола.

На овој начин Белгијците имаат изградено двојна традиција на уникатно преклопување, при што Свети Никола се чествува како светител, додека Дедо Мраз како личност која се врзува со Бадник и Божик.

5. Новогодишни елки

Како и во многу европски земји така и во Белгија новогодишната елка има централна улога во божиќниот празничен декор. Елките вообичаено се китат во првата недела од декември и се чуваат до Богојавление по Грегоријанскиот календар, односно до 6 јануари.

Традиционално во Белгија најпопуларни за китење се природните елки, но последниве години тие се повеќе „им отстапуваат простор“ на пластичните елки.

Покрај по домовите, новогодишни елки се китат и на градските плоштади, при што култна е елката на бриселскиот плоштад Гран Плаз.

6. Сцени на Христовото раѓање

Поставувањето на сцени со фрагменти од Христовото раѓање е уште една од божиќните традиции во Белгија. Вакви сцени со фигури од Светото семејство, тројцата мудреци, овчарите и животните можат да се најдат во многу домови и цркви.

Во некои делови од Белгија фигурите во сцените на Христовото раѓање се облечени во локални носии, а во целиот амбиент е вклучена и локалната архитектура.

Оваа традиција се толкува како одраз на католичкото наследство на Белгија.

7. Празнични задоволства и десерти

Белгијците се љубители на кондиторски производи, што особено доаѓа до израз за време на Божиќ. Така, традиционално, особено во Валонија, се прави бриош во форма на бебето Исус, кој често се служи со топло чоколадо или кафе.

Неизбежно за божиќните празници е и познатото белгиско чоколадо, од кои се изработени фигури во различни форми како елки, снегулки, Дедо Мраз, Свети Никола, ѕвончиња, ѕвезди...

8. Празнични пијалаци

Топлите пијалаци, како што се топлото чоколадо и вареното вино, се традиционални напитоци во текот сезоната на божиќните празници низ Белгија, но тука се и специјалните божиќни пива.

Топлото чоколадо се прави само од темно или млечно белгиско чоколадо, кое се потопува и се растопува во врело млеко и по желба може да се прелие со шлаг или бел слез.

Кога станува збор за вареното вино, тоа во франкофонските делови на Белгија е по правило поблаго, додека во Фландрија е појако.

Специјалните божиќни пива, како „Делириум Ноел“ и „Сент Бернардус Кристмас Але“, се произведуваат само за божиќните празници и можат да се нарачаат во угостителските објекти или да се купат во маркетите во текот на декември.

9. Адвент

Периодот од 1 до 24 декември е време на Адвентот, кога се одбројуваат деновите до Божиќ, при што со секој изминат ден на децата им се даваат чоколада, бонбони или помали играчки.

Многу белгиски семејства изработуваат и Адвентски венци, кои содржат четири свеќи како симболи за надежта, мирот, радоста и љубовата и секоја од нив се пали во текот на одбројувањето до Божик.

10. Празнични паради и концерти

Празничната атмосфера пред Божиќ е видлива во сите градови и населени места низ Белгија. Во пресрет на празникот се организираат божиќни концерти, често со хорски настапи, и паради, а градовите се осветлени со разнобојни светилки.

Никола Пановски доживеал хорор: Паднал од велосипед пред џип – за малку ќе ме прегазеше

Микробиологот, д-р Никола Пановски на социјалните мрежи пишува за страшен настан кој се случил вчера , што оживеал на една од скопските улици, воедно испраќа апел до возачите, да не се користат мобилните телефони додека управуваат со возило.

Неговиот ФБ статус прочитајте го во целост :

“По тоа што го доживеавме вчера, јас на велосипед и господинот во голем џип, ве преколнувам:

Вчера, 24.12.2024, 11 часот наутро, на раскрницата на ул. Никола Тесла со Илинденска (кај Трибека, и гим. Орце Николов), се движам по ул. Н.Тесла кон Илинденска со велосипед, закачувам за нешто со педалата, минувајќи меѓу колите кои чекаа на црвено, и тротоарот, и паѓам на стомак пред џипот кој чека прв на семафорот. Се испружувам раширен со сите четири на асфалтот, јас напред со рацете, а велосипедот поназад заедно со моите нозе. Таман почна да ми тече крв од нос и се спремав да се исправам, кога шок. Џипот тргнува и ме покрива, таман е толку висок што само ми ја допира мојата голема глава, но ме стиска силно на десниот колк и на десната нога. Јас се дерам, а и многу лица кои чекале на пешачки. Џипот запира и по две секунди (кои траат како вечност), се враќа назад. Не ме прегази само затоа, што прво со нњговото лево предно тркало го прегази задното тркало на велосипедот, па рамот, кој ми ја стисна десната подколеница која беше под рамот. Значи осети отпор и прикочи инаку, јас ќе бев смачкан, а возачот на џипот и да не беше осуден, ќе беше душевно осакатен доживотно. Значи, ако не гледате напред,а гледате во мобилен или на страна можеби под вашето возило во меѓувреме да паднал човек, дете итн.

Да ја завршам случката. За чудо, успеав да станам, целиот згмечен и во прав, крв од носот, очилата летнати (баш нови и скапи), ама ок беа, лаптопот и мобилниот преживејаа, велосипедот во посмртни остатоци, ама ќе се поправи, велосипедот ем ме турна во смрт, ама и ме спаси. Возачот на џипот ме зема во возилото, велосипедот во багажник и ме однесе дома. Го оставив смачканиот велосипед во гаража, се качив на друг и отидов на седница на Совет на Град Скопјев каде што бев и тргнат, истресов прашина и влегов во 11.30, доцнев 10 минути. По некое време гледам дека ме затега ногавицата кај подколеницата. Оток како тениско топче. На пауза отидов дома да се пресиблечам, кога потколеницата се наду како топка, и почнаа силни болки. Не можев ни до вц да одам без помош. Денес сум подобар, сам се движам, десната потколеница е само двапати подебела од левата, вчера беше трипати подебела и не ме боли. Лесни болки во рамо, колк, носот. Утре и ќе излезам од дома, значи ок сум физички, а психички сум се уште во шок, па затоа ја напишав оваа порака до возачите.”

Кортни Кардашијан ги засени сите, па дури и сестра си Ким со костумот Баба Мразица (ФОТО)

Кортни Кардашијан и нејзиниот сопруг Тревис Баркер го прославија Божиќ на интимен и романтичен начин, додека познатата инфлуенсерка изгледаше како вистински Баба Мразица.

За време на оваа посебна вечер, парот сподели среќни моменти со своите фанови преку Инстаграм, покажувајќи колку се вљубени, објави Дејли Меил.

Кортни носеше црвен фустан со бело крзно на здолништето, предизвикувајќи вистинска празнична атмосфера. Додека таа зрачеше како Баба Мразица, Тревис беше поопуштен, во сива блуза и темни фармерки, но и тој со својата појава придонесе за оваа идилична сцена.

Двајцата го украсија својот дом со елка, создавајќи мирна и интимна атмосфера додека седеа на ќебиња и перници, уживајќи во блискоста. Фотографиите ги овековечија нивните нежни моменти, во кои се гушкаа, милуваа нос до нос и разменуваа страсни погледи.

Музиката исто така одигра улога - Кортни и Тревис уживаа во стари плочи, а меѓу албумите што ги слушаа беа „Let It Bleed“ на Ролинг Стоунс и „Nevermind“ на Нирвана. На крајот на вечерта, Кортни сподели посебни моменти на Инстаграм, а сето тоа го комплетираше со песната „Santa Baby“ во изведба на нејзината сестра Ким Кардашијан.

Иако не е јасно дали тие го прославија Божиќ со децата, Кортни и Тревис имаат големо семејство, а сите очигледно уживаа во љубовта и врската во текот на празничната сезона.

Пијан Чех возел во спротивна насока на автопат, му нашле 3 промили алкохол во крвта

Чешката полиција добила неколку повици од вознемирени возачи кои пријавиле дека возило се движи во спротивна насока на автопатот Д55.

Патролата веднаш реагирала и го запрела белиот „пасат“, нешто пред полноќ, откако неколку километри се движел во погрешна насока меѓу Отроковица и Кромјержиж.

На органите на редот прво не им било јасно дали 44-годишникот се изгубил или се обидел да најде краток пат, пренесува Билд.

Автомобилот бил запрен во близина на градот Хулин, а возачот бил алкотестиран. Направата покажала речиси три промили, соопшти полицијата.

„Ги замолуваме сведоците и учесниците во сообраќајот кои биле загрозени од возачот да се јават кај надлежните на бројот 158“, изјави портпаролот на полицијата Радомир Шишка.

На неименуваниот маж му се заканува казна затвор до една година поради возење во пијана состојба, а во секој случај нема да вози долго време.

притисни ентер